Почитувани присутни,
Ми претставува особено задоволство да бидам вечерва со вас на отворањето на 6-тиот Конгрес на Здружението на педијатри на Република Македонија. Со посебна чест ја прифатив поканата за покровителство на овој Конгрес, упатена од Претседателот на Здружението на педијатри на Република Македонија, мојата драга пријателка и партнер во неколку успешни проекти и иницијативи, проф. д-р Аспазија Софијанова.
На почетокот, би сакала да упатам честитки до Здружението на педијатрите на Република Македонија, а посебно до Претседателот на Здружението, проф. Д-р Софијанова, за одличната и сеопфатна програма на Конгресот, како и за импресивниот број на учесници меѓу кои се голем број истакнати и етаблирани професионалци познати за целата јавност во Република Македонија, но и пошироко. Поради тоа, укажаната чест да бидам покровител на оваа научна манифестација е уште поголема.
Упатувам срдечно добредојде до сите присутни учесници од Република Македонија. Упатувам срдечно добредојде и до сите учесници од странство, за кои верувам дека ќе имаат прилика да ги запознаат убавините на нашата земја и да се уверат во топлото и срдечно гостопримство по кое е позната Република Македонија.
Почитувани,
Ја користам оваа прилика да ви упатам срдечни поздрави од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој ви посакува успешно реализирање на најзначајниот научен собир за педијатрија во Република Македонија.
Ви посакувам успешни излагања, конструктивни дискусии и анализи на најсовремените достигнувања во педијатријата на глобално ниво, споредени со состојбата во нашата земја. Конгресот е одлична можност за размена на искуства и мислења, што верувам ќе понуди препораки за идните трендови во дијагностиката и третманот на низа заболувања во детската возраст. Во тој контекст, уверена сум дека ќе донесете и конкретни предлози за подобрување на здравствените услуги за нашите најмлади и најранливи, најскапоцени и најмили, чие здравје, секако, сите го ставаме во преден план.
Дами и господа,
Со безрезервна поддршка од мојот сопруг на почетокот на неговиот прв мандат одлучив, како сопруга на претседателот на Република Македонија, да се посветам на активности за нашето најголемо богатство, нашата гордост, нашата радост и нашата иднина - децата.
Една од најдрагите мои активности посветени на децата е Националната кампања „Да помогнеме навреме" за отворање на првиот Ургентен центар на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје. Кампањата, која се спроведе под мое покровителство, беше успешно завршена! Со поддршката од главниот донатор, Турската владина агенција за поддршка и развој, ТИКА, и со поддршката од граѓаните на Република Македонија, успеавме да го реализираме проектот во декември 2013 година. Од денешна перспектива, отворањето на првиот детски ургентен центар ја потврди ургентноста на тој проект, ја потврди неопходноста од таа алка за подобро функционирање на Детската клиника, а се со крајна цел, спасување на што поголем број детски животи. Впрочем, вие, присутните педијатри, најдобро знаете што тој ургентен центар значи за децата кога секундите живот значат.
Уверена сум дека со следната фаза од нашиот заеднички проект со Детската клиника и проф. д-р Софијанова ќе успееме да го адаптираме, реновираме и до-опремиме делот за интензивна нега и терапија, што ќе значи комплетно модерен и најсовремен дел од Детската клиника.
Почитувани присутни,
Особено блиска и значајна за мене е поддршката за децата со аутизам. Под мое покровителство, неколку години по ред, се организираат различни и многубројни активности за децата со аутизам преку кои се обидуваме да ја подигнеме јавната свест и да ја потсетиме јавноста за вклучување во борбата против аутизмот. Оваа тема станува се поприсутна и се повеќе се бара решение и соодветен третман на истата, како за дијагностика, третмани, лекување, социјализација, така и за правата и можностите на децата со аутизам. Од искуството кое досега го стекнав преку ваквите активности, целосно се посветувам на обезбедување поддршка за отворање на центар за аутизам, кој првенствено ќе работи на дијагностика на аутизмот. Се залагам и за отворање на регистар на лица со аутизам, тема која заедно со дијагностиката на аутизмот, редовно се потенцираат при сите мои разговори со стручни лица кои работат во оваа област, но и со родителите на децата со аутизам.
Драги присутни, исправени сме пред сериозен предизвик, кој не е национален, регионален, туку глобален. Можеме да постигнеме многу, но само доколку работиме сите заедно, сплотени, со заеднички ангажмани.
Ова е сериозен предизвик кој мора сериозно да го третираме. Аутизмот зборува, ние треба да научиме како да го слушнеме и разбереме!
Почитувани дами и господа,
Три години по ред имам посебна чест да бидам носител на титулата Европски почесен покровител на Европската организација за ретки болести ЕУРОРДИС од Брисел. Моето вклучување во таа посебна, а многу активна заедница од преку 30 милиони пациенти со ретки болести, околу 700 организации од над 60 земји, ме инспирираше да преземам поголем ангажман во областа на ретките болести на национално ниво.
Во оваа прилика би сакала да нагласам дека во Република Македонија надлежните институции редовно донесуваат програми за лекување на заболените од ретки болести преку одредување на високи износи на буџетски средства за соодветни терапии и лекарства. Ангажираноста на властите во оваа насока се препознава и во формирањето на Комисија за ретки болести со посебни надлежности и обврски, чиј што Претседател е проф. д-р Аспазија Софијанова, што значи дека имаме доста заеднички активности и на овој план.
Почитувани, реткоста на болестите не значи и ретко ангажирање или ретко посветување внимание на оваа тема. Колку болеста на пациентите е поретка, толку третманот и лекувањето на истата е потежок, поскап и помалку пристапен, па затоа им е неопходна помош.
Тука, настапувате вие, специјалистите во своите области од медицината, кои ги третирате ретките болести. Во вас ја полагаме нашата надеж за подостоинствен и поквалитетен живот на пациентите со ретки болести во Република Македонија, за што ја имате мојата безрезервна поддршка.
Почитувани учесници на Конгресот,
Искрено ви благодарам за вашето вклучување и придонес за 6-тиот Конгрес на Здружението на педијатри на Република Македонија, и, уште еднаш, ви посакувам успешна реализација на програмата. На крајот, ве поздравувам сите, со една мисла од една од најголемите хуманистки во светот, блажената Мајка Тереза, „Да се дадеме самите себе е подобро од тоа само да дадеме", бидејќи „секое дете е непроценливо вредно, бидејќи секое дете е Божја творба".
Ви благодарам.

|