Обраќање на божиќниот концерт „Божиќ Слава - 2015'
Среда, 07 Јануари 2015   

bozikj_koncert1Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски, Ваше Блаженство г.г. Стефан,
Почитуван Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Почитувани првосвештеници,
Почитувани присутни,
Почитувани верници,

На овој голем христијански празник кога нашите домови и нашите срца ни се полнат со љубов, хармонија, спокој, меѓусебно разбирање, радости, со мир во душата ве поздравувам со празничниот христијански поздрав

ХРИСТОС СЕ РОДИ, навистина се роди!

Драги верници,

Во вечерата на првиот Божиќ, кога ангелите се појавија на небото и ја пееја најубавата Божиќна песна, објавувајќи го и славејќи го Христовото раѓање, „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја", се појави надежта за човекот. Се роди Синот Божји, кој зеде човечки облик и кој ја поврза Божјата и човековата природа правејќи ја таа врска нераскинлива и за навек.
Нека овој празник не исполни со добра мисла, да не поттикне да правиме што повеќе добри дела, да се натпреваруваме во добрина, како што често вели мојот сопруг.

Почитувани присутни,

Божиќ е момент кога едни на други си посакуваме исполнување на желбите, на она што вистински го посакуваме, она што ни недостасува, и она што не прави радосни, ни дава мир и спокој, пристоен живот за нас и нашите најмили. Воедно, во овие празнични денови треба да се помолиме пред Бога и за немоќните, слабите, изнемоштените, обесхрабрените, неутешните и за нив да побараме Божја милост и благослови.

bozikj_koncert2Христовото раѓање ги успокои изморените и обременетите, им даде надеж на безнадежните, ги исцели скршените по срце и им донесе радосна вест на сите луѓе.

Денес, ние сме радосни бидејќи се потсетуваме на Божјата љубов, Неговото простување и на Неговата милост. Денес, ние сме благодарни за Господ Исус Христос, кого пророците го навестуваа, за кого псалмистите пишуваа и кого луѓето го очекуваа.

Драги присутни верници,

Заедно со нашите зборови кои ја имаат силата да ја искажат благодарноста кон Бога за секоја негова помош, утеха, милост, поткрепа, најчесто го користиме и универзалниот јазик на нашите срца, нашите души и всушност на целото човештво, музиката.
Затоа, со особено задоволство ја прифатив поканата да бидам покровител на Божиќниот концерт на единствениот женски хор со женски диригент во Република Македонија, хорот „Св. Злата Мегленска", кој ја прослави Република Македонија низ Европа и светот.

Ве поканувам сите заедно да ја слушнеме и да ја почувствуваме Божиќната порака која хорот „СВ. ЗЛАТА МЕГЛЕНСКА", византискиот хор „ХАРМОСИНИ" и детскиот хор „ХЕРУВИМИ" оваа вечер на свој посебен начин ќе ја пренесат до сите и за сите нас.

Со тие зборови, на самиот крај, уште еднаш би сакала да ве поздравам со пораката – Христос се роди! Навистина се роди!

Нека ни е честит Божиќ!

За многу години!
bozikj_koncert3

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal