There are no translations available.
Мора да се свртиме кон регионот, меѓу себе да комуницираме, да си помагаме. Мигрантската криза беше шанса за соработка со сите земји на Коридорот. Предизвиците не се решаваат со бирократија и дипломатија, туку со менаџирање, истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на состанокот на регионалната бизнис иницијатива „Самит 100", што се одржа во Сараево.
Во своето излагање на пленарниот панел „Нов договор за ново време" претседателот Иванов рече дека е неопходна зголемена регионална соработка во сите сфери од заеднички интерес, како предуслов за попросперитетен, побезбеден и поуспешен регион кој мора да се интегрира во евроатланските структури. Посочи дека сите земји од регионот, пред се, треба да се свртат кон подобрување на инфраструктурата, економијата, енергетските проекти и кратење на бирокатските процедури. – Имаме потенцијал, остануваме оптимисти со искуство, односно реалисти, рече претседателот Иванов.
Во однос на мигрантската криза, укажа на фактот дека милион бегалци поминаа низ нашата територија и оти ние сами како држава го решававме проблемот. - Додека Брисел размислуваше која акција да се преземе, ние донесовме одлука да прогласиме кризна состојба, да ја пратиме војската на границата и да регулираме проток. Кризата беше шанса да соработуваме со сите земји на Коридорот. Тоа беше позитивен пример како треба да се справиме со овие предизвици, истакна претседателот Иванов.
Македонија, која не е ниту во НАТО, ниту во ЕУ, додаде тој, требаше да ја спасува Европската унија од самата ЕУ. Македонија, како што рече, ја чува оградата и не дозволува мигрантите да одат во ЕУ. Според него, ОН, ЕУ, НАТО и ОБСЕ останале во 20 век, не се снаоѓаат во 21 век.
- Македонија е школски пример за неуспешноста и на ЕУ и на НАТО. Македонија е школски пример како не треба да се однесува ниту НАТО ниту ЕУ кон земја кандидат. Станавме колекционери. Имаме 17 акциони планови за членство во НАТО, за во гинис, нема ниту една земја каде што повеќе е проверувана армијата од македонската армија, истакна претседателот Иванов, кој по оваа изјава беше поддржан со силен аплауз од колегите од регионот.
Говорејќи за односот на Европската унија кон Македонија, рече дека досега имаме седум препораки за почеток на преговори, а нула промена.
- Стоиме во место. Зошто, затоа што судбина ни било да имаме сосед со кој не може да излезе на крај ниту цела Европска унија, ниту целиот свет. Се вика Грција. А, сакаат ние со нив да излеземе на крај, да најдеме решение за нешто што е наш идентитет и наша посебност, да менуваме име, идентитет, јазик, топоними... Кој ќе каже дека Тга за југ не е македонски бренд, кој ќе каже дека музика од Македонија не е македонска музика, дека ајварот не е македонски продукт. Сакате сето тоа да ни го земете. Не го даваме. Ние го споделуваме и даваме да го користите како нешто што е придобивка на сите генерации пред нас и да го сочуваме за генерациите после нас, истакна претседателот Иванов во панел излагањето.
Според него, треба да се решаваат билатерални проблеми, но тие да се рационални, реални. Ги информира присутните дека независно од политичките односи, Македонија има одлични економски односи со Грција.
- Не е точна тезата дека нерешавање на билатерални проблеми не создаваат економски односи. Најдобри односи имаме со Грција. Имаме преку 200 чисти грчки компании, а преку 400 мешани. Само македонските туристи секоја година во Грција оставаат една милијарда евра, во туризам и шопинг, а првите шест грчки компании имаат обрт преку една милијарда. Извонредни односи имаме со грчката бизнис заедница. Но, естаблишментот во таа држава останал во 20 век, кога зборува за страв од Македонија, рече претседателот Иванов.
Воедно, македонскиот претседател истакна дека „Самит 100" е одлична можност за претседателите на државите од регионот да ги слушнат потребите и очекувањата од бизнис лидерите, претприемачи и стопанственици од цела Југоисточна Европа, бидејќи смета дека синергијата меѓу бизнис-заедниците и државите е особено неопходна денес. За таа цел тој ја истакна улогата на бизнис-соработката, како придонес кон успехот за целиот регион.
Претседателот Иванов упати покана до присутните на Самитот наредната година да бидат во Македонија, бидејќи тогаш нашата држава ќе биде домаќин на Брдо-Бриони процесот.
На регионалниот „Самит 100", покрај претседателот Иванов учествуваа и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишани и на Косово Хашим Тачи.
На самитот учествуваа и бизнис лидерите и истакнати претприемачи и стопанственици од Југоисточна Европа, а главни теми на дискусија беа одржливото снабдување со енергија, моделот на циркуларна економија, брендирање на регионот, транспорт и инфраструктура, создавање работна сила на иднината и кластер на автомобилската индустрија. Од Македонија беа присутни компаниите Алкалоид, Тиквеш и Стопанска банка Битола.
На „Самит 100", претседателот Иванов беше придружуван од министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф.
Овој Самит во 2011 година заеднички е инициран од Хрватска, Србија и Словенија со цел на едно место да се претстави добрата бизнис пракса и истовремено да зајакне соработката која би отворила простор за нови развојни проекти и инвестиции во регионот.
Претседателот Иванов во Сараево утре ќе учествува на состанокот на „Брдо-Бриони Процесот", на кој, покрај лидерите на државите од регионот, специјален гостин ќе биде претседателот на Италија, Серџо Матарела.
На состанокот на лидерите на „Брдо-Бриони Процесот", претседателите ќе разговараат за актуелните состојби во регионот, евроинтеграциите и проширувањето на Европската унија, како и за унапредување на регионалната соработка.
