„Женските права се човекови права“ - обраќање на г-ѓа Иванова на посебната сесија во рамки на 23-от Форум Кран Монтана во Баку, Азербејџан
Петок, 29 Јуни 2012   

Почитувани дами и господа,
Ми претставува особено задоволство денеска да се обратам на 23-тата годишна сесија на Кран Монтана-форумот, еден од најреномираните форуми во глобални рамки. Посебна чест ми е денеска да се обратам на посебната сесија во коорганизација со УНЕСКО и ИСЕСКО. Упатувам посебна благодарност до почесниот претседавач со овој настан, мојата домаќинка, г-ѓа Мехрибан Алијева, првата дама на Република Азербејџан.

Почитувани,
Историјата ни сведочи дека не секогаш концептот на човековите слободи и права во себе го вклучувал принципот на родовата еднаквост. Различните општествени традиции, вредностите стекнати низ историјата на народите и нивното опстојување, меѓусебните врски во заедницата, им придавале различна улога и права на жените во сооднос со мажите. Тие поделени улоги и права во одредени случаи оделе толку длабоко што ја ограничувале слободата на жената, го ограничувале нејзиниот избор во одделни сегменти од животот, а со тоа и нејзиниот придонес кон унапредувањето на заедничкото живеење.

Движењата за женските права, својата вистинска афирмација во глобално дефинирање на женските права како постулати на современото општество ја доживееја дури во 20 век. Во рамките на најголемата меѓународна организација, ООН, жените и нивните права имаат посебно место. Организираните светски конференции за женските права, донесените декларации, усвоените резолуции и платформи за акција, како и нивното прифаќање во земјите-членки на ОН, претставуваат глобална основа за натамошно искоренување на родовата дискриминација, а уште повеќе унапредување на женските права и нивниот еднаков пристап до можностите.

Оттогаш наваму, на забрзан начин, низ разни форми на поединечно и заедничко дејствување, жените имаат можност да ги остваруваат и реализираат своите права. Постоечките опструкции од различен вид на женските права во одредени делови на светот – родовата нееднаквост во однос на основните права, пристапот до можностите, работата, образованието, здравствената заштита, политиката, донесувањето на одлуки – се доказ дека оваа категорија на права не секаде и не секогаш е целосно признаена и имплементирана. Тука, ние сите треба да ја насочиме нашата енергија и сили и помалку стихијно, но повеќе организирано, да настапуваме, да се активираме на локален, национален, регионален и глобален план, за жената, секаде и секогаш, да го добива заслужениот третман на еднаквост во правата и еднаквиот пристап до нив.

Дами и господа,
Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива претставува комбиниран израз на вековните традиции, култура и менталитет на народите чии патишта се прекрстувале на оваа територија, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во изминатите дваесет години од македонската независност, од друга страна. Така, мојата земја, Република Македонија, која длабоко во својата историја, традиција и култура ги има вткаено придобивките од антиката до денес, од Истокот и Западот, од христијанството и исламот, ги создаваше вредностите на секоја генерација, вредности од кои постојано учиме и континуирано ги надградуваме.

Со промените во законодавството на Република Македонија, покрај гаранцијата предвидена со Уставот, родовата рамноправност е регулирана и во други законски прописи и меѓународни договори кои претставуваат составен дел од нашиот правен поредок. Донесени се повеќе законски решенија, како што е Законот за еднакви можности и двата последователни петгодишни Национални планови за акција за родова рамноправност. Уште позначајно е дека се работи на конкретни политики, приоритети и акции за жената во однос на човековите права, во процесите на одлучување и креирање политики, здравството, социјалната заштита, образованието, вработувањето, медиумите, во однос на животната средина. Особено е значајно да се напомене дека во Република Македонија женските права не познаваат поделби, ниту по етнички, ниту по религиозен, јазичен или каков било друг критериум. Во оваа прилика, нагласувам дека определбите на Република Македонија во однос на жената и родовата еднаквост и рамноправност не се само декларативни, туку секојдневно се почитуваат, применуваат и надоградуваат.

Во Република Македонија сè поголем број вршители на високи државни и политички функции се жени. Нивната минимална застапеност во политичкиот живот е законски загарантирана со учество на една третина во претставничките тела на локално и на национално ниво. Жените со својата истрајност и залагања сè повеќе успеваат во значајни реформски општествени проекти во социјалата, здравството, образованието, културата. Во областа на бизнисот и економскиот развој на Република Македонија, жените-претприемнички заземаат сè позначајна улога. Многу успешни компании денес се раководени од жени, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност промовираат нови општествено одговорни концепти во водење бизнис.



Активностите на жените во мојата земја, поединечно и организирано, и организациите за правата и еднаквоста на жената и нејзиниот еднаков пристап до можностите ги поддржувам на различни начини преку мое директно покровителство, актвивно вклучување и ангажирање на сите видови општествени ресурси за постигнување на нивните благородни цели.

Почитувани,
Денеска, посебно сум горда што жените-лидери успеваат да им одговорат на општествените потреби, да поведат општествена акција, а истовремено да ги зачуваат семејните и традиционалните вредности. Токму тоа нè прави различни. Токму тоа му дава нова димензија и на одржливиот развој. Развој во којшто одржливоста е всушност жената. Жената којашто сплотува, жената која балансира меѓу разумот и чувствата. Жената која знае да се соочи и со успехот и со поразот. Жената која е лидер на денешнината и иден творец на утрешнината.

На крајот, инспирирана од големината на делата кои ги стоплија срцата на целиот свет, водена од скромноста и милосрдието на нејзиниот дух, го завршувам моето обраќање со зборовите на мојата сограѓанка, блажената Мајка Тереза: „Правете мали работи со голема љубов. Колку работите се помали, толку љубовта е поголема". Ве повикувам сите да бидеме истрајни на патот кон промените и да посведочиме со нашите дела.

Ви благодарам.

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal