News
prm_abdulazis_1
Средба на претседателот Иванов со Високиот претставник на ОН во Алијансата на Цивилизациите г-н Ал-Насер
Tuesday, 07 June 2016 11:47
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со Високиот претставник на Обединетите нации во Алијансата на Цивилизациите, Н.Е г - н Насир Абдулазиз Ал - Насер.

На средбата беше разговарано за улогата на Алијансата на Цивилизациите во справувањето со глобалните предизвици, како и за неопходноста од унапредувањето на  дијалогот и соработката помеѓу  државите, но и помеѓу недржавните актери во насока на имплементација на целите на Алијансата.

Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека како никогаш досега, светот има потреба од една ваква благородна мисија.

„ Република Македонија има исклучително активна улога во Алијансата на Цивилизациите и  секако, има што да и понуди. Во време на сериозни глобални предизвици, Алијансата треба да ги интензивира своите активности и да се фокусира на превентивниот аспект во делувањето", истакна претседателот Иванов.

Г-н Ал-Насeр, кој на покана на претседателот Иванов е во посета на нашата земја и вечерва ќе присуствува на панел дискусијата "Улогата на Алијансата на Цивилизациите на ОН во справување со сегашните и идните глобални предизвици" која е во организација на Фондацијата Алијанса на Цивилизациите, искажа висока почит и упати честитки за личниот ангажман и посветеноста на претседателот Иванов , како и за придонесот на Република Македонија во Алијансата на Цивилизациите на Обединетите нации.

" Вашите идеи и размислувања се високо ценети во рамките на Алијансата. Вас ве препознаваат како искрен пријател и поддржувач на оваа глобална иницијатива на Обединетите нации, која иако сеуште млада, веќе дава резултати", истакна Ал-Насер, кој воедно на средбата го информираше претседателот Иванов и за Самитот во Баку, како и за приоритетите на Алијансата на Цивилизациите на Обединетите нации за наредниот период.

Двајцата соговорници изразија подготвеност да продолжи и да се интензивира во наредниот период тесната соработка помеѓу Република Македонија и Алијансата на Цивилизациите на Обединетите нации.
prm_abdulazis_3 

PSJIE
Иванов: ПСЈИЕ придонесе за дијалог и помирување во регионот
Wednesday, 01 June 2016 11:07
There are no translations available.


Proces_za_sorabotka_JIEДваесет години од формирањето на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) беа одбележани денеска во Софија со Самитот на шефови и влади на земјите членки на иницијативата на кој учествуваше претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Самитот, насловен „ПСЈИЕ - 20 години клуч кон регионална соработка" е всушност последниот настан што се организира во рамки на бугарското претседателство со ПСЈИЕ, кое од денеска го презема Хрватска.

Македонскиот претседател Иванов изјави дека главната порака од јубилејот од основањето на ПСЈИЕ се праќа до младите во регионот дека своите очекувања може да ги остварат во регинот. Членки на ПСЈИЕ се 13 држави од регионот, што во бројки би значело околу 150 милиони жители.

- Со самото тоа што овој Самит се држи во еден иновативен парк (Софија Тех Парк) се праќа порака до младите дека своите очекувања може да ги остварат и тука, а не да одат и своите знаења да ги пренесуваат во развиените земји. Ова е еден симболичен почеток и рестартирање на еден процес, кој е многу попрагматичен и директен затоа што се занимава со прашања како инфраструктура, енергија, меѓусебно поврзување, проекти од кои имаат корист целиот регион, рече Иванов.

Овој процес, како што додаде македонскиот претседател, доведе до дијалог и помирување меѓу државите, враќање на довербата и комуникација на сите што живеат во регионот.

Претседателот Иванов во обраќањето на Самитот, како што информира неговиот кабинет, ја реафирмирал македонската позицијата дека и понатаму останува активен и конструктивен партнер во регионалното опкружување и дека е силно посветена на промоција на принципите на добрососедство и помирување во регионот. Македонија се залага за продлабочена регионална соработка, поврзување на регионот преку развивање и модернизација на инфраструктурата што би поттикнало зголемен економски развој, трговија и привлекување на странски инвестиции.

На отворањето, домаќинот на Самитот бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, истакна дека единствен пат кон мирот и просперитетот во регионот е патот на соработката, партнерството, на владеењето на законите и човековите права и слободи.

Европа денес, според бугарскиот претседател се соочува со рекорден број кризи, кои имаат силно влијание врз нашиот регион, и посочи дека само заедно можат да се најдат правилни решенија.

prm_izjava_2- Нашиот регион е незаобиколлив фактор на геополитичката сцена, а земјите од регионот се посилни, поконкуретни, поатрактивни за инвеститорите и можат да осигураат мир и просперитет за своите народи, рече Плевнелиев.

Тој посочи дека пред 20 години БДП-то на земјите во ЈИЕ беше 440 милијарди евра, а денеска тој е трипати повеќе. Доколку се одржи ова темпо на развој, по пет години БДП-то на регионот ќе достигне 1.600 милијарди евра, а тоа како регион ќе не стави во групата на првите десет светски економии.

Европската интеграција на регионот помогнала многу за соработка во регионот, но и за други развојни цели како изградба на инфраструктура, трговија и развој, производство.

На самитот, чиј домаќин е бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, учествуваат и претседателите на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Косово Хашим Тачи, на Молдавија Николае Тимофти, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ, премиерот на Романија Дацијан Циолош, заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер и на генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.

Земјите членки на Процесот се очекува денеска да усвојат јубилејна декларација по повод дваесетгодишнината, која треба да ја отслика улогата на ПСЈИЕ како клучен политички формат за одржливо партнерство во Југоисточна Европа и водечка платформа за европска и евроатлантска интеграција. Лидерите разменуваат мислења за регионални прашања, за демократијата, за безбедноста, за миграцијата, за енергетската сигурност, евроатланската интеграција, а ќе биде отворена и изложба на фотографии – „20 години ПСЈИЕ".

Формирањето на ПСЈИЕ се случи во Софија во 1996 година, кога е усвоена Декларација за добрососедски односи, стабилност, сигурност и соработка на Балканот.
Proces_za_sorabotka_JIE_01

isa
Претседателот Иванов лауреат на меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ“ за 2016
Monday, 30 May 2016 00:00
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов е добитник на годинашната меѓународна награда „Иса бег Исаковиќ, што Босна и Херцеговина секоја година ја доделува на европски државници.

- Оваа награда ја примам како признание за Република Македонија и за македонските граѓани. Ова признание е особено значајно бидејќи е посветено на голем визионер кој зад себе оставил трајни материјални и духовни мостови на мир, соживот и соработка, истакна претседателот претседателот Иванов по добивањето на наградата, што синоќа му беше врачена во Националниот театар во Сараево.

Обраќајќи се пред присутните гости, меѓу кои и голем број амбасадори, Иванов, рече дека современи продолжувачи на делото на Иса бег Исаковиќ се поединците и организациите кои се вклучени во изградбата на Балканот како дел од отворениот европски простор.

- Оваа главна задача првенствено им припаѓа на лидерите на балканските држави кои се веќе дел од Европската унија. Тие, а и сите ние заедно, имаме споделена одговорност кон нашиот регион кому му го должиме нашиот идентитет, култура и нашата посебност, рече Иванов.

Според него, таа споделена одговорност се состои во негување на врската што ја воспоставиле визионерите од минатото. – Да останеме верни на нивниот градителски дух. Да инвестираме во современите друмови, карван-сараи и чаршии, односно во патната и железничката инфраструктура, во трговската размена и во економската соработка. Преку дијалог да ја градиме меѓусебната доверба, истакна претседателот Иванов.

Тој посочи дека како регион имаме се што ни е потребно – ресурси, традиција, креативни луѓе. Единствено што ни треба, рече, е одговорно лидерство.

- На нашиот регион му се потребни повеќе одговорни лидери кои ќе ги надминуваат тесните етнички, религиски и идеолошки рамки и ќе го градат и реформираат нашиот регион со дијалог, помирување и доверба, нагласи македонскиот претседател во обраќањето по повод добивањето на наградата „Иса бег Исаковиќ".

isa_beg_2Во образложението за номинацијата на претседателот Иванов за оваа награда е наведено дека таа е белег на неговата искрена поддршка за БиХ во процесот на евроатланските интеграции, за мирољубивата политика што ја води во регионот, но и поради силните културни врски меѓу двете пријателски земји.

Претседавачот со Комитетот за доделување на меѓународната награда академик Вјекослав Герц истакна дека наградата на претседателот Иванов му е доделена како признание за извонреден државник, човек кој е европеец, космополит и кој има исклучителна духовна ширина.

- Тој многу придонесе за европската култура и воедно е интелектуалец во смисла како што беа Волтер, Емил Зола, Виктор Иго. Освен тоа, по ширината на својот дух и својот интелект и делување, потсетува на големите државници интелектуалци, како што беа Жорж Клемансо, Вацлав Хавел. Според тоа, тој зазема посебно место, бидејќи нас не врзува и заедничка историја, истакна Герц.

Комитетот во образложението на својата одлука, во однос на лауреатот Иванов истакнува дека станува збор за хуманист, доктор на правни науки, чиј целокупен опус е насочен на изградба на демократијата во поделените општества. – Претседателот Иванов веќе со години е еден од најагилните лидери во однос на регионалната соработка и помирување, истакнуваат членовите на Комитетот.

Доделувањето на наградата беше проследено со концерт на Македонската филхармонија, а целиот настан беше директно пренесуван на Босанската државна телевизија.

Претседателот Иванов ја доби наградата за 2016 година, со освоени 15 гласови, во конкуренција на поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, кои имаат по пет гласа.

Гласањето е јавно, а го спроведува Комитетот за доделување на меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ, кој претставува независно тело кое раководи со процесот на изборот на лауреатот. Членовите на Комитетот, вкупно 25, се угледни претставници на босанско-херцеговската академска заедница, со меѓународна репутација.

Меѓународната награда „Иса бег Исаковиќ" е најзначајно независно граѓанско признание во БиХ, воспоставена во 2005 година со цел меѓународна промоција на Сараево и Босна и Херцеговина, нејзината култура и разновидна етнонационална структура.

Наградата го носи името на основачот на Сараево, Иса бег Исаковиќ, кој во 1462 година го втемелил градот на приципите на еднаквост, мултикултуралност и мултирелигиозност.

Добитници на оваа награда се турскиот претседател Реџет Таип Ердоган во 2012 година, австрискиот претседател Хајнц Фишер во 2013 година, словенечкиот претседател Борут Пахор во 2014 година и хрватскиот претседател Колинда Грабар Китаровиќ во 2015 година.
isa_beg_3

brdo29052016
Предизвикот со мигрантската криза треба да се менаџира, Македонија добро се снајде, но очекува поддршка – претседателот Иванов на состанокот на „Брдо-Бриони процесот“ во Сараево
Sunday, 29 May 2016 20:20
There are no translations available.


brdo-brioni_1Ова беше уште еден успешен самит на кој можеше да се слушне сето она што во моментот се случува во ЕУ, колку ЕУ се повеќе е преокупирана со самата себе и со прилагодување кон новите предизвици во светот. Во тој контекст беше отворено и прашањето за мигрантската криза, која не се решава ниту бирократски, ниту дипломатски, туку треба да се менаџира и тоа на дневна основа. Ние навистина добро се снајдовме со мигрантите, но очекуваме поддршка и помош за тоа што следува, истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по учеството на средбата на лидерите на „Брдо-Бриони процесот", што денеска се одржа во Сараево.

На лидерската средба станало збор и за предизвиците со враќањето во регионот на борците од Балканот кои учествуваат во ИСИЛ на боиштата во Сирија и Ирак, а било укажано и на вториот бран бегалци кои од Африка доаѓаат кон Европа.

Како што изјави претседателот Иванов, било посочено дека Македонија, Србија, Хрватска и Словенија успешно се справиле со првиот бран мигранти, но сето она што доаѓа, а на тоа укажал и италијанскиот претседател Серџо Матарела, бидејќи Италија веќе се соочува со вториот бран мигранти од Африка кои повторно го отвараат централно-медитеранскиот коридор, дека можно е тоа да се активира и во нашиот источно-медитерански коридор.

- Укажавме дека ние како Македонија ги истрошивме сите наши ресурси, затоа што нашата Армија и полиција ги користат буџетските средства кои се однесуваат на безбедносниот аспект на кризата. Хуманитарниот аспект го покриваат хуманитарните организации, меѓународни организации, наши домашни компании, хумани луѓе... Но, веќе сме исцрпени. Ако дојде втор бран мигранти тогаш мора да се најде начин многу поефикасно да се пристапи, многу побрзо да се менаџира целиот тој процес, затоа што кога беше првиот бран имавме многу неусогласеност на европските институции, нивното функционирање и бавно реагирање за изнаоѓање решение, истакна претседателот Иванов.

Според него, довербата што ја стекнавме при првиот бран мигранти неопходно е сега да се користи и да се интензивира, особно летните месеци кога, како што рече, се очекуваат големи бранови мигранти од Африка, кои ќе доаѓаат и кај нас и во Италија. - Тоа е предизвик кој нема да заврши во кратки периоди, туку со него ќе се соочуваме долги години, истакна претседателот Иванов, додавајќи дека овој форум сериозно се осврнал на тоа прашање.

„Брдо бриони процесот" со секое негово одржување, според шефот на македонската држава, станува еден од најсериозните форуми од нашиот регион бидејќи, како што рече, секогаш доаѓаат гости од членки на ЕУ кои изворно од претседателите на регионот можат да ги слушнат сите прашања и предизвици со кои се соочува секоја земја од регионот.

brdo-brioni2- Овојпат беше италијанскиот претседател Матарела кој укажа на сите проекти и сето она што Италија го прави за нашиот регион и како поддржувач на регионот се залага за ЕУ, она што е и цел на овој процес – забрзана интеграција во ЕУ на сите земји членки од нашиот регион, но и забрзана интеграција во НАТО на тие што изразиле желба да бидат членки на Алијансата, рече претседателот Иванов. За разлика од другите вакви самити, тој укажа на фактот дека на овој форум се разговара искрено и отворено за сите прашања, без дипломатски речник.

Претседателот Иванов информира дека годинашниот „Брдо - Бриони процесот" почнал со голем ентузијазам бидејќи на дневен ред ги ставил сите потреби што ги има регионот – инфраструктурата, енергијата, меѓусебното поврзување... – Но, сепак, добива и една синергија што паралелно со него се одвива и Самитот на стоте најуспешни бизнисмени од нашиот регион кои секогаш ги кажуваат сите бариери. Таа синергија дава посебна димензија на овој Процес за прашања за кои не треба да се чека инструкција или помош од Унијата, туку самите ние едно по едно треба да ги затвораме, истакна претседателот Иванов.

Тој најави дека следниот „Брдо - Бриони процес" ќе биде во Македонија. - Тоа ќе биде можност Македонија да ги изнесе своите искуства, но и сите свои фрустрации од блокадите што ги има досега, рече претседателот Иванов, кој на лидерската средба, меѓу другото, ги информирал своите колеги и за актуелната ситуација во државата.

На состанокот, на кој специјален гостин беше претседателот на Италијанската Република Матарела, учествуваа и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, Младен Иваниќ и Драган Човиќ, претседателите на Хрватска Колинда Грабар- Китаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишании и на Косово Хашим Тачи.

„Брдо-Бриони процесот" е инициран од Словенија и Хрватска во 2013 година, со цел регионална соработка и решавање на отворени прашања. Сараево е четвртиот домаќин на лидерите на овој Процес. Првиот редовен состанок се одржа на Брдо, кај Крањ, на кој како специјален гостин присуствуваше францускиот претседател Франсоа Оланд. Вториот состанок се одржа во Дубровник, каде што присуствуваше и германската канцеларка Ангела Меркел, додека третиот беше во Будва, со присуство на австрискиот претседател Хајнц Фишер. Имаше и еден вонреден состанок на кој домаќин беше претседателката на Хрватска Грабар-Китаровиќ, а специјален гостин американскиот потпретседател Џо Бајден.

brdo-brioni3

 
Start < Prev 41 42 43 44 45 46 47 48 49 50 Next > End
Page 50 of 198