News
nishani00
Европската иднина нѐ обединува – средба на претседателот Иванов со албанскиот претседател Нишани во Тирана
Thursday, 02 April 2015 13:29
There are no translations available.


nishani01Република Македонија и Република Албанија имаат заедничка иднина. Со поинтензивна економска соработка, негување на добрососедските односи и заемна доверба ќе се обезбеди европска иднина и подобар стандард за своите граѓани, но и капацитет за заеднички одговор на актуелните предизвици, порачаа претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и претседателот на Република Албанија, г. Бујар Нишани по денешната средба во Тирана, во рамки на дводнената официјална посета на претседателот Иванов на Република Албанија.

„Очекувам да се интензивира соработката на сите нивоа, да се подобруваат состојбите во сите сфери на заеднички интерес затоа што живееме во време кое носи многу предизвици и од безбедносен и од геополитички карактер, кога се отвораат многу прашања кои бараат заеднички одговор и настапување. Како две соседни земји заедно да настапуваме и кон безбедносните ризици и кон перспективите и развој на економијата и инфраструктурата", порача претседателот Иванов.

Македонија и Албанија, истакна претседателот Иванов, ги обединува иднината и имаат цел да бидат дел од Европската унија.

„Не го правиме тоа за да угодуваме на администрацијата во Брисел, туку нашите граѓани да ги уживаат сите европски стандарди и принципи во нивниот секојдневен живот", рече претседателот Иванов.

Од својот албански колега побара поддршка за членството на Македонија во НАТО.

nishani02„И Македонија и Албанија заедно тргнаа кон НАТО, но Македонија беше блокирана и тоа, според одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, на нелегален начин. Нашиот јужен сосед ја блокира интеграцијата во НАТО, а истото сега го прави и нашиот пат кон ЕУ. Затоа ја очекуваме албанската поддршка и помош за Македонија да го добие она што го заслужува – да биде членка на НАТО", потенцира претседателот Иванов.

Со неговиот албански колега не се задоволни од економската соработка, бидејќи, како што рече, не доликува две соседни држави да имаат трговска размена од само 120 милиони евра на годишно ниво, со суфицит на македонската страна, а Албанија не е ниту во групата на првите 20 држави најголеми трговски партнери на Македонија.

„Тоа укажува дека е неопходно овие односи на пријателство и соработка што ги градиме на највисоко ниво да се симнат меѓу нашите бизнис заедници. Пред нас е период кога ќе има големи инфаструктурни проекти кои ќе помогнат да ја менуваат нашата реалност", укажа претседателот Иванов.

Зголемувањето на трговската размена, порача, ќе придонесе и за поголема доверба меѓу населението.

Претседателот Иванов оцени дека Македонија како независна држава гради сосема поинаков однос кон Албанија и прашањата на Албанците во Македонија и очекува ист третман и на Македоците во Албанија. Македонија, потенцира, во изминатиот период направила многу во почитување на правата не само на албанската, туку и на сите заедници. Со Охридскиот договор, како што рече, е воспоставен инклузивен политички систем кој ги вклучува сите различности од Македонија.

„Очекуваме навистина и Албанија да овозможи Македонците што живеат во Албанија на територијата на целата држава да ги уживаат правата кои што ги уживаат на територија на една општина. Бидејќи тоа се европски стандарди и не треба кон другите да гледаме како нешто што не одвојува, туку на нешто што не спојува и ја јакне меѓусебната довреба', нагласи претседателот Иванов.

Албанскиот претседател ја повтори поддршката за членство на Македонија во НАТО што, како што рече, Албанија го очекува со задоволство бидејќи е во интерес на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот.

nishani03„Со задоволство го очекуваме наоѓањето на компромисот и решавањето на спорот со името бидејќи ова би го деблокирало и членството на Македонија во НАТО", рече претседателот Нишани, потенцирајќи дека Македонија заслужува членство во Алијансата.

Според претседателот Нишани, албанската заедница во Македонија и македонската во Албанија треба да бидат мост на разбирање и соработка меѓу двете држави.

„Сите треба да придонесуваме за намалување на степенот на недоверба и предрасуди помеѓу двете населенија со цел да се избегнат меѓуетничките тензии кои често се палат од мали инциденти кои се од различен карактер", порача албанскиот претседател и додаде дека меѓуетничките односи во Македонија имаат посебна улога за мирот и стабилноста на западен Балкан.

Во однос на македонското национално малцинство во Албанија рече дека албанските институции последователно во согласност со Уставот, конвенциите за човекови права и Рамковната конвенција за заштита на малцинствата работат и ќе продолжат да работат за гарантирање на сите права ова малцинство да го заштити јазикот, културата и националниот идентитет.

„Сакам да ви гарантирам дека овие меѓународни конвенции ги одредуваат стандардите, кои се следат од меѓународни организации, почнувајќи од ЕУ, Европскиот совет и сите организации за човекови права. Сакам да ви гарантирам дека албанските власти секогаш остануваат подготвени и заинтерсирани за да ги понудат сите права коишто им припаѓаат на сите малцинства вклучувајќи го и македонското во согласност со меѓународните стандарди коишто се прифатени со овие конвенции", рече претседателот Нишани, во одговор на новинарско прашање.

Покрај за потребата од поттикнување на владите и сите институции за поголема економската соработка која се уште не е на нивото на политичката, Нишани и Иванов укажаа и на заедничките можности и проекти во инфрструктурата, енергетиката, туризмот и координирано заедничко користење на речните и езерските води.

Во рамки на официјалната посета на Република Албанија, претседателот Иванов се среќава со албанскиот премиер, г. Еди Рама, со претседателот на албанскиот Парламент, г. Илир Мета, со градоначалникот на Тирана, г. Љуљзим Баша и со поглаварот на Албанската православна црква, архиепископот Анастасиј Јанулатос.

Утре, претседателот Иванов ќе има работен појадок со поранешниот албански претседател Бамир Топи, по што ќе ја посети Општина Пустец каде ќе се сретне со градоначалникот г. Едмонд Темелко и со претставници на македонското национално малцинство. Тоа ќе биде прва посета на Пустец на највисоко државно ниво од претседател на Македонија.

Претседателот Иванов, кој е во втора официјална посета на Тирана, е придружуван од сопругата, г-ѓа Маја Иванова. Во состав на македонската делегација е и министерот за одбрана, г. Зоран Јолевски.

nishani04-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Средби на претседателот Иванов со претседателот на Владата на Република Албанија, г. Еди Рама, со претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Илир Мета, со Градоначалникот на Тирана, г. Љуљзим Баша и со Поглаварот на Албанската Православна Црква, архиепископот Анастасиј Јанулатос

ramaПолитичкиот дијалог меѓу Македонија и Албанија на сите нивоа е континуиран и плоден, а инфраструктурното поврзување ќе ја зајакне економската соработка, поради што фокусот во иднина треба да биде реализација на инфраструктурни проекти.

Ова е оценката од средбите во Тирана на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со албанскиот премиер и со претседателoт на албанското Собрание, г. Еди Рама и г. Илир Мета.

На средбите со г. Рама и со г. Мета, во рамки на официјалната посета Република Албанија, е констатирано дека стратешки приоритети во билатералната соработка меѓу двете земји се продлабочување на економската соработка и промоција на стопанските потенцијали, реализација на инфраструктурите проекти, значајни за двете земји и регионот, обезбедување енергија, поефикасно искористување на европските фондови и соработка во сферата на безбедноста.

Неопходно е, истакна претседателот Иванов, натамошно интензивирање на соработката меѓу двете земји на владино и на парламентарно ниво, преку иницирање проекти и иницијативи од заемен интерес. На средбата на претседателот Иванов и премиерот Рама е нагласена неопходноста од инфраструктурно поврзување, не само меѓу Република Македонија и Република Албанија, туку и на патно и енергетско поврзување на целиот регион. Со инфраструктурните поврзувања, оцениле, ќе се олесни и економската соработка меѓу двете земји.

metaНа средбите е договорено соработката меѓу двете соседни земји и билатерално, но и во рамки на регионалните иницијативи, да продолжи со фокусирање на инфраструктурните проекти.

На средбите е разговарано и за севкупните состојби во регионот, од аспект на неговата европска перспектива. Претседателот Иванов во тој контекст истакнал дека евроинтеграцијата на државите од регионот е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој и изразил очекување да продолжи заемната поддршка меѓу Македонија и Албанија на тој пат. Се заблагодарил за досегашната поддршка од Албанија за аспирациите на Македонија за членство во НАТО и изразил очекување за таа да продолжи.

На средбите се разменети мислења за актуелните состојби и предизвици на регионот, како и за соработката и во други сфери од взаемен интерес, вклучувајќи ја соработката на мултилатерален план.

bashaВо рамки на официјалната посета на Република Албанија, претседателот Иванов се сретна и со Градоначалникот на Тирана, г. Љуљзим Баша.

Претседателот Иванов и градоначалникот Баша размениле мислења за севкупните односи меѓу двете држави, на политички и економски план, како и за европската перспектива на земјите од регионот. Констатирано е дека интеграциите ќе донесат стабилност и просперитет на земјите од регионот.

Претседателот Иванов и градоначалникот Баша разговарале и за актуелните политички и економски состојби во Македонија и во Албанија.

Во Тирана претседателот Иванов оствари средба со Поглаварот на Албанската Православна Црква, архиепископот Анастасиј Јанулатос. Претседателот Иванов на архиепископот Анастасиј му пренесе поздрави од поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и беа разменети мислења за актуелностите поврзани со нашата црква.

janulatos

premier_maroko
Средба со премиерот на Кралството Мароко, Абделилах Бенкиран
Friday, 13 March 2015 16:23
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Дакла, на маргините на форумот Кран Монтана, имаше средба со премиерот на Кралството Мароко, Абделилах Бенкиран.

Претседателот Иванов и премиерот Бенкиран, билатералните односи ги оценија со позитивна нагорна динамика и со зачестени контакти на високо ниво. Беше посочено дека по официјалната посета на македонскиот премиер во 2010 година и потпишувањето на базичните документи за економска соработка, создадени се услови за динамизирање на економските односи меѓу двете земји. Како клучен предуслов за поинтензивна економска соработка беше укажано на неопходноста од директни контакти меѓу бизнис асоцијациите и бизнисмените на двете земји.

Македонскиот претседател истакна дека токму поради тоа ја искористи оваа посета на Мароко и затоа во македонската делегација се присутни бизнисмени од десет компании и трите стопански комори на Македонија.

На средбата беше договорено да продолжи политичкиот дијалог на највисоко ниво. Премиерот на Мароко ја прифати поканата за посета на Република Македонија. Го поздрави учеството на претседателот Иванов на Форумот и особено бизнис делегацијата која го придружува, а која ќе оствари средби со бизнисмени од мароканските стопански асоцјации.

Премиерот Бенкиран истакна дека Мароко е подготвено и отворено за размена на инвестиции и за зголемување на трговската размена и особено за искуствата на Република Македонија во сферата на привлекување странски инвестиции, реформите во земјоделството и употребата на информатичките технологии.

Претседателот Иванов упати честитки за напорите на Кралот и Владата на Мароко што ги прават за отворена и либерална економија, демократските реформи, децентрализацијата и посветеноста на човековите права.

На средбата беше договорено во наредниот период да се пристапи кон отворање почесни конзулати на Република Македонија во Мароко и на Мароко во Република Македонија за збогатување на соработката. Беше искажано заемно задоволство од соработката на мултилатеран план и договорено таа да се интензивира во периодот што следи.
premier_maroko_21

01._Bilateralka_PRM_Ruker
Билатерални средби во рамки на учеството на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН
Monday, 02 March 2015 16:17
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во рамки на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН, се сретна со претседавачот на Советот г. Јоаким Рукер.

На средбата, претседателот Иванов, ги поздрави неговите напори за зголемување на ефикасноста на работата на Советот за човекови права, кои се дел и од заложбите на Република Македонија при поднесувањето на кандидатурата за ова тело. Македонскиот претседател ја поздрави и иницијативата на г. Рукер за подобрување на координацијата на релациите помеѓу сродните тела на ОН во Њујорк и во Женева.

Претседателот на Советот за човекови права на ОН, изрази задоволство од учеството и обраќањето на претседателот Иванов во неговата работа, што, како што посочи, е особена чест за него како претседател на овој Совет. На интерес на г. Рукер, претседателот Иванов го запозна соговорникот и со севкупните состојби во Македонија и регионот.

Македонскиот претседател денеска во Женева имаше средба и со високиот комесар за човекови права на ОН, г. Зеид Раад Ал Хусеин, на која нагласи дека Република Македонија игра активна улога и дава суштински придонес во работата и натамошното профилирање на Советот како заштитник и промотор на универзалните човекови права во светот.

„Република Македонија останува цврсто определена за натамошна промоција на највисоките стандарди за човековите права на меѓународно ниво и ќе соработува со земјите-членки на Советот во отворена и конструктивна атмосфера, со цел исполнување на целите и приоритетите", истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија негува највисоки стандарди во заштитата на човековите права и правата на заедниците, оценувајќи дека таа е најпозитивниот пример во регионот со својот модел на почитување на различностите, односно интеграција без асимилација.

02._Bilateralka_PRM_al_huseinМакедонскиот претседател го запозна соговорникот и со фактот дека Република Македонија го иницираше дијалогот на цивилизациите во 2003 година и активно е вклучена, а со неодамнешното назначување на советникот за надворешна политика од кабинетот на македонскиот претседател за пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите во ОН, ќе го зајакне учеството во оваа организација.

Претседателот Иванов го покани г. Ал Хусеин да ја посети Република Македонија и да учествува на Школата за млади лидери која по шести пат треба да се одржи во август во Охрид.

Високиот комесар за човекови права на ОН, г. Ал Хусеин, изрази благодарност за поддршката што македонскиот претседател му ја дава, запознавајќи го со предизвиците со кои се соочува во спроведувањето на активностите.

„Високо ја ценам вашата одлука да учествувате на Советот за човекови права, тоа е потврда на вниманието кое лично вие и вашата земја ја посветувате на прашањата поврзани со човековите права", истакна г. Ал Хусеин.

Македонскиот претседател денеска се сретна и со генералниот директор на ОН во Женева, г. Мајкл Молер, со кого разговараа за работата на ОН, за надворешно политичките приоритети на Македонија, како и за предизвиците со кои се соочува во нивното исполнување.

На средбата г. Молер го запозна претседателот Иванов со активностите на Канцеларијата во Женева поврзани со човековите права, разоружувањето, намалувањето на ризиците од природни катастрофи.

03._Bilateralka_PRM_MolerСоговорниците на средбата разменија мислења и информации за надворешно политичките приоритети на Република Македонија за предизвиците со кои се соочува земјата во контекст на нивното исполнување, а во таа насока стана збор и за состојбата во процесот за надминување на разликата околу името што се води под покровителство на ОН.

„Република Македонија предолго е блокирана во евроатлантските интеграции, што создава тензии во политичкиот живот и меѓуетничките состојби во земјата", посочи претседателот Иванов и додаде дека интеграцијата во ЕУ и НАТО има и голема мотивирачка реформска моќ, но исто така и голема кохезивна моќ во мултиетничката демократија.

Македонскиот претседател изрази надеж дека со новото раководство кај нашиот јужен сосед ќе се воспостави политички дијалог, кој ќе придонесе за подобро разбирање и надминување на билатералните разлики.

Во рамки на учеството на Сегментот на високо ниво на Советот за човекови права на ОН, претседателот Иванов оствари средба и со генералниот директор на Меѓународната организација за миграција, г. Вилијам Лејси Свинг. На средбата претседателот Иванов ја поздрави исклучително активната и значајна работа на IOM и на г. Свинг, во заштитата на правата на мигрантите, и изрази поддршка за улогата на IOM како клучна и единствена специјализирана Организација во овој домен на меѓународно ниво.

Република Македонија, истакна претседателот Иванов, ја споделува загриженоста за зголемениот тренд на жртви мигранти во последниот период, и ја изрази подготвеноста на земјата да се вклучи во неговата иницијатива за посебна студија на ова прашање.

Генералниот директор на Меѓународната организација за миграција, истакна дека по полноправното членство на Република Македонија во IOM од 2014 година, очекува проширување на соработката, и изрази подготвеност за натамошна поддршка за Република Македонија, преку проекти поврзани со предизвиците на новите миграциски трендови.
04._Bilateralka_PRM_Sving

 
Start < Prev 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Next > End
Page 77 of 198