Г-ѓа Иванова ја промовираше кампањата „Здрава храна за детство без маана“ | |
|
Првата македонска дама, г-ѓа Маја Иванова денес, пред учениците на О.У. ’’Јохан Ханрих Песталоци’’ официјално ја промовираше кампањата „Здрава храна за детство без мана“, чија цел е да го поттикне интересот кај децата за здрава и правилна исхрана. Оваа кампања е дел од Програмата “Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која здружението на граѓани ОХО, во соработка со Министерството за образование и наука успешно ја имплементира веќе две години.
Г-ѓа Иванова, инаку покровител на оваа кампања, им порача на сите родители да се приклучат кон заедничките напори да создадеме свесни генерации кои ќе станат имуни на зависноста од брзата храна со што ќе им обезбедиме сигурна и здрава иднина. Во учебната 2011/2012 училиштата и градинките ќе спроведуваат различни активности во текот на целата учебната година со кои децата ќе бидат запознаени со важноста на здравата исхрана и воедно ќе бидат поттикнати да конзумираат здрава храна како дел од нивниот секојдневен оброк.
Активностите ќе вклучуваат: изработка на кратки пораки на темата “Здрава храна за детство без мана“ кои ќе станат дел од Еко-кодексот на училиштата иградинките; изработка на рецепти на темата “Здрава храна за детство без мана“ од учениците и децата; одбележување на определените денови на зеленчук и овошје; изработка на ликовни и пишани творби; организација на натпревари, изложби, маскембали и јавни настани за промоција на кампањата. За потребите на кампањата се изработени едукативни постери кои ќе бидат дистрибуирани до сите училишта и градинки, како и до сите останати институции вклучени во воспитно-образовниот процес.
Пред неколку месеци слична ваква кампања, насловена “Let’s move” започна и првата дама на САД, Мишел Обама, со која се обидува да ги промени навиките на децата кои се повеќе се соочуваат со прекумерна телесна тежина и да ги поттикне да практикуваат здрава исхрана. При патувањето во Њујорк, Мишел Обама ја запозна г-ѓата Иванова со основните цели на кампањата и плановите за нејзино спроведување, повикувајќи ја и неа да ја поддржи. Г-ѓа Иванова денес го оствари тоа ветување, залагајќи се севкупно ангажирање на сите релевантни фактори, а во насока на унапредување на здравјето на децата.
|