News
Naucnici_NK_Skopje_01
Изложба на млади научници во Народната канцеларија во Скопје
Tuesday, 10 November 2015 14:15
There are no translations available.

По повод Светскиот ден на науката, во Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија, денеска се одржа петтата по ред изложба на иноваторски проекти и експонати на млади научници, под мотото „Квалитетно образование – наука за одржлива иднина за сите".

Претседателот Иванов ја посети изложбата и изрази задоволство што овој настан прераснува во традиционален и што се повеќе млади луѓе се мотивирани и посветени на науката и иноваторството.

„Ме радува што секоја година имаме се повеќе иновации. Задоволство е кога гледаме дека младите се повеќе се бават со применета наука, затоа што единствено применливите решенија можат да доведат до напредок на целокупното општество, рече македонскиот претседател. Како генерација, вие покажувате дека овие ваши иновации можат да се применат во индустријата, во стопанството, и со тоа да дадат придонес во развојните текови на нашата земја, им порача македонскиот претседател на младите научници, честитајќи им за освоените награди и достигнувања. Тој ги охрабри да продолжат со уште посилен ентузијазам во создавање на пронајдоци и иновации.

Трансформација на штетниот отпад во гориво, робот-фудбалер, 3Д принтер, батерија од монети, еколошка машина за сушење, се само дел од иновациите кои денеска ги презентираа младите научници. На изложбата беа претставени и иноваторски проекти во сферата на еколошката хемија, автоматиката, роботиката, ракетното моделарство и биохемијата.

Претставниците од Народна Техника и од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" – Скопје, како организатори на изложбата, му се заблагодарија на претседателот Иванов за неговата континуирана поддршка на активностите и настаните, кои имаат за цел да го поттикнат креативниот потенцијал кај младите и да ги промовираат истражувањето и науката.
Naucnici_NK_Skopje_02
На изложбата беа претставени 48 експонати на ученици во основно и средно образование од Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Неготино, Струмица, Берово, Делчево, Штип, Тетово, Велес и Гостивар кои освоиле прво место на Државниот натпревар на млади истражувачи на Македонија - НАУКА НА МЛАДИ, Државниот натпревар на младите техничари и природници на Македонија и Меѓународната изложба на иновации МАКИНОВА и ЕКОНОВА. Меѓу експонатите беа и најдобрите проекти на студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Народната канцеларија на претседателот Иванов останува отворена за сите иницијативи и настани кои имаат за цел да им овозможат на младите луѓе да го развиваат својот креативен и творечки потенцијал, да се натпреваруваат и да постигнуваат успеси.
Naucnici_NK_Skopje_03

PRM_-_Matarela
Средба со претседателот на Италијанската Република, г. Серџо Матарела
Tuesday, 03 November 2015 13:51
There are no translations available.

„Италија е пријател и поддржувач не само на Македонија, туку на целиот наш регион, затоа што без Балканот, Европската унија не може да биде целосна", изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по средбата со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, посочувајќи дека двете држави ги поврзува традиционално пријателство и дека италијанскиот претседател одлично ги познава состојбите на Балканот
.
На средбата било разговарано и за статус-кво состојбата во однос на македонското членство во НАТО, како и за блокадите со кои се соочува Македонија.

„Во однос на НАТО беше искажана цврстата определба дека Италија ќе продолжи да ја поддржува Македонија, затоа што Македонија го заслужува членството, со сето она што го прави досега и што досега го има превземено", изјави македонскиот претседател.

Во тој контекст, италијанскиот претседател Матарела покрај силна поддршка во однос на европските и евроатлантските интеграции на Македонија, искажал и разбирање дека политичките кризи со кои се соочува Македонија се резултат на блокадите на патот кон евроинтеграциите.

„Претседателот Матарела јасно го искажа неговиот став дека Италија стои зад Македонија и дека прави се, со цел Македонија да го добие тоа што го заслужува. Без оглед на тоа што имаме постојано политички кризи, и самите се свесни дека сето она што и се случува на Македонија е резултат и на постојаните блокади кои ги имаме на тој пат", рече претседателот Иванов.

На средбата биле разменети мислења и информации и во однос на мигрантската криза и последниот план на претседателот на Европската Комисија г. Јункер. Двајцата соговорници се согласиле дека е потребна заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на проблемот, односно одговорен пристап на земјите кон овој предизвик.
PRM_-_Matarela_2
„Италија и самата долг период се соочува со бран на мигранти кои доаѓаат од Африка. Искажавме благодарност затоа што единствената помош која досега како земја во однос на бегалците и мигрантите сме ја добиле, е токму од Италија. Италијанската Влада упати 90 000 евра за Црвениот Крст на Македонија, во поглед на хуманитарната помош што им ја даваме на бегалците и на мигрантите", изјави претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека Италија е петти трговски партнер на Македонија, и дека минатата година е остварена преку 700 милиони долари трговска размена, посочувајќи на присуството на италијанските бизнисмени во Македонија.

