|
Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-а Маја Иванова, по повод Меѓународниот ден на детето, денеска донираше постелнина на Клиниката за детски болести во Скопје. Во рамки на донацијата, малите пациенти добија нови перничиња, јорганчиња, прекривачи, чаршави и навлаки за перници.
„Можеме со право да кажеме дека Република Македонија ги поддржува и ги развива детските права како граѓански, така социјални, културни и здравствени. Донацијата која денеска ја донираме на Клиниката, финансиски целосно е поддржана од почесниот конзул на Македонија во Измир, Турција, г-ѓата Гаје Акчан, во соработка со генералниот конзул на Македонија во Истанбул, г-а Зерин Абаз,“ истакна г-а Иванова.
Таа изрази надеж дека со оваа донација, барем малку ќе ги осветлиме овие денови на децата кои се згрижени и се на лекување на Детската клиника.
„Единствена желба која ја имам на овој Меѓународен ден на детето е што поскоро овие деца да се излечат, да ја напуштат Клиниката и да се вратат во прегратките на своите родители, баби и дедовци, во школските клупи, да имаат и натаму безгрижно детство. Често пати кажувам дека вреди да се изодат и милион чекори за да добиете една детска прегратка, една детска насмевка, еден детски бакнеж и мислам дека ќе успееме во тоа,“ додаде сопругата на претседателот, г-а Маја Иванова.
Таа воедно им посака на децата кои се лекуваат на Клиниката што поскоро да излезат од таму здрави.
Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, Зерин Абаз истакна дека е многу среќна што е вклучена во една ваква хуманитарна акција.
„Децата се нашата иднина и секогаш треба да се инвестира за нив, во областа на образованието, во здравството итн. Тоа се најголемите инвестиции кои во иднина ќе си го дадат плодот,“ додаде генералниот конзул Абаз.
|