Обраќање на божикниот концерт „Божик - слава“
Сабота, 07 Јануари 2017   

zlata_meglenska_hor_8Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски, Ваше Блаженство г. г. Стефан,
Почитуван Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,
Почитувано свештенство, Почитувани верници,


ХРИСТОС СЕ РОДИ, навистина се роди!

Во новата 2017 година ви посакувам добро здравје за вас и вашите ближни, спокојство во вашата душа, мир во вашите срца, хармонија во вашиот дом и многу радости во вашиот живот.

Почитувани присутни,

Ова се несекојдневни денови во Македонија. Нашите улици, нашите домови и нашите елки се накитени со безброј светилки. Некој ќе рече дека тоа е сосема нормално, бидејќи ја прославуваме Новата Година.

Но, малкумина знаат дека славењето на новата година е нов феномен, не постар од 80-тина години.

Многумина заборавија дека светилките светат, не заради новата година, туку пред сè, поради Божиќ.

Но, зошто Божиќ?

За да разбереме, мора да се вратиме седум века пред првиот Божиќ, во времето на пророкот Исаија. Во тоа време Исаија напишал: „Народот кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка ќе болсне светлина... Зашто дете ни се роди, Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе го наречат Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот."

Седум века подоцна, на првиот Божиќ се роди тоа дете. Витлеемската ѕвезда го осветли патот на тројцата мудреци до местото каде се наоѓаше Младенецот. Истиот оној Младенец кој по 30 години за Себе ќе изјави: „Јас сум светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот."

За Него Апостолот Јован вели дека „во Него беше животот и животот им беше светлина на луѓето. Светлината свети во темнина и темнината не ја опфати. Тој беше вистинска светлина која го осветлува секој човек што доаѓаше во светов."

Драги пријатели,

На овој голем христијански празник – Божиќ, кога одново го прославуваме раѓањето на Исус Христос, повикани сме да посведочиме за силата, но и љубовта, праведноста, но и милоста, светоста, но, и сочувството на нашиот Бог кој „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. "

Тоа подразбираше дека Создателот се смести во своето создание, Невидливот стана Видлив, Недопирливиот стана Допирлив, Синот Божји стана и Син човечки, кој искуси прогонство, исмевање, закани, предавство, болки, страдања, отфрленост и смрт. И сето тоа го искуси за да се поистовети со секој еден од нас. „Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да биде спасен преку Него."

Тоа е врвен чин на љубов и себедавање.zlata_meglenska_hor_22

Драги верници,

Секој Божиќ Исус Христос чука на нашите порти и бара од нас да ги отвориме нашите срца и да му дозволиме да влезе, за да ни донесе простување, оправдување, спокој, мир и љубов. Да ни овозможи да бидеме послични на Него. Но, што значи тоа за секој еден од нас, во нашето секојдневие, тука, во нашата татковина Македонија?

Пред сè – одговорност кон себе и кон другите. Треба да постапуваме со другите луѓе онака како што сакаме другите луѓе да постапуваат со нас.

Да го љубиме ближниот како самиот себе си. А, ближен, според Св. Климент Охридски е секој оној што има иста природа со нас.

Треба да сме подготвени да си простиме и несебично да си помагаме, бидејќи, и покрај сите наши разлики, сите ние сме луѓе, со вроден човечки интегритет и неотуѓиво човечко достоинство.

Треба да се почитуваме и да се поддржуваме, бидејќи сме упатени едни на други. Или, како што мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија честопати вели, цитирајќи го Св. Климент Охридски „во сè што правиме, да се престигнуваме во добрина."

Овој систем на вредности треба да биде водилка во животот што ни дава надеж, ни помага да се соочиме и да ги пребродиме и најголемите предизвици, и со тоа ни дава верба во моќта на добрината.

Како покровител на овој Божиќен концерт на хорски изведби ве поканувам заедно да ја почувствуваме Божиќната радост и да ја пренесеме светлината во нашите срца и во нашите домови.


Нека ни е честит Божиќ! Христос се роди!

За многу години!
zlata_meglenska_hor_36 

 

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal