There are no translations available.
Македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов денеска се обрати на 13-тата Меѓународна конференција „Балканот во Европа и светот во 21 век“ во организација на Балканскиот политички клуб, при што нагласи дека Европската унија не може да биде целосна без Балканот.
Претседателот Иванов потсети дека пред само 10 години Балканот излезе од една траума која предизвика чувствуво на голем песимизам и неправда, но за само 10 години поголем дел од земјите на Балканот се членки на НАТО, членки на ЕУ или кандидати за членство во Унијата.
„Европската идеја беше таа што придонесе доброволно да ги менуваме нашите системи, да воспоставуваме европски критериуми, принципи и вредности. НАТО ни овозможи да поставуваме стандарди кои ќе ни го донесат мирот на Балканот. Така што, иако денеска повторно постои доза на песимизам за иднината на тие што останавме надвор од НАТО и ЕУ, треба да се вратиме назад, да видиме што се случи овие 10 години, за да видиме дека следните 10 години навистина нé очекува еден процес кој не е запирлив. Тоа е процес, никогаш не завршува. Јас спаѓам во тие што не се ниту песимисти, ниту оптимисти. Јас сум реалист. Ја гледам состојбата каква што е,“ нагласи Претседателот Иванов при своето обраќање на Конференцијата.
Тој додаде дека сега има и други предизвици. Самата Унија се соочува со внатрешни предизвици, последици од економската криза, која откри отсуство на мехнизми за справување со вакви проблеми бидејќи порано ги немало. Иванов нагласи дека Унијата исто така се соочува и со отсуство на модел за интеграција на мигрантите кои се повеќе ги има во европските земји.
„Европа на некој начин е изненадена од настаните во Северна Африка и влошувањето на состојбите на Блискиот исток. Тоа укажува дека понекогаш треба да размисуваме надвор од нашите вообичаени претстави и треба да учиме од искуства кои сме ги имале во минатото,“ рече македонскиот претседател.
Тој подвлече дека секогаш ја промовира идејата дека Балканот знае и поинаку да се однесува, а на „тоа не учи минатото“.

„И постојано истакнувам историски факти кои сме ги заборавиле а кои стојат во целата пишувана човекова историја која се протега наназад до 3.000 години, вклучувајќи ги и митовите и легендите пред тоа. Во тие 3.000 години на планетава, 2.700 години биле војни и конфликти. Светот само 300 години живеел во мир. И сега доаѓа тој најголем парадокс: најголеми периоди на мир биле на Балканот и на Блискиот исток. Тоа се Pax Romana и Pax Ottomana. Од тоа можеме да научиме дека несомнено ни претстои Pax Europeana. Затоа што самата европска идеја е мировен проект и ние од Балканот треба постојано да ги предупредуваме нашите партнери во Брисел дека нас на Балканот ни треба таа првобитна идеја на Европа - Европа како мировен проект. Затоа што кога има мир тогаш сите состојби сосема се менуваат,“ истакна Претседателот Иванов.
Според него, на Балканот му треба нова инфраструктура за да се поврзат луѓето и економиите. На Балканот му треба нова енергетска сигурност и колективна безбедност, затоа што заканите денес се глобални и не можеме сами да се справиме со она што е меѓународен тероризам. Претседателот Иванов додаде дека не можеме сами да се справиме ниту со глобалните ризици кои постојат на планетарно ниво, како што се климатските промени, затоа што земјотресите и поплавите не се ограничени со државните граници.
„Европската унија треба повторно да ја ставиме во погон за Балканот. Еден наш пријател метафорично вели дека Европа е како птица, мора да лета. Но птица не може да лета ако едното крило и е скршено. Европската унија како проект ќе биде заокружен кога ќе стане Европа. Сега Европската унија не е целосна Европа. И недостасува дел,“ рече Претседателот Иванов додавајќи дека затоа треба да го вопоставуваме она што се бара од нас со цел нашите правни, економски и социјални системи да бидат компатибилни, за да влијаеме на оние кои ќе дојдат после нас.
„Мора секогаш да мислиме на оние што доаѓаат после нас. Затоа што она што се постигна во последните 10 години навистина е успех и не смееме да го гледаме премногу критично. Очекуваме следните 10 години да бидат уште поуспешни, да живееме во мир, затоа што мирот е најскапото нешто во човековиот живот,“ заклучи Претседателот Иванов во денешното обраќање на Меѓународната конференција за Балканот што се одржува во Софија.