Почитувани присутни,
Со задоволство ја прифатив поканата да се обратам на Првата школа за педијатри на Здружението на педијатри на Република Македонија. Кога разговаравме со мојата драга пријателка, проф. д-р Аспазија Софијанова и кога ме информираше за значењето на оваа прва педијатриска школа во нашата земја, без двоумење се согласив да бидам со вас вечерва и да ви посакам успешен старт на оваа програма.
Дозволете ми да упатам благодарност до сите членови на Здружението на педијатри на Република Македонија, кои со реализацијата на оваа Школа уште еднаш покажаа дека се темел на здравствената заштита на младите поколенија. Со реализацијатана една ваква Школа, на педијатрите им се укажува можност да разменат искуства и знаења, кои понатаму ќе придонесат за заедничко решавање на проблемите со кои се соочуваат педијатрите во нивната секојдневна практика.
Во оваа прилика дозволете ми да упатам и срдечно добредојде до сите учесници од Република Македонија и од странство, и да посакам успешни излагања, конструктивни дискусии, меѓународна соработка, објективни анализи на актуелните состојби, но и препораки за имплементирање на најсовремените достигнувања во педијатријата на глобално ниво и во нашата република.
Ценети присутни,
Педијатријата ја препознавам како еден од главните столбови на успешно здравство во една земја. Младите, чисти и од бога дарувани се радост за семејствата, а подобро утре за државата. За нивен здрав и нормален психофизички развој,потребна им е љубов и грижа, првенствено од родителите, но и од пошироката заедница а пред се тука мислам на педијатрите.Потребна е редовна лекарска контрола кај матичните педијатри, кои со својата стручност имаат големо влијание во целокупниотразвој на децата. Секојдневно педијатрите поставуваат соодветни дијагнози, даваат најдобри програми за лекување, прават консултации и вршат прегледи. Педијатрите се првите кои детектираат и ја дијагностицираат нарушена здравствена состојба кај децата. Се трудат да одговорат на потребите, на нивните вознемирени родители, притоа, ставајќи ги малите пациенти во преден план. Крајно сме ви благодарни а и јас како родител, како мајка, за целата континуираната лекарска грижа и за редовните прегледи на децата, надополнети со проактивен пристап, ангажираност, посветеност, професионалност, стручност и пожртвуваност.
Почитувани лекари педијатри, почитувани медицински сестри,
Немоќноста да му помогне на своето дете е еден од најголемите проблеми и најкрупните проблеми, понекогаш и порази, кои воопшто може еден родител да ги почувствува. Здравјето, а понекогаш и животот, на нивното најголемо и непроценливо богатство – детето, родителите го ставаат во ваши раце. Се што родителот може во таков момент да посака и да очекува е што поскоро и на што подобар начин негово дете да го надмине и да се избори со предизвикот со кој се соочува. А вие сте единствените кои во тој момент вистински можете да му помогнете, можете да му дадете надеж на родителот дека неговото дете ќе оздрави и дека ќе се врати безгрижната насмевка и радост на неговото невино лице. Затоа повторувам и уште еднаш нагласувам, вашата улога во животот на секое едно дете и во животот на секој родител е од непроценливо значење.
Како сопруга на Претседателот на Република Македонија, но и како родител и како мајка, се трудам да помогнам и поддржам што поголем број иницијативи посветени на децата. Отворањето на Првиот ургентен центар на Детската клиника и тековното реновирање на Одделот за интензивна нега на Детската клиника, проекти кои што се одвиваат под мое покровителство, ми се најдрагите активности за подобрена здравствена заштита на децата. За ваквите проекти ја имам безрезервната поддршка од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој секогаш вели „за нашите деца станува збор, тие се иднината на нашата земја". Ви ги пренесувам неговите срдечни поздрави, со желби за успешно реализирање на програмата на Првата школа за педијатрија во Република Македонија.
Ви благодарам.

|