Ваши Екселенции, почитувани гости, Дами и господа, жени лидери,
На почетокот, би сакала да ве поздравам сите вас присутни панелистки и учеснички на првиот Глобален самит на жени лидери во Република Македонија. Упатувам благодарност до Сојузот на стопански комори и неговата Претседателка, г-ѓа Данела Арсовска, за укажаната чест да бидам покровител на овој значаен настан, како и за поканата да се обратам на првиот женски лидерски форум во Република Македонија.
Честитки за успешната организација и реализацијата на иницијативата која ги инволвира жените лидери од нашата земја и од странство. Жени лидери кои имаат висок и истакнат профил и изразен професионален и личен интегритет, кои се докажани особено во својата професија, кои заслужуваат да бидат ставени на пиедестал и кои би требало да бидат пример, особено за младите генерации.
Го поздравувам вклучувањето на жените лидери од Република Македонија во Глобалната платформа на жени лидери од јавниот и приватниот сектор, чија цел е севкупно унапредување на женското лидерство, притоа нагласувајќи ја инспиративната улога на жената лидер.
Ми претставува чест да бидам денес со вас и да ја претставам мојата улога во македонското општество како сопруга на Претседателот на Република Македонија, односно моите активности кои произлегуваат од таа улога.
Почитувани,
Ја користам оваа прилика да ви ги пренесам срдечните поздрави од мојот сопруг Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој секогаш поддржува иницијативи кои ставаат акцент на жената и го поздравува вклучувањето на жените лидери од Република Македонија во Глобалната платформа на жени лидери.
Еден од најдрагите проекти на мојот сопруг воопшто е Школата за млади лидери. Тој ја основаше Школата за да им овозможи на младите амбициозни и успешни граѓани на Република Македонија да имаат можност да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Мисијата на Школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на денешницата. Она што е особено интересно е податокот дека во рамките на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов, која се организира 7 години досега, од вкупната бројка на учесници, околу 280, женските млади лидери се 57%. Убедена сум дека дел од учесничките на Школата за млади лидери ќе се приклучат кон Глобалната платформа на жени лидери која ја промовирате денес.
Почитувани присутни,
Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива е комбиниран израз на вековните традиции, културата и менталитетот на македонскиот народ од една страна, и политичката волја и заложба на жените во изминатите години од македонската независност од друга страна. Жените низ историјата ја креирале комбинацијата на манири, изглед, вредности и култура кои ја карактеризираат современата македонска жена. Ние, сите присутни од Република Македонија сме претставници на многу генерации жени кои ја создале оваа слика која ние ја живееме. Затоа, мора да бидеме и ние достојни претставници и да бидеме пример за генерациите кои доаѓаат по нас.
Почитувани дами и господа,
Денес, би сакала да споделам со вас дека низ целиот живот ме води разумот, но ме облагородува љубовта. Уште од најрана возраст сфатив дека што и да правам во животот, ако во тоа не вложам љубов, разбирање и посветеност и ако тоа не остави трага или не направи некоја, барем и најмала промена, нема никакво значење! Сфатив дека доколку некој знае да сочувствува и да дозволи поддршката да ги облагороди неговите активности, тогаш секој чекор води кон посветла заедничка иднина. Искуството уште еднаш ми покажа дека на тој пат кон подобрување на нашето севкупно живеење, жената е најчестиот, најупорниот и најуспешниот водач, односно лидер! Таа е присутна и во бизнисот и во уметноста, и во културата и во социјалата, и во здравството и во дипломатијата, и во новинарството и во администрацијата... Да, впрочем, жената е присутна секаде, но она што го прави посебно нејзиното присуство и ја издвојува е нејзиниот пристап, нејзината емотивност, префинетост, интуиција, одлучност и иницијативност.
Жената, како и многу пати досега, докажала дека е вистински борец, столб на кој може да се потпреме, која успева да ги воздигне и најдлабоките емоции, но истовремено спремна да ја скроти и најдлабоката болка, и притоа да ја задржи топлината на своето лице и благоста на своите зборови. Жената, симбол на сите семејни вредности и темел на заедништво, несебично ја дели својата љубов, својот труд и се вложува себе си во секоја улога – како сопруга, мајка, пријател, работник, професионалец, лидер...
Драги пријатели,
Кога мојот сопруг стана Претседател на Република Македонија, се запрашав како и каде да ги вложам своите напори и можности, во која област да се ангажирам од аспект на мојата нова улога, а со цел да поттикнам и поддржам што повеќе општествено корисни иницијативи. Низ пребарувањето и препознавањето на најсоодветните области сфатив дека ништо не е повеќе или помалку значајно. Меѓутоа, морав да се одлучам за неколку области кои јас ги препознавам како поблиски и поприфатливи за мојата позиција. Би сакала да нагласам дека сите активности кои ги преземам како сопруга на Претседателот на Република Македонија, ги спроведувам и како жена и како мајка.
Затоа, најдраги ми се сите активности кои се посветени на децата. Посебно сум посветена на активности за децата со посебни потреби, меѓу кои особено работам за децата со аутизам. Се трудам и мислам дека досега успевам да го засилам нивниот глас, но и да ја ангажирам македонската јавност, македонските институции и да го привлечам и насочам нивното внимание кон ова значајно прашање. Последниот голем проект на ова поле беше отворањето под мое покровителство на посебен Центар за сензорна терапија на лица со аутизам. Во 2009 година, кога се активирав на ова поле, немаше многу информации во јавноста за аутизмот, не беше тема која беше често споменувана. Затоа, се обидував да бидам гласноговорник за нивните права, нивните барања и потреби, за силно и јасно да ја пренесам пораката и до јавноста, но и до сите надлежни институции. Кога ме нарекуваат нивен адвокат, застапник и бранител, јас со гордост потврдувам дека тоа и сум!
Почитувани,
Улогата на жената лидер, на жената предводник, а уште повеќе на жената која ја има улогата на прва дама во едно општество, ја препознавам како позиција од која може да се поведат многу иницијативи, да се организираат многу акции и кампањи, но и да се бранат обесправените и помалку бројните, тие чиј настап често е незабележлив, ненаметлив, тивок и редок. Затоа, дел од моите активности се посветени и на лицата со ретки болести во Република Македонија.
Поради ангажманот кој го имам на национално ниво, а и поради моите залагања во контекст на подобрување на положбата, лекувањето и третманите на лицата со ретки болести, четврта година по ред сум Европски почесен покровител на Европската организација за ретки болести - ЕУРОРДИС во Брисел. Реткоста на болеста не значи дека смее да се занемари, реткоста не значи и ретко ангажирање и посветеност на оваа тематика. Ретките болести најчесто се и животно загрозувачки болести. Овде не се гледа од позиција на бројка туку од позиција на живот. Мојот апел е да се обидеме да обезбедиме подобар третман, брза и рана дијагностика, да помогнеме за подобар пристап до најефикасните третмани за пациентите со ретка болест, да се ангажираме и трудиме да се обезбедат најдобрите и соодветни лекарства и да се бориме за подобрен, достоен и поквалитетен живот на секој пациент со ретка болест. Во таа насока, особено ме радува што Владата на Република Македонија го слушна нашиот глас и презема конкретни мерки и одвојува големи износи на средства за решавање на проблемот со кој се соочуваат пациентите кои имаат ретки болести, а тоа најчесто се нивните лекарства, кои се исклучително скапи и кои пациентите не можат сами да си ги набават.
Ценети присутни,
Поголем дел од моите ангажмани се посветени на децата и на нивното здравје. Бев покровител на кампањата „Здрава храна за детство без мана" која беше посветена на правилната и здрава исхрана кај децата уште од најмала возраст, што прерасна од иницијатива во проект на Владата на Република Македонија, што значеше системски пристап кон имплементацијата на оваа кампања.
Сепак, една од најдрагите активности која се спроведе под мое покровителство е отворањето на воопшто првиот Ургентен центар на Детската клиника. Проектот беше всушност национална кампања во која учествуваа граѓаните на Република Македонија, а потоа доби и поддршка од Турската агенција за поддршка и развој. Успеавме да реализираме проект кој од 2013 година работи и функционира одлично. Мотото на кампањата беше „Да помогнеме навреме!", а, јас пак, дополнував, „каде што секундите живот значат". Особено ми беше значајна поддршката на мојот сопруг и неговите зборови, треба да изградиме иднина за младите, но и млади за иднината, и кој, откако го слушна концептот на проектот, без двоумење ниту за миг, веднаш ја даде својата безрезервна поддршка. За нашите деца се работи, рече, тие се иднината на нашата земја. Затоа, особено сум горда на тој проект и ме радува што нашите деца имаат далеку подобри и посовремени услови за лекување.
