header

header_peperut_-_Copy3

За женските предизвици

„...Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива е комбиниран израз на вековните традиции, култура и менталитет на македонскиот народ, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во изминатите дваесет години од македонската независност, од друга страна. За поголема интеграцијата на жените во општествениот и политичкиот живот се најзаслужни иницијативите на граѓанскиот сектор. Беше потребно време, разбирање и политичка волја тој процес да добие афирмација и да биде подржан преку институциите на системот.“

Извадок од обраќањето на г-ѓа Маја Иванова на Женскиот бизнис форум на тема:

„Сопругите на лидерите како примери (Role Models) и нивното влијание на политиките за жените“,

Април 2011 година, Истанбул, Република Турција

Успесите за позицијата на жената не секогаш можат и треба да се интерпретираат од позиција на бројки, од позиција на мерливост на учеството на жените во институциите. Иако помалку бројни, жените во политиката во Република Македонија дадоа суштински придонес во многу политички иницијативи и законски проекти во областа на: социјалната заштита, зголемување на породилното отсуство, поддршка за многудетните семејства, поддршка за младите брачни двојки, грижа за активен живот на лицата од третата доба, антидискриминација на маргинализираните групи, поддршка и охрабрување на претприемништво за жени во рурални средини, во областа на културата, образованието и здравството. За поддршката на г-ѓа Иванова во насока на жените во политиката зборуваат нејзините комбинирани настапи со нив и поддршката на нивните инцијативи.

Во областа на бизнисот и економскиот развој на Република Македонија жените заземаат сè позначајна улога со видливо зајакнат претприемнички дух. Денес сме сведоци на постоењето на многу успешни компании раководени од жени, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност во производството и промоцијата и создаваат препознатливи македонски производи и услуги.

Својата поддршка за најуспешните женски приказни, г-ѓа Маја Иванова ја даде со своето покровителство на изборот на „10 најуспешни жени менаџери на Македонија“ и обраќање до добитничките на наградите, во инициран и спроведен од организацијата Марили.

Г-ѓа Иванова останува отворена за соработка и во секоја погодна прилика ја дава својата поддршка за иницијативи кои се однесуваат на подобрување и јакнење на позицијата на жената, како и за позитивна и зголемена информираност за успесите на жената во општеството. Во март 2010 година г-ѓа Иванова, во вила „Биљана“ во Охрид, приреди прием за сопругите на шефовите на делегациите кои беа учесници на Конференција на директори на царинските администрации од Европскиот регион на СЦО, посветена на зајакнување на институционалните капацитети со презентации на теми поврзани со политиката на Светската царинска организација.

Жените се и предводнички на граѓанските иницијативи за унапредување на здравството, придонесувајќи во креирањето на јавни политики за заштита и превенција. Г-ѓа Маја Иванова дава своја безрезервна поддршка за активности и проекти кои се во насока на подобрување на општото здравје, навремена здравствена превенција, јакнење на здравствената заштита на жената.

forumzeni1Во рамки на активностите посветени на соочувањето со женските предизвици во современиот свет, г-ѓа Маја Иванова учествуваше на Меѓународниот форум за жената и одржливиот развој, кој се одржа во периодот од 9 -11 ноември 2011 година во Народна Република Кина, во организација на Се-кинеската женска федерација.
Г-ѓа Иванова имаше свое обраќање на свеченото отворање на форумот, во кое истакна дека Република Македонија е посветена на рамноправната застапеност на жените во секој сегмент и на секое поле. Воедно, ја прикажа жената, како рамноправен чинител на општествените текови, истакнувајќи дека жените-лидери успеваат да одговорат на општествените потреби, да поведат општествена акција, а истовремено и да ги зачуваат семејните и традиционални вредности.

Информираноста на жените во Република Македонија за навременото откривање на една од најтешките болести што се јавува кај жените, ракот на дојката, е предизивик кој г-ѓа Иванова го презема заедно со етаблираните организации во земјата кои работат во таа област. Со нејзината вклученост во иницијативите и активностите на Здружението на жените заболени од рак на дојка - Борка, ја дава поддршката за активностите на здружението за подигање на јавната свест кај жените за потребата од навремено и соодветно откривање на ракот на дојката, но истовремено и да им пружи поддршка и посреќни моменти на оние кои таа борба веќе ја водат. И затоа, со гордост беше дел од розевата прошетка „Напред розово 2010“ посветена на сите тие кои ја изгубиле, ја добиле или ја водат битката со ракот на дојката. Во 2010 година, ја посети и Клиниката за онкологија и заедно со други истканати претставнички на општествениот живот се обиде барем во еден момент да придонесе за полесно соочување на дел од пациентките со нивната секојдневна борба со ракот.

Во знак на континуираната поддршка на жените во превенција и соочување со борбата против ракот на дојка, г-ѓа Маја Иванова се обрати на 5. Национална конференција за борба против ракот на дојката, организирана од здружението „Борка – за секој нов ден".
„Секој месец е месец во борба против ракот на дојката. Секој ден е ден на надеж, истрајност во борбата против ракот на дојката. Не можеме и не смееме да ги ограничуваме нашите активности ниту временски, ниту просторно. Нашата цел е континуирана борба која започнува со превенција, не само во Скопје, туку во секој дел на Република Македонија", истакна г-ѓа Иванова.

alt

Во меѓународните организации се преземаат многубројни и различни активности посветени на жената. Една од тие активности во која г-ѓа Иванова зеде активно учество е тркалезната маса на тема “Women Connected for Health”, како дел од целодневниот настан “First Ladies supporting Millennium Development Goals” во организација на ADA (Advanced Development for Africa), а во соработка со ITU (International Telecommunication Union), како и неколку ОН организации. Ова учество беше дел од нејзините активности за време на 65-то Генерално Собрание на Обединетите Нации, на кое учествуваше нејзиниот сопруг.

Како дел од својата агенда посветена на жените и нивните предизвици се издвојува уште една активност на г-ѓа Иванова – учеството на Евроазискиот економски форум во организација на Мармара Фондација кој се одржа во април 2011 година во Истанбул, Република Турција. Г-ѓа Иванова имаше свое обраќање на Женскиот бизнис форум во рамките на самитот на тема: „Сопругите на лидерите како примери (Role Models) и нивното влијание на политиките за жените“. Како учесник на форумот, на крајот од настанот учествуваше во церемонија на палење свеќи за сеќавање на жените низ светот кои биле жртви на насилство и повик да се поддржи „Платформата за рехабилитација на жените жртви на насилство“.

На дамските сесии во рамки на 15. и 16. Евроазиски економски самит, одржани во 2012 и 2013 година, г-ѓа Иванова истакна дека во изминатите години во Република Македонија се направени многу значајни чекори кон подобрување на општествената улога на жената, а воедно и дека Македонија е позитивен пример во процесот на модернизација на жените.
„Она што посебно сакам да го истакнам е учеството на жената во економските текови. Од година во година се поголем е бројот на успешни жени менаџери, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност и промовираат нови општествено одговорни концепти во водењето бизнис", порача г-ѓа Иванова на дамската сесија „Управување, жените и иднината" во рамки на 15. Евроазиски економски самит во Истанбул.

При официјалните државни посети предводени од Претседателот Иванов, покрај редовните и протоколарни активности, г-ѓа Маја Иванова се обидува во секоја прилика да дознае повеќе за постигнувањата, предизиците и проблемите со кои се соочуваат женските здруженија на македонската дијаспора.

Г-ѓа Иванова опстојува на своите залагања да ја поддржи секоја жена во нејзините напори за успешна животна и општествена приказна, како и секоја организација која работи на јакнење на позицијата на жената.

samitistanbul

 

Фото галерија

Maja_fotogal