Обраќање на претседателот Иванов на свеченото отворање на Школата за лидери - 2011

019Lideri2011Почитувани млади лидери,
Драги гости,
Дами и господа,


Како иницијатор и покровител на Школото за млади лидери имам чест и задоволство да ве поздравам на првиот ден од десетдневната интензивна обука која годинава се одржува по втор пат. Би сакал да ви посакам да поминете десет незаборавни дена во учење, надградба, усовршување, споделување и тимска соработка. Интенцијата на оваа летно школо е на едно место да се собере креативниот потенцијал на нашата држава од различните области, професии, интереси и полиња на дејствување. Вие веќе делумно сте, а во иднина сè повеќе и повеќе директно ќе бидете вклучени во донесувањето одлуки и во креирањето на македонското општество. Од вас зависи каква ќе биде иднината на нашата земја. Би сакал да ви порачам дека апсолутно сметаме на вас, и јас како претседател ќе сторам сè да помогнам да стекнете дополнителни знаења и вештини и да бидете подготвени за предизвиците што претстојат во иднина.


Сите ние на одреден начин го моделираме нашето општество, нашите заедници. Од нас самите зависи нашиот личен успех, но и успехот на сите околу нас, успехот на целото општество.  Вашите активности нема да престанат со десетдневната обука. Преку Алумни-асоцијацијата, односно ИСЛАА, ќе имате можност во текот на целата година активно да учествувате во проекти и инцијативи.


Особено ме радува фактот што оваа обука е производ на новиот дух на заедништво, на споделената општествена одговорност кон младите лидери. Ќе се согласите дека досега сосема малку и ретко се инвестираше во нив. Често младите потенцијални лидери беа оставани сами да се снаоѓаат. Со Школото за лидери се врти нова страница. Државата и бизнисот се партнери кои со заеднички напори создаваат вистинска вредност. Оттука, севкупната финансиска конструкција на школото е затворена со поддршката на бизнис-партнерите.


Почитувани,

Школото за лидери е само мал придонес во инвестирањето на државата во своите лидери. Секако многу побитно, да го парафразирам Џон Кенеди, е прашањето што сме направиле и што можеме да направиме за својата држава. Секако можеме многу и јас немам сомнение во вашата волја и определба да се вложите и безрезервно да придонесете за вашата заедница, за вашата држава.
                                                                         

Д-р Ѓорге Иванов

 

Фото галерија

galerija-lideri

Web-BANER_2_small_3