Би сакала да најавам, по прв пат јавно, дека наскоро ќе следи отворање на уште еден, исто така значаен проект на Детската клиника. Во тек е комплетно реновирање и опремување на Одделот за интензивна нега на Детската клиника, кој се спроведува под мое покровителство, а е со примарна и единствена цел, да се постигнат највисоки и најсовремени стандарди на педијатриски услуги за најмалите пациенти.
Почитувани присутни,
Поддржувам уште многу активности посветени на децата, меѓу кои би ги издвоила и континуираната соработка со СОС Детското село и покровителството на нивните значајни годишници, 10 и 15 годишнината, посетите на Детското село и дружењето со децата. Понатаму, поддршката која ја давам општо за децата со посебни потреби, за децата без родители и родителска грижа, специјалната олимпијада, активностите со специјализираните училишта за деца со посебни потреби.
Драги пријатели,
Покрај активностите со децата, како сопруга на Претседателот на Република Македонија, како втора област на мој зајакнат ангажман би ја издвоила жената, нејзините права, позиција и здравје. Како сопруга на Претседателот, но и како жена, не пропуштам прилика, а да не ги поддржам розовите кампањи на моите драги пријателки, борките, од Здружението „Борка – за секој нов ден", поддржани од Алијансата за борба против ракот. Без разлика дали е розова прошетка, национална кампања, национална конференција или некоја друга иницијатива, акција или проект, кога се однесува на борбата против ракот на дојката, ја давам мојата целосна и безрезервна поддршка за подигање на свеста кај жените за потребата од навремено откривање и рано дијагностицирање на ракот на дојката. Шансите за надминување на болеста се многу поголеми доколку е откриена во рана фаза. Мојата мисла водилка при секоја активност во оваа област е ако поттикнеме барем една жена навреме да направи преглед и да ја открие заканата додека не е предоцна, сме ја постигнале целта.
Почитувани присутни,
Ова се дел од моите активности кои ги иницирам или поддржувам како сопруга на Претседателот на Република Македонија, но секако, често имам активности кои подразбираат придружување на мојот сопруг на настани во земјата, како и при посети на странски држави и учества на мултилатерални настани. Секогаш сум активна при посетите, со посебна дамска програма, користејќи ја секоја прилика за размена на мислења, искуства и позитивни примери од областите во кои сум ангажирана.
Во корист на времето, не би можела да ги опфатам сите мои активности, но би сакала да ја искористам оваа прилика да ве информирам и за уште неколку други мои ангажмани. Редовно сум вклучена во кампањата Ден на дрвото која има примарна цел подигање на јавната еколошка свест. Понатаму, одбележувањето на христијанските празници во нашиот дом е секогаш почитувано на највисоко ниво, а откако сме во претседателската резиденција, вратите на нашиот дом се отворени за многу групи на деца кои можат да го почувствуваат празничниот амбиент заедно со моето семејство. Како верник, поддржувам и многу настани на Македонската Православна Црква и се залагам за враќање на вистинските и морални вредности кај младите во нашата земја.
И, уште многу активности за кои би сакала да ви зборувам, се со цел, да повикам и да поттикнам повеќе од вас, жени лидери, секоја во својата област, да се ангажирате и да се вклучите во што поголем број во општествено одговорни иницијативи и да им помогнете на оние на кои најмногу им е потребна поддршка.
Во оваа прилика, би сакала да посочам дека сум професионално ангажирана, во редовен работен однос, во Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија и секогаш се трудам да балансирам најдобро што можам меѓу активностите како сопруга на Претседателот, професионалните ангажмани, но и приватниот живот и обврски.
Драги пријатели,
На крајот, би сакала да ја споменам нашата сограѓанка Света Мајка Тереза, која со својот скромен живот, огромно срце и големи дела, е светол пример колку можеме да постигнеме со посветеност, чисто срце и искрена љубов. Целиот свет ја запозна и е фасциниран од благословената мисија на Мајка Тереза, која целиот живот го посвети служејќи им на оние имаат потреба од помош, и која ќе ја паметиме по нејзините дела и по нејзините зборови. Тоа е неконвенционален пример на жена лидер, но затоа за неа вечно ќе зборуваме и на која вечно ќе и благодариме што успеала во својата земска мисија! Света Мајка Тереза има кажано: „Не сме сите створени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов." и дека: „Не е важно колку работите, важно е колку љубов внесувате во тоа што го правите." А, тоа се поуките кои и јас ги извлеков од мојот живот. Со љубов, посветеност и залагања можеме да постигнеме многу само ако сме доследни и упорни во нашите планови и зацртани цели.
Ви благодарам.

|