Почитувани млади лидери,
Почитуван претседателе Тадиќ, сенаторе, ваши екселенции, драги пријатели на школата, поддржувачи на школата, и морам да спомнам сите овие што придонесоа оваа школа да живее 5 години, бизнис заедницата на Македонија на која се придружуваат и глобални лидери. Благодарност и до норвешката амбасада што ја препозна моќта на овој проект на една идеја која беше да едуцира млади луѓе. Што да се каже после овие воведни обраќања на нашите гости. Да се каже дека живееме во свет, кој многу брзо се менува. Свет кој е многу е многу повеќе поврзан и зависен од било кога во историјата на човештвото. Свет кој чуствува глобални предизвици. Предизвици кои се присутни во секоја земја. За животот во таков век потребни се и лидери кои ќе знаат да излезат во пресрет за сите предизвици што ги носи новото време.
Малите земји се ограничени територијално и тие неможат територијално да се шират, меѓутоа не се ограничени да се воздигнуваат. Целта на школата е да создаде луѓе кои ќе растат во височина, кои ќе достигнуваат највисоки критериуми, кои ќе бидат најдобри во своите области. Затоа што не ни требаат само лидери во политиката, ни требаат и луѓе кои што знаат да водат и во бизнисот, и во образованието, и во спортот и во културата, во секоја сфера од секојдневниот живот. Ни требаат млади луѓе кои ќе имаат самодоверба, и ќе знаат да носат одлуки. Да знаат кога се носат одлуки, и каде се носат одлуки и со кои се носат одлуки. И токму тоа е и главната тема на оваа генерација, петта генерација на млади лидери - процесот на носење одлуки. Како да се донесе вистинска одлука. Затоа што по одлуките, што ги носиме по нив ќе не препознаваат, по нив ќе не разликуваат од другите. Одлуки носиме секојдневно во нашиот живот, но моменти кога доаѓаат да се донесе вистинска одлука е она што ни го менува нашиот живот и животот на другите.
Во минатото метафората за лидер бил секојпат оној што го зима кормилото на бродот во морето што е разбранувано. Денес метафора за лидер е оној што го превзема воланот, да го вози автомобилот. Затоа што особено низ Балканот знаете како се вози. И затоа и на Балканот и во поширокиот регион ни требаат луѓе кои ќе го превземат кормилото, воланот. Метафората е овојпат, присутна во тоа што тие што знаат да возат мораат да гледаат напред, и затоа ветробранското стакло е многу поголемо од ретровизорот кој ни помага да видиме што има назад. Во минатото за жал кај нас во нашиот регион, и во други региони во светот овој ретровизор бил толку голем што не им дозволувал на луѓето да гледаат што се случува пред нив. И затоа оваа школа ќе ви биде еден вид патување, патување со автомобил кој почнува да вози ноќе, а ноќе знаете можете да гледате до кај што ви оди светлото. Тоа е сето она што сте го постигнале во досегашниот ваш живот, и затоа ви честитам бидејќи сте биле успешни и затоа сте дел од оваа школа. Но, како се разденува денот вашиот видик станува се поголем. Како патувате така светот ви се отвара.
Се надевам кога ќе ја завршиме оваа школа ова ваше патување ќе имате многу повеќе што да споделите со другите, што да пренесете, и ќе имате нешто како и претходните генерации да знаете концизно да го кажете. Кога ќе ги прашавме минатите генерации што научија, ни кажаа научивме што е тоа мотивација. Како да се мотивара млад човек да успее. Научивме што е инспирација. Како да се инспирира тој што е околу вас а нема мотив да успее. Ќе слушнете дека најчести зборови на оваа школа се иновативност и креативност. Значи сите овие наши пријатели на школата, предавачи, подржувачи, се луѓе кои се иновативни и креативни, луѓе кои инспирираат и мотивираат. Затоа користите го овој престој на школата да научите многу повеќе од нив, и да добиете знаење. Тие што имаат нешто стекнато во животот секојпат тоа го даваат, и затоа се вели предаваат. Тоа е наше искуство кога сме биле професори, сето наше знаење кога сме биле професори, морало да го дадеме, да го предадеме. Затоа тој што дава се вели во народ заборава, но тој што добива треба цел живот да помни. Сето ова знаење, искуство и вештини што ќе ги добиете треба да ги споделите со други, да ги пренесете, за да можеме да го менуваме животот во Македонија. Македонија да биде место на успешни луѓе, луѓе кои што растат во височина. Со највисоки стандарди, највисоки критериуми и највисоки принципи. Кога растете во височина ќе се сретнете во живот, тие што исто така растат во височина. Ќе ги почуствувате сите тие потенцијали кои постојат кај секој од вас кај секој што може да придонесе да се воздигнува Македонија. Македонија да биде препознатлива по луѓе кои се успешни а и луѓе кои се добри. Затоа на етиката се посветува толку многу внимание на оваа школа. Да се биде лидер, а да не се биде етичен, тоа не е лидер. Вродено е чуството кај секој човек да препознае што е добро. Затоа бидете добри и бидете успешни, тоа ќе биде препознаено тоа ќе биде она што ќе ве одликува во животот и ќе ви носи нови успеси. Посакувам ова ваше патување на крај, да биде патување кое ќе ви го отвори новиот свет, да бидете свесни за сите предизвици со кои се соочуваме како генерација која живее во 21 век, дека секој од вас има удел во создавање на подобар и поуспешен свет.
