|
There are no translations available.
Ризикот од катастрофи е реалност на денешницата, но и реална закана за иднината, која може да се отстрани само со исполнување на обврските и заложбите кон кои се обврзаа нашите влади во изминатите децении. Најважна обврска на оваа генерација е на идните поколенија да им остави помалку ранлив свет.
Ова го истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во обраќањето пред учесниците на отворањето на Третата сесија на Глобалната платформа за намалување на ризици од катастрофи која се одржува во Женева.
Претседателот Иванов изрази увереност дека координираниот пристап за намалување на ризиците од катастрофи, за адаптација кон климатските промени и за одржлив равој, преку интегрирани политики и усогласени практични чекори, е најважен влог за побезбедна иднина.
„Република Македонија разви национална платформа за намалување на ризиците од катастрофи. Македонскиот модел кој е заснован врз холистички пристап води до ефективно и ефикасно намалување на ризиците преку интегрирање на расположливи и соодветни капацитети и ресурси на сите административни нивоа, овозможувајќи да се интегрира намалувањето на ризиците од катастрофи во нашите национални стратегии, политики, планови и законодавство,“ истакна Претседателот Иванов.
Тој посочи дека Македонија ги прифатила со голем ентузијазам и посветеност обврските кои произлегуваат од претседавањето со Европскиот форум за намалување на ризиците од катастрофи за 2011 година.
„Во текот на македонското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа во периодот 2012-2013 година, иницирав организирање самит за земјите од ЈИЕ кој би се фокусирал на зајакнување на регионалната соработка во овој контекст. Очекувам дека оваа средба ќе ја подигне регионалната свест и одговорност за проблемите и предизвиците кои не познаваат граници, а чии последици се наша заедничка грижа,“ додаде Претседателот Иванов.
На Третата сесија на Глобалната платформа за намалување на ризици од катастрофи на тема „Ивестирај денес за посигурно утре - зголемено вложување во локалната акција“, присуствуваат 2.000 учесници од светот меѓу кои лидери, експерти, креатори на политики, владини претставници, претставници на меѓународни организации, невладини организации, итн.
Шефот на македонската држава пред отворањето на сесијата се сретна со Специјалниот претставник на Генералниот секретар на ООН за намалување на ризици од катастрофи, Маргарета Валстром.
|