header

header_peperut_-_Copy3

Жената рамноправен чинител во општествените процеси - обраќање на Специјална сесија на Форумот на африканските жени во рамките на Кран Монтана Форум, Дакла, Мароко
Сабота, 14 Март 2015   

ObrakjanjeMIDakla1Почитувани присутни,

Ми преставува задоволство да се обратам на еден од најреномираните форуми во глобални рамки, Форумот Кран Монтана. Посебно ме радува што овој Форум, и Амбасадорот Картерон, во континуитет е посветен на правата и улогата на жената насекаде во светот. Најискрено сум благодарна и му честитам на ваквите заложби. Секако посебна благодарност сакам да искажам и за Африканскиот женски форум и Меѓународната исламска организација за образование, наука и култура.

Драги дами и господа,

Жените со децении го чекорат патот на рамноправноста и еднаквоста. Првата и вистинска цел на тој пат беше жените да ги добијат истите права и можности како мажите. Сепак, таа цел, сама по себе, не значеше остварување. Напротив, тоа беше само еден чекор на патот кон целосен општествен придонес, кој жената може и има обврска да го даде во социоекономските текови.

Благословот кој жената го има во создавањето нов живот претставува и обврска да се грижи и за подобро и поквалитетно живеење. Балансот создаден од природата е предизвик и можност да создаваме и да промовираме одржливо општество во сите сфери. Вистинското прашање во таа насока веќе не е дали, туку колку можеме нашите желби и залагања да ги преточиме во реалност. Сигурна сум дека можеме да придонесеме во развојот на нашите општества, зацврстувајќи ја неповратливоста на тој процес.

ObrakjanjeMIDakla1_2Почитувани,

Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива е симбиоза на две нешта: вековните традиции, културата и менталитет на македонскиот народ, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во независна Македонија, од друга страна. Иницијативите на граѓанскиот сектор се заслужни за поголема интеграција на жените во општествениот и политичкиот живот. Беше потребно време, разбирање и политичка волја за процесот да добие афирмација и да биде подржан од институциите на системот.

Република Македонија меѓу првите држави во Европа воведе квота со која на изборните листи секое трето место ѝ е доделено на жена-кандидат. Благодарение на гарантираното учество на жената во претставничките тела на централно и локално ниво, денеска сè поголем број од пратениците, општинските советници, но и меѓу министрите и вршителите на високи државни функции се токму жените.

Со својот придонес, истрајност и залагања, жените сè повеќе успеваат во значајни реформски општествени проекти и суштински промени. Унапредена е и законската регулатива во областа на родовата еднаквост, еднаквите можности и забраната од дискриминација. Усвоени се закони кои ги штитат и подобруваат правата на жените во областа на образованието, изборниот законик, работните односи, социјалната заштита, здравството, политичките партии, семејството и многу други. Исто така, донесени се и неколку национални стратешки документи и акциони планови кои се спроведуваат од страна на државните институции, но подразбираат партнерски однос и со гранските организации.

Образованието е клучно за успехот на секоја држава и секое општество. Но, „државата што не ги образува жените не може да напредува," вели една мудрост. Затоа, и државата и цивилното општество во Република Македонија посветуваат големо внимание на интегрирање на жените во македонскиот образовен процес.

ObrakjanjeMIDakla1_3Но, жената во Република Македонија е се повеќе присутна не само во јавниот, туку и во приватниот сектор. Разбирајќи ги условите на пазарот, успешните жени менаџери ја внесуваат својата креативност и промовираат успешни општествено одговорни концепти во водењето бизнис.

Мојата земја, Република Македонија презеде многу значајни чекори и конкретни мерки за подобрување на општествената улога на жената. На патот на промените, во секој сегмент од моето работење, ги поддржувам проектите кои го промовираат учеството и позицијата на жените општествените текови и подобрувањето на општествениот развој. Како покртовител но и како активен учесник, преку ангажирање на сите видови расположливи општествени ресурси, се трудам да помогнам да се постигне што повеќе за таа цел.

Драги дами,

Се надевам дека во вашите излагања ќе препознам активности и проекти кои можеби не сме доволно силни да ги реализираме, но секогаш сме успешни да ги инспирираме!

Сакам да знаете дека Република Македонија и јас лично сме отворени за соработка. Подготвена сум за размена на искуства со сите вас тука присутни.

Секоја од нас од денешниот настан треба да замине со една дополнителна обврска – да ја препознае и поттикне секоја жена која е подготвена да даде поширок општествен придонес, да ја охрабри и поддржи во остварувањето на нејзината цел, и, секако, да придонесе во вистинско вреднување на нејзиниот успех. Токму така, преку меѓусебна поддршка ќе успееме во промените, ќе успееме да се соочиме со предизвиците, ќе успееме да ги надминеме разочарувањата и ќе ги прославиме успесите како поттик и инспирација за иднината.
ObrakjanjeMIDakla1_4

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal