Плакета за г-ѓа Иванова за хуманоста и поддршката на лицата со хендикеп | |
|
Организаторот, „Детла ексклузив", веќе неколку години ги наградува успешните лица со хендикеп, но и организациите, институциите, заводите и центрите што се грижат за нив, како и поединците што се залагаат за поголема афирмација на активностите на лицата со посебни потреби во јавноста. На сопругата на Претседателот, г-ѓата Маја Иванова и беше доделена плакета во знак на благодарност за нејзината хуманост и континуирана поддршка и заложби лицата со хендикеп да можат да водат нормален живот, да ги надминат секојдневните пречки и да можат слободно да работат и да креираат. Меѓу наградените лица со хендикеп се: - Александар Савевски од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партение Зографски" од Скопје, успешен студент на Машинскиот факултет, вистински пример за успех во социјалната инклузија применета во образовниот систем кај нас. - Нена Деспотовиќ, ученичка со попреченост во развојот од Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски" од Скопје, која оваа година на Специјалната олимпијада во Република Грција го освои првото место во пинг-понг натпреварите и донесе злато за Република Македонија. - Ема Ананиевска, ученичка со целосно оштетен вид од Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј" од Скопје која годинава на меѓународен натпревар по клавир освои прво место, а деновиве ќе гостува и во Москва. - Ифраим Љута од Тетово кој трча на патека од 200 и 400 метри, момче со над деведесет отсто оштетен вид, шести на светската ранг листа за атлетика за 2011 година. - Роза Мојсовска, ликовен уметник кој црта со уста и неколку години едноподруго освојува прво место за Македонија на натпревар во Бугарија со мешан состав на учесници - здрави лица и лица со хендикеп. - Дејан Зафиров, кој во последниве три години, со возење велосипед најнапред во Европа, потоа во Америка, го собори сопствениот рекорд со извозени над 14.000 километри, промовирајќи ја во исто време својата земја. Добитници на плакети беа и други институции, установи, компании и здруженија на граѓани кои исто така даваат значаен придонес за лицата со хендикеп.
|