News
PRM_Ivanov_Trajkovski_02
Претседателот Иванов: Трајковски ја градеше довербата меѓу луѓето и заедниците, но и меѓу државите од регионот
Monday, 25 February 2019 23:27
There are no translations available.

Борис Трајковски се појави во време кога веќе се сметаше дека не е важно дали некој политички лидер е морален или не, се додека добро ја извршува работата. Принципите, достоинството, визијата, доблеста, вистинитоста беа ставени на маргините на македонската политичка култура, а храброста и истрајноста станаа ретка и скапа работа", рече претседателот Иванов, во своето обраќање на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

Според македонскиот претседател, крвавиот распад на Југославија, бегалската криза, долгогодишната блокада на Република Македонија, економската стагнација на македонското стопанство, придонесоа кон влошени меѓуетнички односи, а сето тоа се прелеа во кобната 2001 година.

„Во такви услови, Борис Трајковски презеде чекори кои беа нетипични за македонската политичка култура. Го иницираше дијалогот меѓу власта и опозицијата. Ја градеше довербата меѓу луѓето и заедниците, но и меѓу државите од регионот. Веруваше дека кризата во 2001-та може да се реши и со политички, а не само со воени средства. Затоа, беше покровител на процесот што доведе до Охридскиот рамковен договор. Ја преземаше одговорноста за своите чекори. Како и претседателот Глигоров пред него, така и Трајковски сакаше да ги избегне крвопролевањата", истакна македонскиот претседател, потенцирајќи дека Трајковски верувал дека лидерството вклучува подготвеност да се жртвува популарноста за да се направи она што е вистинското за иднината на нашата земја и нашиот народ.

„Во таква тензична атмосфера, Трајковски беше напаѓан, критикуван и оспоруван од многумина. Неговата понизност беше презрена како знак на слабост. Неговата подготвеност да простува беше сметана за наивност. Но, тој честопати знаеше да каже дека е подготвен да ги прифати сите обвинувања, и притоа да остане посветен на својата цел и уверен во нејзината исправност", рече претседателот Иванов, оценувајќи дека за повеќето луѓе во Република Македонија, пристапот на претседателот Трајковски бил вистинска енигма, бидејќи малкумина ги разбирале вредностите и принципите на Трајковски.

PRM_Ivanov_Trajkovski_01„Ова се денови кога многу често се цитираат и толкуваат зборовите и се анализираат одлуките на Борис Трајковски. Но, верувам дека треба да бидеме внимателни, бидејќи не секој што деновиве се повикува на претседателот Трајковски е верен на неговата визија. Понекогаш целта е да се оправдаат политики за кои едноставно нема оправдување. Но, она што никако не може да биде толкувано на различни начини е неспорниот факт дека Борис и јавно и приватно беше препознатлив по својата насмевка. Таа насмевка беше надворешната манифестација на она од што се раководеше Борис според внатрешните принципи на неговото срце", рече претседателот Иванов.

„Минаа 15 години откако Борис Трајковски не е меѓу нас. Верувам дека сите ќе се согласиме дека се чувствува неговото отсуство", истакна македонскиот претседател, оценувајќи дека оттогаш, многу негови очекувања беа изневерени, многу заложби беа погрешно интерпретирани, многу изрази на добра волја беа злоупотребени. Се направија и некои непринципиелни компромиси што го доведуваат во прашање македонскиот модел на соживот и почитување на различноста за кој се залагаше Борис Трајковски.
„Времето покажа дека Борис го одбрал вистинскиот пат. Сигурен сум дека времето повторно ќе покаже кој чекорел по неговите стапки за да го зачува сето она за што тој се залагаше и во што веруваше. Неговиот завет најдобро ќе го зачувамепреку суштински европски реформи, добри меѓуетнички односи и враќање на дијалогот во политиката. Преку градење на европска Република Македонија, поврзана со соседите, интегрирана во Европската Унија, почитувана во светот", рече вечерва претседателот Иванов, на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

PRM_Ivanov_Trajkovski_03

PRM_Gala_vecer_1
Во Струга одбележана 10 годишнина на Школата за млади лидери на претседателот Иванов
Sunday, 24 February 2019 12:24
There are no translations available.

Вчеравечер во Струга, со Гала вечера беше одбележана 10-годишнината од постоењето на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во изминатата деценија се одржува во Охрид и во Струга.

На Гала вечерата, на која присуствуваа учесници од десетте генерации и донатори, претседателот Иванов порача дека Школата за млади лидери во изминатите десет години станала препознатлив бренд.

„Успеавме една идеја, еден сон да го претвориме во реалност, во нешто што успеа. Успеа затоа што успеавме 400 млади луѓе да ги упатиме во предизвиците на времето во кое живееме, да ги упатиме во тајните на лидерството, да ги упатиме на сето она што е предизвик на 21 век. Успеавме затоа што станавме препознатлив бренд, кој веќе го практикуваат и други кои биле дел од школата. Успеавме и затоа што добивме светски признанија. Признаени сме и препознаени сме. Успеавме затоа што многу млади луѓе излегоа од школата насмеани, радосни и исполнети со среќа", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател упати благодарност до сите поддржувачи на школата, компаниите, поединци, фондации, амбасади кои, како што рече, го препознаа овој проект и инвестираа во него.

„Голема благодарност, затоа што покажаа дека и без средства од државен буџет може да се направи успешен проект за една држава", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател се заблагодари и на сите предавачи на школата, кои ги споделиле своите знаења, искуства и контакти со учесниците на школата.

PRM_Gala_vecer_02Во изминатите десет години на школата учествуваа 400 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, г. Вацлав Клаус, г-ѓа Ваира Вике – Фреиберга и г. Валдис Затлерс, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, г. Борис Тадиќ, г. Георги Прванов, г. Петар Стојанов, г. Бамир Топи и г. Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти, успешни компании и професори од реномирани светски универзитети.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Иванов. Досега се организирани десет интензивни тренинзи за лидерство – вo 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019 година.

Програмата на школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани се овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

PRM_Gala_vecer_3

Skola-1zatvoranje22022019
Претседателот Иванов ги додели сертификатите на учесниците на 10. Школа за млади лидери
Friday, 22 February 2019 23:38
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ги додели сертификатите на учесниците на 10. Школа за млади лидери, што по негова иницијатива, се одржа од 11 до 22 февруари во Струга.

На годинешната школа учествуваа дваесетина реномирани предавачи кои ги пренесоа своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.

„Овие нивни искуства, сознанија и вештини ќе ви помогнат во животот кога се наоѓате во слични ситуации да наоѓате решенија. Да знаете како да создадете тим на луѓе кои ќе ве следат, на кои ќе им понудите решенија. Никој пат да не се обесхрабрувате и секој пат да гледате кон тоа што доаѓа", рече претседателот Иванов пред младите лидери во Струга.

Во фокусот на годинешната школа беа предизвиците од 4. индустриска револуција.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери беа г-ѓа Пинар Ајваз Арикан, Генерален Директор на Turkish Airlines во Скопје, г. Штефан Петер, Претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, г-ѓа Фанија Самак од компанијата Микросам од Прилеп, г-ѓа Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, г-ѓа Љупка Арсова, Инженер за животна средина во Источната Истражувачка група, со седиште во САД, д-р Разије Невзат, Координатор на Одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен Медитеран Универзитет, г. Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, д-р Рашела Мизрахи од Бар Илан Универзитет, Израел, г. Методија Колоски, Претседател на Обединетата Македонска Дијаспора, г. Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија, Ментар Махмуди, Експерт за вештачка интелегенција во Audi AG, Садат Алими, финансиски советник во PricewaterhouseCoopers и други.

Во изминатите десет години на школата учествуваа 400 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи. Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани се овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

Skola-2zatvoranje22022019

Komemorativna_sednica_za_web
Присуство на Комеморативна седница, посета на семејства на загинатите, посета на повредените во болницата 8-ми Септември
Thursday, 14 February 2019 15:27
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во општина Гостивар, се обрати на Комеморативната седница во чест на загинатите граѓани во вчерашната тешка сообраќајна несреќа, што се случи на патот Скопје – Тетово, во близина на селото Ласкарци.

„Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава", рече претседателотИванов, во своето обраќање на Комеморативната седница.

Претседателот Иванов, во својот говор рече дека во моментите на тага, треба тагата да ја споделуваме и да помислуваме на живите, како на најблиските да им помогнеме да ги пребродат овие најтешки моменти во нивниот живот.

„Овие се моменти на тага и на жал за загубените животи. Тешки се деновите кога искажуваме сочувство на роднините, пријателите, бидејќи сообраќајките се настани кога некој ни ги краде тие што ни се најмили. Кога некој умира, знаеме дека тоа е неминовно во животот, доаѓа смртта. Но, кога се случуваат вакви настани, тие се уште потешки и поболни, затоа што тие што сме ги очекувале да дојдат дома, никојпат не пристигнале", рече претседателот Иванов, додавајќи дека споменот за овие луѓе треба да остане вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме, овие тешки моменти да ги пребродат. „Тешка е загубата, но, уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука да бидеме секој пат внимателни", рече македонскиот претседател.

„Овие луѓе кои ги изгубиле своите животи ги изгубиле своите соништа, ги изгубиле своите планови, ги изгубиле сите свои мечти, кои се стремеле да имаат добар и среќен живот. Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секојпат да си укажуваме на вакви моменти поддршка, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа. Нека биде животот исполнет со моменти на среќа и на радост, а не со тага, рече претседателот Иванов, изразувајќи најдлабоки сочуства до семејствата, до пријателите, до блиските, до општината и до државата.

