There are no translations available.
„Во бизнисот најважен не е ниту капиталот, ниту искуството. Најважни се идеите до кои се доаѓа само со отворен ум. Затоа, сметам дека нашиот најголем ресурс се нашите граѓани со нивната работливост, иновативност, креативност и посветеност. А наша најголема одговорност е преку образованието да го култивираме духот на отвореност, инвентивност, решителност,“ истакна Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов пред учесниците на Меѓународната конференција за претприемништво, иновации и регионален развој што под негово покровителство се одржува во Охрид.
Претседателот Иванов укажа на последиците од светската економска криза што, како што рече, сеуште се чувствуваат, притоа посочувајќи на потребата за поддршка на работата на малите и средни претпријатија како носители на економскиот развој на секоја успешна земја.
„Од средбите со македонските стопанственици увидов дека постои потенцијал за развој на нивните бизнис-идеи, а со тоа и на економијата на државата. Особено ме радува фактот што овој иновативен дух е се повеќе присутен кај стопанствениците од помладите генерации,“ рече Претседателот Иванов, забележувајќи дека динамичноста на македонската економија може да се достигне, зајакне и одржи само преку меѓусебна соработка на државните институции со бизнис секторот и стопанските комори.
Според претседателот Иванов, првиот чекор кон освојување на иднината се иновациите. „Наша цел е Република Македонија да стане земја на иноватори и иновации. Наша цел е во Македонија да создадеме економски амбиент во кој малите и средните претпријатија ќе се натпреваруваат преку создавање нови и идеи кои ќе се преточуваат во производи и услуги. На нас останува да создадеме поволни услови, каде наместо 40 ќе се патентираат 4.000 пронајдоци. Да создадеме држава во која иновациите нема само да ги менуват нашите животи, туку ќе бидат
начин на кој живееме,“ нагласи Претседателот.
Џон Клакстон, Генералниот директор на Одделот за истражување и иновации при Европската комисија, кој исто така се обрати на отварањето на Конференцијата, посочи на стратешките одределби на Агендата „Европа 2020“ насочени кон обезбедување одржлив економски развој, базиран врз знаење, кој истовремено ќе биде инклузувен и во полза на сите, а не само на бизнис-елитата. Како еден од начините за поттикнување на иновативноста во Европската унија, Клакстон ги посочи финансиските програми за развој, односно предвидените 53 милијарди евра интервентни финансиски средства за периодот до 2014 година, од кои четири милијади се насочени директно за развој и поддршка на малите и средните претпријатија.
Во оваа прилика Претседателот д-р Ѓорге Иванов ја додели и првата награда од Националниот натпревар за најдобри бизнис планови изработени од ученици од средните училишта, кој годинава беше организиран по четврти пат. Првата награда ја понесе СОУ „Јане Сандански“ од Струмица за бизнис планот насловен „Алум Македонија“. Во натпреварот земаа учество повеќе од 30 училишта, со вкупно 34 бизнис планови. Оваа практика се покажа како еден ефективен начин за поттикнување на претприемништвото во Македонија уште од најраната возраст.
На маргините на Конференцијата Претседателот Иванов, оствари средба и со Претседателот на Европската академија за науки и уметност, Феликс Унгер, кој меѓудругото упати критика на адреса на Брисел, поточно бирократските препреки со кои се соочуваат младите претприемачи во нивните обиди да дојдат до финансиска поддршка за реализација на своите креативни идеи. На средбата присуствуваше и Претседателот на Црногорската Академија на науките и уметностите Момир Ѓуровиќ, како и македонските академици Бојан Шоптрајанов и Радмил Поленаковиќ.
Претседателот Иванов оствари средба и со д-р Шајлендра Вјакарнам, Директор на Центарот за претприемничко учење, Универзитет Кембриџ. Професорот Вјакарнам со својот тим и во соработка со претпримачи, преку Центарот нудат курсеви со кои се охрабруваат, информираат и поддржуваат студентите на Универзитетот да навлезат во водите на претприемништвото.
Четвртата Меѓународна конференција за претприемништво на тема „Од претприемачко учење до иновации и регионален развој“ што ќе трае до сабота, ја организира Националниот центар за иновации и претриемачко учење. На Конференцијата ќе присуствуваат претставници на Европска комисија, Светска банка, Европска академија на науки и уметности, МАНУ, повеќе универзитети меѓу кои и еминентните од Кембриџ, Оксфорд, Рим, Берлин, Виена, Вашингтон, Катар, Белград, Загреб, Љубљана, Грац, Солун, Софија ..., регионални агенции, бизнисмени од земјата и од странство.
Покровители на Меѓународната конференција за претприемништво се и Европската академија на науки и уметности, Македонската академија на науки и уметности и Европскиот совет за мал бизнис и претприемништво.