header

header_peperut_-_Copy3

Г-ѓа Маја Иванова на 5-тиот Меѓународен форум на Шафалах центарот во Доха, Катар
Понеделник, 23 Јануари 2012   

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, присуствува на 5-тиот Меѓународен форум на Шафалах центарот за деца со посебни потреби, кој се одржува во Доха, од 22-24 јануари. Главна тема на Форумот е „Кризи, конфликти и инвалидитет: осигурување еднаквост“, а се организира под покровителство на Нејзиното Височество Шеика Моза бин Насер, сопруга на Емирот на Државата Катар.

Во фокусот на овој Меѓународен форум е влијанието на природните катастрофи, конфликтите и хуманитарните кризи врз лицата со посебни потреби, како и нивната маргинализација во таквите ситуации.

Учесниците на сесиите посебно внимание посветија на тековните светски кризи - камповите за бегалци и конфликтните зони на Блискиот Исток и Африка, како и неодамнешните природни катастрофи во Јапонија, Хаити, Пакистан, анализирајќи го нивното влијание врз лицата со посебни потреби.

На настанот учествуваат повеќе од 300 високи гости, први дами, претставници на меѓународни организации, како и истакнати новинари од светски познати медиуми. Покрај г-ѓа Иванова, меѓу првите дами кои со своето учество му дадоа поголемо значење на форумот, се сопругите на претседателите на Шри Ланка, Полска, Намибија, Гана, Финскa, Кипар, принцезата на Холандија, принцот од Јордан и многу други.

По свеченото отворање на форумот, г-ѓа Маја Иванова оствари средба со Нејзиното Височество Шеика Моза бин Насер. Двете соговорнички разговараа на повеќе теми од заемен интерес. Г-ѓа Иванова ја информираше Шеика Моза бин Насер за нејзините активности во Република Македонија, осврнувајќи се посебно на иницијативите под нејзино покровителство, а кои се однесуваат на жената и децата, но пред сè активностите поврзани со децата со посебни потреби.

За време на свечениот ручек организиран за присутните високи гости, чиј домаќин беше Нејзиното Височество Шеика Моза, г-ѓа Иванова упати покана до неа да ја посети Република Македонија во летниот период и да присуствува на свеченото отворање на фестивалот Охридско лето.

Г-ѓа Иванова оствари средба и со г-ѓа Ана Коморовска, сопруга на претседателот на Република Полска, со која разменија информации за нивните тековни активности. Имајќи предвид дека двете први дами посветуваат посебно внимание на децата со посебни потреби, споделија мислења и искуства кои би можеле да ги применат во своите земји, како и идеи за идни заеднички инцијативи.

Г-ѓа Маја Иванова се сретна и со г-ѓа Чери Блер, сопруга на поранешниот британски премиер, и копретседавач на една од сесиите на форумот. Г-ѓа Блер ја информираше г-ѓа Иванова за најзините активности со фондацијата која го носи нејзиното име и чиј што предводник е таа, разговарајќи за можноста за натамошна соработка.

На свечената вечера која ја организираше г-динот Хасан Али Бин Али, Претседавач на Шафалках центарот, г-ѓа Иванова се сретна со Принцот на Јордан, Миред Раад Зеид Ал Хусеин, меѓународно признат активист за правата на лицата со посебни потреби. Г-ѓа Иванова и Принцот од Јордан имаа прилкиа да разменат мислења и да се запознат со нивните активности во областите во кои дејствуваат и за кои споделуваат заемен интереес. Принцот на Јордан во текот на утрешниот ден ќе биде еден од главните говорници на пленарните сесии.


 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal