Обраќање на претседателот д-р Ѓорге Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери - 2012

20 август 2012, Охрид



Почитувани млади лидери,
Почитувани пријатели на Школата за млади лидери,
Почитувани гости и поддржувачи од бизнис заедницата, кои помогнавте оваа идеја да стане реалност,

Во ова прекрасно место кое е духот на татковината, каде се раѓале многу идеи, пропатувале многу луѓе од исток кон запад, и од запад кон исток, спојувајќи ги световите, во оваа божја убавина која се гледа и ве воодушевува, во Охрид, по трет пат сме сведоци на реализација на еден проект кој до пред извесно време беше само идеја.

При објавувањето на мојата кандидатура, сакав да имам личен печат кој ќе го обележи мандатот и функцијата Претседател на Република Македонија. Во мојата изборна програма, вклучив идеи за отворање Народни канцеларии, поттикнување на младите на позитивен натпревар со воведување на наградата за Најдобар млад научник; го воспоставивме и проектот за Духовни дијалози, да поттикнеме дијалог меѓу нашите верски лидери и припадниците на различните религии.

Меѓу овие предложени проекти беше и идејата да се создаде Школа за лидери, бидејќи од моето академско искуство едуцирајќи 15 генерации млади политиколози, сфатив дека на Македонија и се неопходни лидери - не само во политиката, туку и во севкупниот живот. Потребни ни се лидери во образованието, во културата, во спортот, во сферата на медиумите, потребни ни се лидери во секој сегмент од општеството. Ни требаат луѓе кои знаат да предводат, кои знаат да ги организираат луѓето, знаат да создаваат тимови. Ни требаат луѓе кои ќе ја менуваат нашата реалност.

Поминавме еден мачен период на транзиција и посветено работиме за да создадеме иднина за младите, но сега е ургентно потребно да создадеме и млади за иднината, кои ќе знаат да гледаат напред. Да ја согледаат моќта кога заедно се организираат и поттикнуваат идеи и иницијативи.

Драги млади лидери,
Во овие денови нема да го учите она што сте го учеле на факултет. Ова се денови на учење вештини, како да се посветите на идеите и како да ги реализирате. Ќе учите како да ја поттикнувате вашата иницијативност, иновативност и креативност. Нешто што не се учи од книга, а се учи од искуствата на другите, од она што докажаните лидери го совладале. Голем број предавачи, од различни академски и професионални средини, своите искуства, знаење и вештини во текот на оваа Школа ќе ви ги пренесат вам.

Има една мудрост, некои ја препишуваат на сопругата на американскиот претседател Рузвелт, Елеонор Рузвелт, а тоа е дека: „Големите луѓе се преокупирани со идеи, со стратегии, со визии; просечните луѓе се преокупирани со настани, а малите луѓе со другите луѓе“. Затоа бидете големи, бидете преокупирани со идеи. Бидете креативни и иновативни. Се надевам дека и оваа генерација како и претходните ќе ја почувствува моќта да се работи заедно. Да се создаде мрежа која соработува и која заемно се поддржува и поттикнува.

Претходните генерации учесници создадоа алумни асоцијација и продолжија да го практикуваат своето лидерство на дело. Преку неа спроведуваат многу благородни и хумани иницијативи, како што беше акцијата за дарување крв, помагаат на сиромашните, спроведуваат проекти со кои поттикнуваат солидарност во општеството... Школата за млади лидери и по завршувањето на овие денови интензивна обука, продолжува да живее преку алумни асоцијацијата. Ме радува што генерациите млади лидери се поврзуваат меѓу себе, што ги чувствуваат и согледуваат проблемите во општеството и нудат свои решенија. Така што и после оваа Школа ќе имате можност да бидете ангажирани. Тоа зависи од вас, не од нас. Наше е да ви го пренесеме сето знаење, умеење и искуство, а ваше е да продолжите понатаму, да го правите и да го ширите она што тука ќе го стекнете.

