header

header_peperut_-_Copy3

Детскиот центар ми даде насоки во животот, да ја сакам уметноста и да ја почитувам креативноста - г-ѓа Иванова покровител на 65 годишниот јубилеј на ДКЦ „Карпош"
Петок, 07 Јуни 2013   

Обраќање на г-ѓа Маја Иванова на свеченоста по повод 65 години од основањето на Детскиот културен центар Карпош

Почитувани присутни,
Драги деца,

Со посебно задоволство ви се обраќам вечерва, на прославата по повод 65-годишнината од основањето на Детскиот културен центар Карпош.

Дозволете ми да ви упатам најсрдечни честитки за овој голем јубилеј во името на мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, со желби за што повеќе поводи за прослави и уште многу годишнини. 

Најголема честитка по повод овој значаен јубилеј, упатувам до сите генерации на деца кои поминаа низ овој Детски културен центар, до сите оние кои своите таленти и креативност ги практикуваа тука во рамките на ликовната секција, драмската секција, инструменталната или фолклорната секција. Децата не постојат заради Центарот, туку Центарот постои поради децата.

Почитувани,

Поканата за покровителство на оваа прослава посебно ме израдува. Ме израдува бидејќи ја почитувам оваа институција, како едно посебно креативно катче за децата, каде никој не ги ограничува да творат низ песна и музика и да создаваат безвременска и пријатна мелодија на детски џагор и смеа. Поканата ме израдува бидејќи некогаш и јас бев дел од оваа приказна и бев дел од безгрижните детски моменти во тогашниот пионерски дом Карпош.

Сметам дека токму тие денови поминати во овој центар ми го збогатија детството со интересни и забавни спомени. Но, исто така ме подготвија и ми дадоа насока во животот, го дополнија моето образование, ми створија љубов кон пишаниот збор, ме инспирираа да создавам поезија и да ја обожувам музиката, кои и ден денешен ми ја хранат душата. Детскиот центар ми даде насоки во животот, да ја сакам уметноста и да ја почитувам креативноста, да творам и да ја почитувам македонската култура и традиција, преку песната, ората и литературата.
Сеќавајќи се на прекрасното време поминато во Детскиот културен центар Карпош и спомените и поуките што од тука ги понесов, отворено и јавно го препорачувам овој центар до сите родители. Препорачувам да ги запишат своите дечиња во некоја од секциите која најмногу одговара на нивните интереси и таленти и да им овозможат на своите деца едукација низ песна и забава. На тој начин, ќе се осмисли нивното слободно време, ќе им се возбуди нивната детска фантазија, ќе им се поттикне креативноста. И токму на тоа место, ќе ги научат и засакаат вредностите и убавините кои ги крие македонската уметност, култура и традиција.

Дами и господа, драги деца,

Секоја држава вложува во својата иднина, вложува во идните генерации кои понатаму ќе ја предводат земјата. Верувам дека постоењето на Детскиот културен центар ја збогатува понудата што државата им ја дава на младите генерации за нивно образование. Овој центар нуди можност децата да ги развиваат нивните таленти, го поттикнува нивното слободно размислување, им обезбедува простор за нивно безгрижно дружење, создавање пријателства и остварување на нивните соништа и фантазии.

Опстојувањето и ефикасното функционирање на оваа институција низ годините и низ сите промени што времето ги носеше со себе, е доказ дека концептот е успешен и комплементарен со редовното образование кај децата. За тоа најдобро зборуваат успешните животни приказни на многу познати јавни личности од сите области, кои своите почетоци на уметничко и креативно изразување ги имаа токму во Детскиот културен центар Карпош.

Почитувани присутни,

Да ги поздравиме сите кои поминаа низ многуте секции на Детскиот културен центар Карпош.

Да ги поздравиме сегашните ученици и да ги поканиме родителите да ги запишат нивните деца во Детскиот културен центар Карпош.

Да им порачаме на идните генерации дека оваа институција ќе слави уште многу јубилеи, ќе создава уште многу успешни приказни, ќе предизвикува уште многу внимание и ќе добива уште многу признанија и награди за своето работење.

Честитки за 65 години постоење. Нека се множат годините и бројот на учениците на Детскиот културен центар Карпош.

Ви благодарам.

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal