There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов придружуван од Началникот на Генералштабот на АРМ, Генерал-потполковник Мирослав Стојановски и Заменик - министерот за одбрана Емил Димитриев, оствари средба со старешините и питомците на Воената академија „Михаило Апостолски“. По обиколката на просториите во кои се одвива наставата и одржаното предавање, Претседателот Иванов оцени дека Воената академија прераснува во регионален центар за едукација, задоволувајќи ги сите стандарди на една високообразовна установа, но и сите НАТО стандарди.
Во контекст на актуелното прашање за избор на нов Началник на Генералштабот на АРМ, Претседателот нагласи дека во тек се сериозни консултации околу изборот, постапката ќе биде транспарентна, а на функцијата ќе биде именуван кандидатот што ќе ги иполнува критериумите на НАТО.
„Сите разговори со генералите беа во функција да се создаде профилот на идниот Началник. Значи, не разговаравме за личности, туку за критериуми кои Началникот на ГШ на АРМ треба да ги исполнува, вклучително и критериумите на НАТО, кои ние како земја кандидат за членство во НАТО имаме обврска да ги исполнуваме. Сè ќе биде транспарентно, ќе продолжат консултациите и со Министерот за одбрана и со сегашниот началник и ќе настојуваме тој процес да се одвива како што доликува,“ рече претседателот Иванов.
Претседателот Ѓорге Иванов исто така изјави дека очекува да се исполнат ветувањата на унгарското претседателство, и одредувањето датум за почеток на преговорите за членство на Република Македонија да се најдат на агендата на ЕУ. 
„Јас секогаш сум реалист. Очекувам ветувањата да бидат исполнети. Тоа што го вети унгарскиот премиер Орбан, го кажа и на конференцијата во Брисел. Тие настојуваат Македонија да ги почне преговорите бидејќи ги исполнува сите услови,“ посочи шефот на државата одговорајќи на новинарско прашање дали е можно Македонија да добие датум за преговори со ЕУ во јуни за време на унгарското претседателство и по најавата за расправа во германскиот Бундестаг за македонската евроинтеграција.
На прашање дали Македонија се врти кон исток следствено посетата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и најавата за кинески инвестиции во Вардарска долина, д-р Иванов посочи дека таквите поделби денес веќе не се основани, а државата мора да ги следи современите текови.
„Ние сме се определиле за нашите стратешки цели - ЕУ и НАТО, но не можеме да ги запоставуваме односите кои ги градиме со другите земји. Мора да градиме политика на отвореност кон сите и да го бараме нашиот интерес. Нашите производители имаат интерес од пазари, нашите граѓани имаат потреба да комуницираат со светот,“ изјави Претседателот Иванов по денешната посета на Воената академија „Михаило Апостолски“, каде како врховен командант на вооружените сили присуствуваше и на заеднички ручек со питомците на академијата. Следејќи ги традициите, на менито секако беше војничкиот грав.