Поздравно писмо до учесниците на 9. Национална конференција за борба против ракот на дојка
Четврток, 20 Октомври 2016   

mivanovaПочитувани,

Со задоволство ја примив поканата за учество на 9-та Национална конференција за борба против ракот на дојката што се организира од Здружението „Борка за секој нов ден".

Упатувам посебни честитки до организаторите на овој настан, како и до поддржувачите на Националната кампања за борба против ракот на дојка, меѓу кои се и многу долгогодишни пријатели на „Борка". Процесот на подигање на јавната свест и водењето на борбата против ракот на дојката, а посебно основата за поддршка на секоја жена со дијагностициран рак на дојка, ги препознавам во сите проекти, кампањи и акции на државните институции, здравствените установи, медицинските работници, кои високо ги ценам и почитувам. Вложувањето на заеднички напори и континуираниот ангажман резултираат секоја година со реализација на овој значаен настан за секоја жена во македонското општество, помагајќи да се подигне свеста кај секоја од нас, дека никоја од нас не е имуна на заканата или ризикот од оваа болест.

Драги борки,

Нашето дружење за време на розовата прошетка на почетокот на октомври, како глобално прифатен месец за подигање на јавната свест за ракот на дојка, ми дава инспирација и поттик за секој следен заеднички подвиг. Нема застанување, нема колебање, само цврст чекор и крената глава; одиме напред, да го славиме животот, да ја зграпчиме секоја прилика, сплотени, поврзани и уште посилни.

Почитувани присутни, драги пријатели,

Особено ме растажи фактот што токму вечерва сум спречена да бидам со вас поради претходно договорени и неодложни обврски. На мое големо жалење, не сум во можност да бидам со вас, но ве уверувам дека моите мисли вечерва се со вас. Ви праќам срдечни поздрави и топли прегратки за сите.

Ви посакувам успешна реализација на 9-та Националната конференција за борба против ракот на дојката, надевајќи се дека на следната јубилејна конференција ќе бидам повторно со вас.

Искрено,
Сопруга на Претседателот на Република Македонија
г-ѓа Маја Иванова

 

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal