Дуке Бојаџиев настапи пред децата во Детска клиника во Скопје
|
|
Македонскиот композитор, продуцент и пијанист Дуке Бојаџиев денеска свиреше за дечињата згрижени во Клиниката за детски болести во Скопје.
Идејата за настапот на Бојаџиев се родила на средба со семејството на претседателот Иванов во Охрид, следејќи ги позитивните светски искуства на примена на музикотерапија во конвенционалната медицина.
„Чест и задоволство на Клиниката за детски болести е да го имаме Дуке Бојаџиев, кој благодарение на првата дама, ни е гостин, да направи концерт, особено за дечињата кои немаат прилика него да го гледаат во живо. Да се надеваме дека голем дел од нив кога ќе излезат ќе имаат прилика. Клиниката денеска е негова бина, кадешто дел од нив, преку песната, може да почувствуваат една убава енергија и болницата да ја претвориме во место кадешто болестите ќе се лечат заедно со музиката. Голема благодарност до Дуке Бојаџиев. Ова што го слушаме сите не остава без текст, и децата и родителите. Благодарност и до првата дама која ни овозможува да биде дел од нашите простори. И во иднина вакви концерти ќе се приредуваат се со една цел – музичката терапија да биде единствената терапија со која ќе се лекуваат децата", изјави д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести.
Дуке Бојаџиев настапи заедно со Тања Царовска - вокал и Владимир Крстев - виолина, состав со кој настапуваше годинава во Рим, во рамки на одбележувањето на Св. Кирил, а кои беа дел од неговиот тим на концертите одржани летово.

|