There are no translations available.
Претседателот на Република Македониај д-р Ѓорге Иванов денеска во Охрид ја отвори петтата Конференција на Началниците на Генерал-штабовите на армиите од балканските земји. Обраќајќи се пред учесниците на собирот Претседателот Иванов изрази уверување дека соработката во областа на безбедноста се темели врз споделени вредности, интереси и приоритети и дека континуирано и посветено се надградува преку заедничките обврски, задачи и одговорности.
„Пред една деценија и на Балканот се роди нов дух на соработка. Напредувајќи кон интеграциите, Балканот престана да биде хроничен извозник на нестабилност и наместо тоа, градејќи ја својата безбедност, стабилност и градејќи го сопствениот мир, се трансформира во активен придонесувач кон регионалната и пошироката безбедност и стабилност,“ рече Претседателот Иванов.
Тој изрази задоволство што балканските лидери во изминатите десет години, мотивирани од заедничката европска агенда, со намера на своите жители да им обезбедат слободен, безбеден и квалитетен живот, свртија нова страница од заедничката историја. „Верувам дека прифаќајќи ја идејата за обединета Европа, ние најдобро се бориме за европските вредности и идеали, за слободата, демократијата и владеењето на правото. Убеден сум дека само така Југоисточна Европа ќе го најде своето вистинско место во системите на колективната безбедност и одбрана, а само така Европа ќе биде вистински стабилна,“ истакна меѓу другото Претседателот Иванов.
Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Мирослав Стојановски, од своја страна истакна дека форумот во Охрид претставува одраз на заедничките напори за зајакнато партнерство според стратегискиот НАТО концепт, но и остварување и промоција на одржливата регионална безбедност и стабилност. Токму затоа, како што истакна тој, собирот во Охрид се вреднува како исклучителна алатка за регионално интегрирање на националните способности и капацитети и зголемена поддршка кон взаемната кооперативна безбедност.
„Континуитетот во соработката, но и проширувањето на истата во нови домени претставува суштинска потреба и неминовност или, ако сакате, современо настојување на здруженост и сеопфатност кое единствено ќе може да одговори на модерните безбедносни предизвици и асиметрични закани,“ рече Генерал-потполковник Стојановски. 
Тој нагласи дека координацијата, постојаното надградување, дополнување на постојните регулативи за Конференцијата на началниците на генералштабови на балканските земји, унапредувањето на меѓуармиските комуникациски можности и спроведувањето на заедниките обуки, образование и вежби, несомнено ќе придонесат за унапредување на безбедноста на регионот и јужното крило на НАТО и ЕУ, оценувајќи дека заедничките напори ќе го подобрат степенот на одбранбена подготвеност и ќе ги унапредат способностите и капацитетите за одговор на вонредни околности и кризи.
На Конференцијата во Охрид учествуваат началниците на ГШ на вооружените сили (ВС) на Македонија, на Албанија, на ВС на Босна и Херцеговина, на Бугарија, замениците на НГШ на Грција, на Романија, на Србија, командантот на третата Турска армија, како и НГШ на ВС на Црна Гора.
Како гости на собирот присуствуваат заменик-претседавачот на Воениот комитет на НАТО, командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, заменикот на директорот за планирање на командата на силите на САД во Европа, заменикот на НГШ на ВС на Словенија и заменикот на НГШ на ВС на Хрватска.
Балканската конференција на началниците на генералштабови, претставува резултат на иницијативите и заложбите за зајакнување на соработката помеѓу државите во регионот, кои имаат за цел промовирање на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.
Во фокусот на петтата конференција на НГШ на армиите од балканските земји е зајакнувањето на соработката на полето на обуката и вежбите, јакнењето на добрите меѓусоседски односи, како и продолжување на започнатите процеси за взаемно справување со современите безбедносни предизвици, иницирани на претходните конференции.