News
nevshehir01
Претседателот Иванов прогласен за почесен доктор на универзитетот „Хаџи Бекташи Вели"
Saturday, 11 April 2015 10:50
There are no translations available.

Во рамки на престојот во Република Турција, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го посети универзитетот „Хаџи Бекташи Вели", во Невшехир, Кападокија, каде на свечена церемонија му беше доделена титулата „Почесен доктор", и притоа оддржа предавање пред присутните.

Претседателот Иванов, во текот на вчерашниот ден присуствуваше на церемонија по повод отворањето на новоименуваната улица „Скопје" во градот Невшехир. Во Кападокија, македонскиот претседател оствари средба и со иселениците од Република Македонија. Воедно, во рамки на посетата, претседателот Иванов присуствуваше на меѓународниот поетски фестивал „Кападокија", кој е организиран во соработка со фестивалот „Струшки вечери на поезијата".

Со овие активности, претседателот Иванов го заокружи работниот дел од посетата на Република Турција, каде што учествуваше на 18. Евроазиски економски форум што секоја година од 1998. го организира Мармара фондацијата.

nevshehir02

Evroaziski_ekonomski_samit_1
Можностите за инвестирање во Македонија презентирани на Евроазискиот економски самит
Thursday, 09 April 2015 08:05
There are no translations available.

Во рамки на 18. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара, на иницијатива на претседателот Иванов, вчера во Истанбул се одржа Сесија за можностите за инвестирање во Република Македонија.

На сесијата претседателот Иванов ги запозна бизнисмените со поволниот инвестициски амбиент во нашата држава, со состојбите во македонската економија, како и со оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.

„Повеќе странски инвеститори веќе ја препознаа поволната бизнис клима во Македонија. Затоа ве повикувам да ја посетите Република Македонија, да се запознаете со позитивното искуство на веќе присутните компании и сами да се уверите дека Македонија нуди големи можности за ширење на вашиот бизнис", рече македонскиот претседател.

Покрај претседателот Иванов, на сесијата за можностите за инвестирање во Република Македонија свои обраќања имаа и министрите за странски инвестиции г. Џери Наумоф и г. Фуркан Чако, кои ги презентираа поволностите и можностите што странски инвеститори ги имаат и беше истакната отвореноста на Република Македонија за влез на нови инвестиции.

Evroaziski_ekonomski_samit_2„Имавме прилика да ги претставиме условите кои што ги нудиме на странските инвеститори, во тој контекст имавме можност да се видиме со постоечките инвеститори, но и со новите заинтересирани сериозни инвеститори, кои сакаат да вложат надвор од Република Турција. Сакам да истакнам дека турските стопанственици се најмногу заинтересирани во делот на енергетскиот сектор, земјоделството и во делот на градежништвото", рече министерот за странски инвестиции, г. Фуркан Чако.

„Во 2008 година почнав да извезувам во Република Македонија и поради тоа, добив можност да комуницирам со македонскиот народ. Потоа купив и земјиште од 36.000 м2 и планирам моето производсвто да го префрлам во Македонија. Јас ја гледам Македонија како моја втора земја", изјави Иса Тамер Челик, претседател на управниот одбор на компанијата Челмак, која произведува земјоделски машини.

На Сесијата за можностите за инвестирање во Република Македонија беа присутни повеќе од 100 претставници на компании од секторите градежништво, енергетика, здравство, земјоделство, транспорт и логистика кои учествуваат на Евроазискиот економски форум, како и претставници на компании од Република Македонија.
Evroaziski_ekonomski_samit_3

turcija
Заедно да придонесеме за новата реалност - претседателот Иванов на 18. Евроазиски економски самит во Истанбул
Wednesday, 08 April 2015 10:05
There are no translations available.

Светот не се менува, светот е веќе променет во процесите на глобална меѓузависност и субнационална фрагментација, и во економијата и во политиката, но она што се менува е нашата претстава за новата светска реалност. Затоа треба заеднички да придонесеме кон кристализирање на сликата за новата реалност", порача претседателот Иванов во поздравниот говор на 18. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара што се одржува во Истанбул.

„Економската глобализација ја менува важноста на национално-политичките граници. Меѓународниот економски поредок е сè повеќе глобален, а меѓународниот политички поредок е изграден врз суверена национална држава. Наместо енергетска сигурност сè повеќе има енергетска неизвесност", рече македонскиот претседател пред присутните. Тој истакна дека на безбедносно-политички план, новиот хиперповрзан свет се соочува со нови предизвици и ризици кои создаваат неизвесност, несигурност и непредвидливост.

„Годинава одбележуваме 70 години од крајот на Втората светска војна која требаше да биде крај на сите војни, а сведоци сме на повторна ескалација на нетрпеливоста, фанатизмот и екстремизмот во светот", истакна шефот на државата. Затоа нашата задача овие денови за време на самитот преку многубројните сесии за телекомуникациите, информатичката технологија, за енергијата и транспортот, за патот на свилата и патот до мирот во светот, ќе биде да придонесеме кон кристализирање на оваа слика за новата реалност, порача претседателот Иванов.

Утре, македонскиот претседател ќе се обрати на сесијата на претседателите на тема „ Патот до мирот: Каде оди хуманоста?".

Ова е петто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, што се организира секоја година почнувајќи од 1998 година.

Попладнево во рамки на форумот ќе се одржи посебна сесија на која министрите за странски инвестиции г. Џери Наумоф и г. Фуркан Чако ќе ги презентираат поволностите и можностите за инвестирање во Република Македонија.

Мармара фондацијата е група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и e призната од страна на ОБСЕ и преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка, со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.

turcijaobrakanje1

sutoorizari
Претседателот Иванов ја посети општина Шуто Оризари по повод Меѓународниот ден на Ромите
Tuesday, 07 April 2015 11:37
There are no translations available.

Во пресрет на 8 април – Меѓународниот ден на Ромите, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ја посети општина Шуто Оризари, при што се сретна со градоначалникот, г. Елвис Бајрам.

На средбата претседателот Иванов беше запознаен со тековниот живот во општината и напорите што се прават во насока на севкупно унапредување на положбата на локалното население.

Посочувајќи дека Република Македонија е држава во која се негува вековната традиција на соживот, претседателот Иванов нагласи дека ромската заедница е нераскинлив дел од нашето повеќеетничко општество, кое постојано создава услови за негување на ромскиот етнички и културен идентитет, и претставува пример за еднаквите можности и права.

Претседателот Иванов порача дека и натаму ќе се залага за унапредување на правата на ромската заедница и достигнување на степенот на целосна нивна инклузија во македонското општеството.

Во рамки на посетата на општина Шуто Оризари, претседателот Иванов го посети основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид", како и новоизграденото средно општинско училиште.

posetasutoorizari

pustec1
Претседателот Иванов во посета на општина Пустец
Friday, 03 April 2015 15:21
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Албанија, денеска ја посети Општина Пустец, што претставува прва посета на еден македонски претседател на оваа општина.

За време на престојот во Пустец и средбите со тамошното македонско население, претседателот Иванов истакна дека само со иницијативи и проекти за развој на туризмот и поголема економска соработка ќе се подобри стандардот на жителите.

„Овој дел од Преспанското Езеро е недопрена природа, но тука треба да доаѓаат туристи, млади луѓе. Производите кои ги имате тука можете да ги понудите, а од тоа и да остварите егзистенција. Во другиот дел на Преспа, има се повеќе летувалишта и услужни објекти и очекуваме во овој дел да се зголеми туристичката понуда", рече претседателот Иванов во обраќањето пред жителите.

Нагласи дека очекува конкретни иницијативи и идеи кои во иднина ќе дадат резултат и ќе го подобрат стандардот.

„Многу зборуваме за политика, да се посветиме на економијата. Во тој поглед стоиме на располагање. Заедно со Албанија сакаме да аплицираме за многу европски фондови за меѓугранична соработка, така што треба и локалната самоуправа и сите млади своето знаење да го користат да се аплицира за грантови, да се донесат странски инвеститори и животот да се менува на добро", посочи претседателот Иванов.

Покрај жители од Пустец, на средбата со претседателот Иванов присуствуваа и Македонци кои живеат во другите делови на Албанија. Претседателот Иванов, меѓу другото, посочи дека континуирано се залага тие да ги добијат истите права како и Македонците во Пустец.

„Македонците во оваа општина ги уживаат правата на мајчин јазик, ги негуваат своите традиции и култура, но тоа го немаат другите Македонци во останатите делови од Албанија", рече претседателот Иванов, укажувајќи оти на вчерашните разговори со албанскиот државен врв побарал без разлика каде живеат Македонците во Албанија да ги уживаат истите права како и тие во Пустец.

За заложбите и за заслугите на претседателот Иванов за правата на македонската заедница во соседна Албанија, Општина Пустец го прогласи за почесен граѓанин за што градоначалникот г. Едмонд Темелко му врачи плакета.

„Ние Македонците во Албанија сме лојални граѓани и сме добар пример како треба да се почитува државата во која живеат и како со нашите минимални можности се бориме што подобро да го развиеме местото и државата каде живееме", изјави г. Темелко.

Жителите на Пустец се со очекувања претседателот Иванов да ги пренесе нивните барања за подобрување на условите за живот и на можностите за вработување. Велат дека се задоволни од правата и можностите за учење на македонски јазик, но оти очекуваат да се пренесат нивните барања за проблемите со коишто се соочуваат со обезбедување вода за пиење во летниот период, како и да се создадат можности за отворање на работни места.

Со престојот во Пустец, претседателот Иванов ја заокружи дводневната официјална посета на Република Албанија.

pustec2

 
Start < Prev 71 72 73 74 75 76 77 78 79 80 Next > End
Page 76 of 198