Г-ѓа Иванова во поддршка на манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ во Битола | |
|
На бројните штандови, поставени пред НУ Центар за култура, беа изложени разни домашни производи, креации од овошје и зеленчук, но и детски творби и пораки за здрава храна и правилна исхрана. „Оваа акција станува сè помасовна и во неа, освен децата, вклучени се и нивните родители, наставници и професори, односно сите субјекти што се вкчлучени во создавањето на една здрава млада личност. Треба да сме среќни што сме држава која изобилува со плодна почва, со здрава вода, со сончеви денови и затоа ако се храниме здраво ќе живееме здраво и ќе создаваме поколенија кои се иднина за нашата држава,“ истакна г-ѓа Иванова за време на денешниот престој во Битола. Караванот „Денови на овошјето и зеленчукот“ ќе ја обиколи цела Македонија, а го организираат Здружението на граѓани „ОХО“ во партнерство со Министерството за образование и наука, Швајцарската агенција за развој и соработка, и општините домаќини на манифестациите. Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, истакна дека максимално ја поддржува оваа иницијатива и ќе вложи напори за што поголема и помасовна вклученост на деца, ученици, професори од Битола, што ќе придонесе за стекнување здрави животни навики. Општинската програма за манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ ја подготвија учениците и наставниците од ОУ „Д-р Трифун Пановски“ - Битола кои изведоа рецитал, песни и драматизации и други училишни креативни содржини.
|