Во разговорите, претседателот Иванов упати и покана за посета на Република Македонија од страна на италијанскиот претседател. Со средбата со претседателот Серџо Матарела, претседателот на Република Македонија ја заокружи посетата на Италијанската Република.
PRM_-_Matarela_3

vatikan
Отворена можност за посета на Папата Франциск на Македонија – претседателот Иванов во официјална посета на Државата Ватикан
Saturday, 31 October 2015 15:11
There are no translations available.


vatikan1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Државата Ватикан, денеска имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост папата Франциск.

Претседателот Иванов и папата Франциск за време на речиси 40-минутната тет-а-тет средба, договориле тајните архиви на Ватикан да бидат отворени за нашите истражувачи.

- Конечно, тајните архиви на Ватикан се отворени за нашите истражувачи. Значи, во најскоро време двајца наши истражувачи можат да дојдат да го истражуваат сето она што досега не ни било достапно, изјави претседателот Иванов по аудиенцијата.

Тој информира дека разговарале за многу прашања од заемен интерес, актуелни кај нас, но и во Европа и светот.

- Извонредна посета исполнета со многу прашања од заемен интерес. Со Папата разговаравме и за прашања кои се актуелни како кај нас, но и во Европа и светот, оти неговата улога во денешно време, кога цивилизацијата се соочува со бројни предизвици, тој како личност настојува да се продлабочи мирот и да се шири идејата за она што е вредност негувана во христијанството и другите религии, рече претседателот Иванов.

vatikan2На средбата било разговарано и за актуелната состојбата со мигрантите и бегалците и за начинот на кој досега се реагираше за да се излезе во пресрет на сите тие луѓе. Станало збор и за прашањето за името и од каде потекнуваат сите наши блокади и отворени прашања.

- Пројавениот интерес лично од страна на Папата и за прашањето за името и за актуелните состојби кај нас и во регионот кажува дека ги следи сите настани и е заинтересиран каде што може да придонесе, изјави претседателот Иванов.

Претседателот Иванов на папата Франциск му подари сребрен филигрански крст со македонски рубини.

По аудиенцијата, македонскиот претседател оствари средба со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин, на која имаа коструктивен разговор за сите прашања што се однесуваат на односите меѓу Македонија и Ватикан.

- Соработката, која и досега постои, ќе се продлабочи во сферата на образованието меѓу нашите два универзитета, меѓу академиите на Македонија и Ватикан, но и во можноста во здравствените установи на Ватикан, каде што има наши дечиња кои се третираат од тешки болести, да продолжат да се усовршуваат наши лекари, рече претседателот Иванов.

Со државниот секретар ги разгледале сите прашања што се поврзани со билатералните односи и притоа му ја врачи поканата идната година да ја посети Македонија, кога слави 1.100 години од упокојувањето на големиот ученик на светите Кирил и Методиј, нашиот патрон Свети Климент Охридски.

- Посакуваме да дојде до тоа чествување кое ќе биде во текот на целата година. Секогаш кога се остварува посета на државен секретар на Ватикан на некоја земја тоа на некој начин значи вовед во подготовка на посетата на Папата на таа земја, истакна претседателот Иванов.

На средбата станало збор и за можна канонизација на Мајка Тереза, која би требало да се реализира догодина.

Иванов во оваа пригода го најави и поставувањето спомен плоча за светите браќа Кирил и Методиј во понеделник во црквата Санта Марија Маџоре во Рим, негова неколкугодишна иницијатива.

- По неколкугодишен заеднички напор, мој и на Папата, се овозможи да ја имаме можноста да искажеме благодарност од македонскиот народ за чинот што е случен во Рим, во црквата Санта Марија Маџоре. Како што е познато, во тој храм првпат се осветени светите книги кои се преведени на старословенски јазик и на тој чин Папата ги осветува книгите кои ги донеле Кирил и Методиј. Кога видов дека другите народи искажале благодарност, ја покренав иницијативата пред неколку години да ни се овозможи нам, како македонски народ, да поставиме спомен-плоча во која ќе искажеме благодарснот за тој чин, појасни Иванов.

Инаку, ова е шеста негова посета на Ватикан, а прва официјална на македонски претседател на Ватикан. Сите досегашни посети беа на денот на Свети Кирил и аудиенција на Папата во склоп на свеченостите поврзани со Свети Кирил.

- Ова е прва официјална посета која следува по 20 години воспоставени дипломатски односи и извонредните односи што ги гаиме со Ватикан во сферата на културата, образованието и здравството и архивското работење, истакна претсvatican3едателот Иванов.


01_Makedonski_dab
Засадени садници на македонски даб во претседателскиот Кабинет
Thursday, 29 October 2015 11:27
There are no translations available.

Со цел промоција и зачувување на македонскиот даб, на иницијатива на Шумарскиот факултет од Скопје, денеска во дворот на претседателскиот Кабинет, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, заедно со студентите и со деканот на Шумарскиот факултет засадија неколку садници на македонски даб.

Пред Кабинетот на Претседателот беше поставено и обележје од дабово дрво, кое го истакнува значењето на македонскиот даб, како симбол на цврстина, храброст и истрајност.

Македонскиот даб, кој има значајна симболика за македонскиот народ, е претставен и на амблемот на Претседателот на Република Македонија, кој за прв пат беше утврден со одлука на претседателот Иванов на 2 декември 2009 година. Амблемот на Претседателот на Република Македонија го претставува државното знаме на Република Македонија аплицирано на штит со полукружен долен дел. Над штитот во горниот ред стои текстот "Република Македонија", а под него "Претседател", додека под штитот се претставени две вкрстени гранчиња од македонски даб (Quercus Macedonica) со по осум листови и осум желади.
02_Makedonski_dab

NK1
Предлози, идеи и размена на мислења - средба на граѓани со претседателот Иванов во Народната канцеларија во Скопје
Wednesday, 28 October 2015 14:53
There are no translations available.

Триесетина граѓани и претставници од повеќе граѓански здруженија, денеска во Народната канцеларија во Скопје имаа можност да се сретнат со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, да ги изнесат своите ставови и мислења за актуелните општествени состојби, и да го запознаат претседателот Иванов со проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот, можностите за нивно решавање, како и за начинот на кој бараат заштита, или остварување на одредени права и интереси.

Во фокусот на денешните разговори со македонскиот претседател беа прашања поврзани со судството, актуелната политичка состојба, економијата, теми поврзани со зачувување и промовирање на македонската култура и традиција, како и предлози со цел унапредување на земјоделието. Дел од темите на разговор беа и перспективите на младите талентирани студенти и дипломци кои својата кариера сакаат да ја усовршат во својата родна земја.

Јулија Богатинова-Костовска од Здружението за развој и населување на селските средини ЕКО заедница Родина-Скопје го запозна претседателот Иванов со идејата за населување и развој на селските средини со што ќе се развие еден нов поинаков концепт за ревитализација на селата чија содржина предвидува користење на земјиште без надоместок за истиот за обработка, кое ќе биде само со право на користење. Членовите на ова здружение запознавајќи го претседателот Иванов со оваа идеја потенцираа дека со остварување на истата ќе се добијат повеќе бенефити, меѓу кои и намалување на стапката на невработеност , привлекување на иселениците да се вратат во родната земја и спречување на иселувањето на млади лица од земјава.

Дел од членовите на поетската манифестација „Ѕвездено небо„ која веќе пет години се одржува во општина Центар, денешната средба со претседателот Иванов ја искористија накусо да го запознаат со своите досегашни и идни активности и да му заблагодарат за неговата поддршка во зачувување на културното богатство на земјава.

„Ми претставува голема чест што денес имав можност лично да се запознаам со Претседателот и да поразговарам со него. Ова е одлична можност и за граѓаните, и за Претседателот да ги слушне нашите ставови, "рече еден од присутните граѓани, Мирослав Нестор.

За филателистичкото друштво „Марка" средбата со претседателот Иванов беше можност да го запознаат со својата идеја во текот на наредната година да организираат прва меѓународна филателистичка изложба во земјава, на која ќе се претстават специјални албуми со марки.

Претседателот Иванов им заблагодари на граѓаните за нивното денешно присуство, како и за нивните предлози и сугестии во насока на решавање на одредени прашања и унапредување на севкупниот живот во Република Македонија. Воедно, претседателот посочи дека можностите и механизмите кои се во негова надлежност ќе бидат искористени со цел поуспешно надминување на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.

„Сите што сме избрани од граѓаните сме во функција на остварување на интересите на граѓаните. Сите овие средби се на некој начин и проверка на тоа што го работиме и остваруваме и колку е тоа во интерес на граѓаните," рече претседателот Иванов.

Средбата со граѓани е една од редовните активности на претседателот Иванов, со оглед на неговите заложби за блискост и постојан контакт со граѓаните, а како еден од основните предуслови за креирање и спроведување на успешни и функционални политики.
NK2

Согласно ветувањата во предизборната кампања, и водејќи се од ставот дека предлозите на граѓаните за конкретни проблеми се глас на демократската јавност, претседателот Иванов го иницираше проектот „Глас на граѓаните", што претставува можност граѓаните своите идеи и предлози, покрај преку Народните канцеларии, да ги доставуваат и преку електронска адреса на веб страницата на Претседателот, врз основа на чија анализа ќе произлезат заклучоци.

 
Start < Prev 61 62 63 64 65 66 67 68 69 70 Next > End
Page 64 of 198