Poseta_na_semejstva_na_zaginati_02Македонскиот претседател, во Гостивар ги посети и семејствата Узеири, Трпевски и Исмаили, чиишто членови се меѓу загинатите патници во вчерашната автобуска несреќа, што се случи на патот Скопје – Тетово, во близина на селото Ласкарци. Македонскиот претседател на семејствата и на блиските на загинатите им изрази најдлабоко сочувство за претрпената загуба.

Претседателот Иванов, во Градската општа болница 8-ми Септември во Скопје, посети дел од хоспитализираните патници кои беа повредени во вчерашната автобуска несреќа. Македонскиот претседател на повредените им посака побрзо закрепнување и што поскоро враќање во своите домови и кај своите семејства.

bolnica_2

otvaranje_skola_za_mladi_lideri_01
Претседателот Иванов: Четвртата индустриска револуција во фокусот на 10. Школа за млади лидери
Monday, 11 February 2019 17:37
There are no translations available.

Предизвиците што ги носи четвртата индустриска револуција и како да се биде успешен во оваа драстична промена во човековата цивилизација се во фокусот на Школата за млади лидери, што од денеска до 22 февруари се одржува во Струга, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

„Промените и предизвиците се насекаде околу нас. Сето тоа што беше основа на третата дигитална револуција, денес е инфраструктура за новата револуција. Сите процеси кои беа аналогни и дигитални, сите оние начини на производство, на трговија, на купување, на администрирање и водење се соочуваат со големи предизвици. Секаде околу нас ги гледаме последиците од таа голема трансформација и дигитализација на општеството и на човековата цивилизација. Секојдневно преку вашите паметни телефони вие сте корисници на многу услуги кои ги креираат машините со вештачка интелигенција. Многу пребарувачи учат од вас и од вашите побарувања, за да го информираат алгоритамот кој ви излегува во пресрет на следното барање или следното истражување. Многу процеси се водени од роботи и се автоматизирани", рече претседателот Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери.

Според македонскиот претседател сиве овие промени се драстични за толку краток период и затоа е неопходна промена на целиот систем на едукација. Промена во сферата на образованието, промена во сферата на производството, на тргувањето, на услугите.

„Секој доколку има желба, може да биде дел од тие глобални платформи. Не да биде само пасивен набљудувач, туку и активен учесник, да дава свој придонес. Сега на интернет сите можат да комуницираат, да разменуваат искуства и знаење. За сите тие предизвици ќе ви помогнат предавачите на оваа Школа, ќе ви овозможат да навлезете во тајните на дигиталната трансформација на општеството, на економијата, дигиталната трансформација на биолигијата, на физиката, да ја сфатите моќта што ја носи блокчејн технологијата", истакна претседателот Иванов и додаде дека учесниците ќе бидат запознаени за сите нови работи кои ги носи оваа промена и како тие да успеат во тој нов свет.

Целта на Школата за млади лидери е да се создадат луѓе кои соработуваат, да се научат младите како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци, порача претседателот Иванов.

otvaranje_skola_za_mladi_lideri_02„Во духот на оптимизмот, на креативноста и иновативноста ви посакувам успешно совладување на оваа обука, да стекнете многу нови знаења, многу вештини, многу пријателства и да сфатите дека секаде во светот системот на образование е критикуван и е во криза. Не е целта да создадете луѓе кои ќе се натпреваруваат, туку целта е да создадете луѓе кои соработуваат. Не е целта да ги научите луѓето како да меморираат, туку како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци. Многу поголема вредност има социјалниот капитал создаден преку вмрежување, преку блискост, размена на искуства и сознанија", рече претседателот Иванов пред учесниците на годинашната Школа за млади лидери.

На годинешната Школа за млади лидери, што е лична иницијатива на претседателот Иванов, ќе учествуваат дваесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на Школата.

На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, се обрати и д-р Талал Абу-Газалех, претседател на Tag-org, глобална организација за професионални услуги и едукација, кој на претседателот Иванов му додели признание за неговиот придонес за новата генерација и за неговите постигнувања во Македонија и светот. На првиот ден од Школата за млади лидери предавање одржа г. Сани Шенер, извршен директор на ТАВ аеродроми, а се одржа и панел дискусија за предизвиците на 4-та индустриска револуција, тема што е во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.

Меѓу предавачите годинава се г-ѓа Пинар Ајваз Арикан, Генерален Директор на Turkish Airlines во Скопје, г. Штефан Петер, Претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, г-ѓа Фанија Самак од компанијата Микросам од Прилеп, г-ѓа Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, г-ѓа Љупка Арсова, Инженер за животна средина во Источната Истражувачка група, со седиште во САД, д-р Разије Невзат, Координатор на Одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен Медитеран Универзитет, г. Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, д-р Рашела Мизрахи од Бар Илан Универзитет, Израел, г. Методија Колоски, Претседател на Обединетата Македонска Дијаспора, г. Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија. Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.

Во рамки на одржувањето на 10. Школа за млади лидери, учесниците ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како еден од најголемите аеродроми во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијата Turkish Airlines.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.

otvaranje_skola_za_mladi_lideri_03

 
Start < Prev 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Next > End
Page 3 of 198