|
Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, во рамки на спроведувањето на кампањата „Здрава храна за детство без мана", денеска ја посети фабриката „Жито Ориз" во Кочани, каде што деца од четири основни училишта од овој град се запознаа со процесот на преработка на ориз и дегустираа оброци подготвени од ориз.
„Навистина ми е драго што оваа идеја прерасна во една масовна акција, не само преку организирање на вакви настани, туку ја доби поддршката од сите оние што навистина треба да ја поддржат, а тоа се институциите, градинките, училиштата. Денеска сме тука, во фабриката за преработка за ориз, каде што на децата им се презентираше какво е значењето на оваа житарица, со која се храни половина население во светот. Така што, ми е драго што видоа и на дело како се доаѓа финален производ. Оваа кампања е за идните поколенија. Да имаме здрава младина, здрави деца, затоа што здравата иднина ќе ја обезбедиме преку здрави поколенија", изјави г-ѓа Иванова.
Кампањата „Здрава храна за детство без мана", чиј покровител е г-ѓа Маја Иванова, се реализира трета учебна година во градинките и училиштата, како дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем" во соработка со Министерството за образование и наука и здружението „ОХО". Денешниот настан во Кочани се одржа во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз". Кампањата „Здрава храна за детство без мана" е посветена на здравата храна и има за цел да ја подигне свеста за консумирање на здрава храна кај децата и учениците. Кампањата е едукативна, информативна и пред се забавна и ги пренесува позитивните страни на здравата храна, начините на подготвување и процесот на стекнување на позитивни навики за консумирање на здрава храна пред се во градинките и училиштата.

|