Тоа е и пораката до вас. Бидете добри и бидете успешни. Да се гордееме со вас.
Охрид, 19 август 2014 година

________________________________________________________________________________________________
Претседателот Иванов до младите лидери: Бидете позитивен пример што ќе го следат другите
-доделување на Сефтификатите за учество на петтата по ред Школа за млади лидери
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ги додели сертификатите на учесниците на петтата по ред Школа за млади лидери, што по негова иницијатива се одржа од 19 до 28 август во Охрид.
Честитајќи им го завршувањето на интензивната обука од сферата на лидерството и менаџментот, претседателот Иванов на учесниците на петтата Школата за млади лидери им посака успех на професионален план.
„Севкупниот наш успех, на државата, на институциите, на градовите, на селата, зависи од успешните поединци и каде и да сте секој пат имајте на ум дека треба да бидете успешни и да претставувате позитивен пример кој што ќе го следат и другите. Затоа ви посакувам само убави нешта, да се радувате на секој успех и да не бидете себични и да ја споделувате радоста. Колку повеќе радоста се шири толку е поголема. Научете да се радувате и на туѓиот успех, ако на другиот му се радувате и вам ќе ви се насмевнат и среќата и судбината", рече претседателот Иванов.
„На секое ниво, ни е потребна солидарност, сплотеност и обединување за она што е заеднички интерес - државата Македонија. Да си ја чуваме државата, да си ја негуваме и сите да даваме свој влог во неа", рече претседателот Иванов пред младите лидери.
Преку видео-врска, на присутните им се обрати канадскиот сенатор Доналд Мередит, кој две години по ред беше предавач на Школата за млади лидери.
„Би сакал да му честитам на претседателот Иванов за визијата да ја одржува оваа школа во последните пет години. Претседателе Иванов, вие сте лидер што трансформира. Ви честитам за воспоставувањето на школата, за поттикнувањето и охрабрувањето на овие млади луѓе", рече сенаторот Мередит.
На годинешната Школа учествуваа вкупно 38 учесници, како и 21 предавач од Македонија, Европa, САД, Канада и Кина.
Идејата на Школата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности.
Првата Школа за млади лидери, по иницијатива на претседателот Иванов, беше организирана во 2010 година.
Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери беа и поранешниот српски претседател, Борис Тадиќ, потпретседателот на кинескиот телекомуникациски гигант ZTE, Ксиао Минг, основачот на Пи Ворлд, Коста Петров, директорот на компанијата за јавни комуникации Расел од САД, Џејсон Мико, поранешниот приватен секретар на принцезата Дијана, Патрик Џефсон, асистентот на поранешниот американски претседател Роналд Реган, Мери Џо Џејкоби, директорот на Мултимод групацијата, Тафшир Авал, правникот Мухамед Мешиќ од БиХ, познат по своето познавање на над 70 светски јазици.
За време на петтата Школа за млади лидери, учесниците ги посетија општините Охрид, Вевчани и Ресен, каде од претставници на локалните самоуправи им беа преставени предизвиците со кои се соочуваат овие три општини. Младите лидери, во форма на предлог-проекти, понудија решенија за нивно надминување.
Исто така, учесниците на Школата го посетија и Геријатриското одделение при охридската Општа болница, каде донираа храна и средства за лична хигиена за старите лица сместени во оваа установа.
Вкупно, во изминатите пет години на Школата учествуваа околу 190 млади луѓе и над 120 предавачи, меѓу кои амбасадори, функционери од Европската Унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании, професори од реномирани светски универзитети.
Скопје, 03 септември 2014 година

Обраќање на претседателот д-р Ѓорге Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери - 2013 Обраќање на претседателот д-р Ѓорге Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери - 2012 Обраќање на претседателот д-р Ѓорге Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери - 2011
|