|
Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-а Маја Иванова денеска во Домот на АРМ присуствуваше на отворањето на првото издание на филмскиот фестивал за деца, насловен „Наш мал фестивал“, кој се одржува под нејзино и под поровителство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Фестивалот, во организација на „Наше маало“, свечено го отвори министерката за култура, а присуствуваа и бројни ученици, наставници и родители.
Овој прв детски филмски фестивал нуди програма која интегрира голем број едукативни работилници, проекции на детски филмови и забавни содржини, и која низ неформална едукација на најмладите ќе им го доближи филмот, музиката, ликовната уметност, и сите останати сегменти и видови на култура.
Како што посочи министерката Канческа-Милевска, овој едукативен филмски фестивал, реализиран преку Годишниот конкурс на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес, ќе го пополни недостатокот од редовна програма на филмови за децата, преку исклучително внимателна селекција на филмови за деца од европската продукција.
„Нашиот мал фестивал“ е исто така поддржан и од неколку општини и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

|