|
Светски ден на здравата храна - г-ѓа Маја Иванова во посета на Средното училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски”
|
|
Вторник, 16 Октомври 2012
|
|
|
Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска го посети ДСУ за рехабилитација и образование "Св. Наум Охридски" во Скопје, каде што под мотото "Наш ум, наши раце, наши фигури – сочни фигури" се обележа Светскиот ден на здравата храна.
Г-ѓа Иванова ја даде својата поддршка на проектот „Здрави навики преку здрава храна” во организација на ова училиште, а кој има за цел да ги едуцира учениците за значењето на здравата храна, да ја подигне свеста за хигиенските навики при подготовката на храната, а со тоа да овозможи и поголема социјализација на децата со посебни потреби.
Во рамки на настанот, г-ѓа Иванова ја посети работилницата за изработка на фигури од овошје и зеленчук, при што имаше можност да се увери и во исклучителниот талент на децата со посебни потреби, а воедно учествуваше и на лицитацијата на која беа наградени најдобрите. Притоа, таа ги поздрави сите присутни и ги потенцираше заложбите за подигнување на свеста кај населението за здравата храна, особено кај децата, кои се наша иднина и најголемо богатство.
По повод пет годишнината од смртта на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески, г-ѓа Маја во рамки на денешниот настан на учениците од Средното училиште „Св. Наум Охридски” им подари музички цедиња со сите издадени албуми на македонскиот непребол.
Во таа прилика г-ѓа Иванова потсети дека за неа претставува огромно задоволство што денеска се наоѓа помеѓу децата - најверната и најискрена публика во краткиот живот на Тоше и порача дека тој со своите дела пред се како голем хуманист, засекогаш ќе биде дел од сите македонски срца.
|