Впрочем, голема чест ми укажа Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун, кој при неговата посета на Република Македонија побара да се сретне со членовите на алумни асоцијацијата. Обраќајќи им се, тој рече: „Вие не сте лидери на иднината, вие сте лидери на сегашноста, затоа што вие ја креирате реалноста која станува историја“. Упати силна порака во која напомена дека тој како Генерален секретар никогаш не прави компромиси со принципите на Обединетите нации, кога станува збор за човековите права, кога станува збор за човечкото достоинство. За тие принципи не смеете никогаш во животот да правите компромис. Тоа е звезда водилка, мора да го следите тој пат и да бидете луѓе од карактер и да почитувате принципи.

Како што кажа и Претседателот на Европската академија на науките и уметностите, професорот Унгер, треба да ја сфатиме идејата за Европа. И доколку имаме цел да бидеме дел од Европа, тогаш Европа треба да ја создадеме тука, меѓу нас - да ги воспоставиме и почитуваме европските стандарди, критериуми и европските вредности. Да бидеме Европјани, да бидеме луѓе со отворен ум, да бидеме луѓе кои ќе го прифаќаат она што е позитивно и креативно, а ќе го отфрлаат она што минатото ни докажало дека е негативно.

Лидер е оној кој одбира да застане на чело на бродот кој плови по немирни води, да го фати кормилото, носејќи нè во една извесна иднина во која што сите ќе живееме во благодет и просперитет. Затоа, ве поттикнувам да го фатите кормилото, и да водите напред, да гледате напред, да гледате во иднината.

Вие сте генерација на нови технологии, на живот во глобален свет, генерација која непосредно ги чувствува глобалните проблеми. Новите медиуми, новите технологии, им овозможија на луѓето да имаат увид во сите светски случувања, но и да ја изгубат онаа поврзаност за територијата која во минатото ни создавала многу проблеми. Бидејќи кога ги поставувате границите на просторот, ги поставувате и границите во умот. Новата генерација која ги живее придобивките на глобалното поврзување, го става акцентот на потребата да се информира, да комуницира и да креира.

Во духот на тоа ваше идно интегрирање во овој глобален свет, ви посакувам многу успех. Посакувам овде да се родат многу нови идеи, тие идеи да станат наша реалност, таа реалност да стане дел од македонското општество. Да бидете вистински лидери во средините од каде што доаѓате, и да ја поттикнете желбата и кај другите безрезервно да придонесуваат во развојот на нашата држава и нашата иднина.

д-р Ѓорге Иванов


Обраќање на претседателот д-р Ѓорге Иванов на свечената церемонија на затворање на Школата за млади лидери - 2012

31 август 2012     

Почитувани млади лидери,

Не се опишува чувството кога една идеја ја гледате како реалност. Како што ви кажав и на отворањето, оваа Школа беше само идеја, поттикната од моето академско искуство. Кога народот ви ја дава довербата, го имате она чувство дека на земјата треба да и оставите нешто. Од многуте проекти кои ги воспоставив во рамките на мојот претседателски мандат, Школата за лидери ми е особено драга. Основната цел беше преку оваа Школа да создадеме форум од каде ќе се раѓаат новите идеи за новите генерации.

Каква Македонија ќе создадеме, таква ќе ја имаме. Македонија треба да ја сакате, за да ве сака таа вас. Долго време сме живееле со претставите што другите ги создавале за нас. Идејата беше, преку оваа Школа, да им овозможиме на новите генерации сами да ја создаваат претставата за себе и од самите себе. Да имаат самодоверба. Да знаат дека најисплатливата инвестиција е кога инвестирате во себе. Затоа што знаењето со секоја секунда се менува, се зголемува, меѓутоа, останува стремежот да се дојде до она што е најдобро и најкорисно. И толку е голема радоста кога гледате дека една идеја, еве трета година по ред, не само што се визуелизира, туку и се реализира со успех.

Низ историјата се покажало дека Македонците никогаш не трагале по територии, со намера да окупираат и асимилираат. Луѓето од овие простори секогаш освојувале во височина. Луѓето на овој простор се ослободуваат во височина. Овде секој манастир и секоја црква е со различна школа на исконско сликарство. Секоја песна испеана на овој простор е различна од другите. Во нашата музика преовладуваат уникатни седум-осмински и осум-осмински тактови, а нашите музичари велат дека оние што не ја сфаќаат душата на македонската музика, се обидуваат да ја дефинираат како музика со искршени ритмови, и да ја врамат во класичните тактови што ги познаваат. Но, нашата музика, нашиот фолклор, сето она што се создава во Македонија, излегува од рамката. И како секоја убава слика што ќе ја видите во музеј, вистински плени ако нејзината убавина се шири и надвор од рамката.

И оваа Школа се стреми да создава луѓе кои излегуваат од рамката. Кои делуваат настрана од стереотипите, предрасудите, стравовите создавани од другите. Вие сте генерација која ќе ја создава претставата за Македонија. И затоа, навистина сум горд и навистина сум почестен, што секоја нова генерација млади лидери напредува и се надоврзува на успесите на претходните генерации.
 
Еден голем татко на еден уште поголем син му кажал: „Сине, за да успееш ти требаат пријатели, но за навистина многу да успееш ти требаат непријатели“. Деновиве се покажа дека имаме и непријатели, кои почнаа да пишуваат и да го критикуваат она што овде го правиме. Но, тоа е најдобар индикатор за нашиот успех. Тоа е најдобар показател дека сме успеале да излеземе од затворената кутија, во која умовите се дефинирани со застарени категории од минатото. Наспроти тоа, вие сте луѓе со отворен ум и ја чувствувате моќта на отворениот простор. Моќта на Македонија е во отворениот простор, и како што претходно напоменав, иднината на Македонија е во височина. Затоа ве повикувам, да ја градиме Македонија во височина, затоа што височината значи квалитет, почитување на вредностите, толерантност и напредок. Гледајте кон ѕвездите и сонувајте. Само тие што сонуваат се и иницијативни и креативни, и имаат можност да создадат нешто ново. Бидете креатори на духовни градби, изградете се прво самите себе, а потоа пренесувајте го своето знаење и искуство и на другите.

Како што ви кажав и кога прв пат се сретнавме на отворањето на оваа Школа, ние сакаме да ги поврзуваме луѓето кои се преокупирани со идеи, со стратегии, затоа што тие се големи луѓе. Ова е Школа за големи луѓе. Избегнувајте ги тие што само зборуваат за другите луѓе. Комуницирајте и дружете се со оние кои зборуваат за идеи. Затоа и селекцијата за учество во оваа Школа беше таква, да се создаде еден тим на луѓе кои имаат стремеж да се преокупирани со идеи. И Македонија е идеја. Не е само простор, кој е исполнет како и секој друг простор со луѓе и она што го дава природата. Македонија е нешто посебно. Гордост е да се биде Македонец, но и обврска. Сите луѓе што живеат на овој простор се познати по тоа што се натпреваруваат по добрина и по убавина. Убавината не е само естетика. Убав човек, според локалните дијалекти, значи добар човек. Убавината е добрина. Затоа бидете убави луѓе, во суштина добри луѓе. Правете добри дела, за да останеме познати во светот по тоа.

Јас се надевам дека ова дружење ќе ви продолжи, како што продолжи дружењето и размената на идеи на првата и на втората генерација. Вредноста се постигнува само со труд. Во текот на оваа Школа имавте прилика да ги чуете искуствата на советници на претседатели, предводници на академии и меѓународни институции, реномирани професорим, креатори на глобалната политика; животни искуства на луѓе кои се позитивни и креативни. Сакам да изразам благодарност до сите оние кои учествуваа во Школата, сите гости и предавачи кои се пријатели на Македонија, мои лични пријатели, а сега и ваши пријатели. Што прифатија еден ваков предизвик, прифатија да работат со млади луѓе кои имаат желба за знаење и надградба. Млади луѓе кои имаат желба за потрага по среќа. А среќата ги служи само храбрите. Среќата не доаѓа сама, треба да и појдеш во пресрет.

Ја користам оваа можност да се заблагодарам и на сите оние што се дел од овој проект, на сите оние кои што несебично овие години инвестираат во оваа идеја, во нејзиниот развој и успешност.

На сите вам ви посакувам уште многу успеси, многу позитивни резултати и реализација на вашите големи идеи.


Обраќање на претседателот д-р Ѓорге Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери - 2011

 

Фото галерија

galerija-lideri

Web-BANER_2_small_3