Почитувани поранешни Претседатели на Република Македонија,
господин Киро Глигоров и господин Бранко Црвенковски,
Почитуван Претседател на Собранието,
Почитуван Претседател на Влада,
Почитувани Претседатели на пријателските и соседни држави,
Почитувани министри и пратеници,
Ценети гости,
Екселенции,
Почитувани и драги граѓани на Република Македонија,
Голема чест е да Ви се обратам од оваа говорница како Претседател на Република Македонија. Денес, пред знамето на слободна и демократска Македонија, и пред сите Вас ја преземам оваа најодговорна должност која може да му се довери на еден граѓанин на Македонија.
Дозволете ми да го споделам со вас чувството на благодарност за дадената доверба, но и чуството за големите предизвиците што не очекуваат. Обврската пред големите идеали и делата на сите наши предци, непоколеблива посветеност на иднината на нашите наследници.
Дами и господа,
Функцијата Претседател на Република Македонија за мене е пред се должност. Должност, која ја презедов пред граѓаните на Македонија. Свечена заклетва пред мојот народ, дека ќе дадам се од себе, ќе го вложам целиот свој капацитет и кредибилитет за добросостојбата на нашата држава и нејзините граѓани.
Оваа голема должност не познава политички опции, етнички или религиозни, културни или локални разлики. Претседателот на Република Македонија е глас на секој македонски граѓанин, тој е и ќе остане глас на демократијата, единството и патриотизмот.
Претседателот на Република Македонија мора да остане заштитник на идеалите на хуманоста и цврстата верба во слободата и правата на човекот и граѓанинот. Ова се идеали за кои го дадоа својот живот и во кои се вградија многу херои од редовите на преродбениците, илинденците, АСНОМ-ските татковци на нашата нација и првиот претседател, големиот демократ и патриот Методија Андонов –Ченто.
Затоа, слободата, хуманизмот и човековите права се вградени во националниот код на Македонија и во македонските граѓани. Овие стремежи и идеали ги обединуваат сите оние што живеат во и за Македонија, како и оние што ги даваа своите животи за нејзината слобода.
Почитувани,
Република Македонија веќе осумнаесет години го живее својот сон на слободна, независна и демократска држава. Историски сон и реалност на денешнината, каде старата и богата македонска култура се претопи во млада, но витална и силна држава на политичката карта на современа Европа.
Држава која помина низ големи предизвици. Држава која го оствари вековниот сон на Македонците и уште еднаш јасно го потврди нашиот етно-национален, културен и јазичен идентитет. Македонија беше и останува заштитник и гарант на историјата, традицијата и идеалите, но и на суверената волја на Македонскиот народ.
Во исто време, Република Македонија се издигна во светол пример на отвореното и мултикултурно општество. Таа се соочи храбро со предизвиците на балканското минато и создаде сопствен функционален модел, кој ги обединува граѓаните и обезбедува заедничка и просперитетна иднина.
Република Македонија им остана достојна на своите светли традиции. Традиции и вредности споделени од сите македонски граѓани: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци. Овии традиции на заедништво, заемна толеранција и почитување на слободите и правата влегоа во сите документи на македонската државност, од Крушевскиот манифест и асномската Декларацијата за човекови права, преку граѓанскиот и демократски карактер на независна Република Македонија, во рамките на Охридскиот договор, и конечно во нашиот Устав.
Затоа, единството и виталноста на македонското општество не се потпираат врз владеење на посилниот или побројниот, туку на учеството на сите заедници и сите граѓани во функционирањето на државата и во развојот на општеството.
Пред нас е предизвикот, и понатаму од ова наследство да создаваме заеднички вредности и енергија, кои ќе не прават посилни. Затоа, како претседател на Република Македонија преку сопствените зборови и дела секаде и во секоја прилика ќе се залагам за градењето доверба и пријателство меѓу сите граѓани. Во исто време, ќе ги поттикнувам и поддржувам сите политички лидери, но и независните интелектуалци, бизнисмените и сите луѓе да се однесуваат одговорно кон нашето најголемо национално богатство – добрите односи меѓу заедниците и меѓу граѓаните!
Почитувани, пред нас е исправен уште еден голем предизвик. Предизвик кој најсилно и најјасно ќе ги потврди нашата историска мудрост, нашите национални стремежи и нашето место во светот. Овој предизвик се вика европска Македонија.
Почитувани,
Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на Европската Унија, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни. За таа цел, Македонија продолжува да чекори без запирање, да чекори на патот на евроатлантските интеграции, водејќи одговорна надворешна и внатрешна политика, посветено спроведувајќи ги највисоките стандарди.
Македонија е верен пријател и сојузник, затоа има верни пријатели и сојзници. Соединетите американски држави, земјите на Европската Унија, Турција. Но и Русија, Кина, Индија и уште многу други земји со кои не врзува искрено пријателство. И понатаму ќе работиме кон јакнење и продлабочување на заемната доверба и пријателство, особено во економската и во културната сфера.
За Македонија, евроатланската припадност и сојузништво не се декларативни. Сојузништвото е реално, многупати потврдено и низ мировните мисии на Армијата на Република Македонија. Мисии во кои нашите мировници, рамо до рамо со сојузниците, манифестираат највисоки војнички вредности и се одраз на посветеноста кон мирот и демократијата во светот. Признанијата за нивната храброст и хуманост се искажуваат недвосмислено, на што како земја посебно се гоордееме. Како претседател и Врховен команданат ја користам оваа можност лично да им оддадам признание за она што го направиле досега и што го прават од име на вредностите на слободниот свет, под знамето на Република Македонија.
Уште еден аспект на македонската надворешна политика, изграден врз вредностите и идеалите на нашите граѓани е добрососедската политика и придонесот на Република Македонија кон стабилноста и просперитетот на регионот.
Нашата држава цврсто опстојува на патот на регионалната соработка заснована врз рамноправни основи, при што македонската диоптрија е во секој од соседите да гледа пријател и партнер со кого делиме исти вредности и заедничка цел.
Можеби однадвор Република Македонија е мала. Меѓутоа, нејзиното значење е огромно затоа што претставува срце на Балканот каде се сретнуваат и се помируват сите разлики. Република Македонија е алка која ги обединува световите и треба да претставува најважна европска точка која ќе произведе не само балканско, туку и европско помирување на Истокот и Западот. На Христијанството и Исламот. На сите разновидни култури што ги чинат Балканот и Европа побогати.
Не занемерувајќи ги односите со сите наши соседи, би сакал да нагласам дека особено внимание ќе посветам на односите со Република Грција со која отсекогаш сме биле и ќе бидеме соседи. Ќе сторам се односите меѓу двете земји да се развиваат во духот на добрососедството и заемната доверба. Несомнено е дека споделуваме заеднички европски вредности, го сонуваме истиот европски сон, го разбираме Балканот како колевка на европската култура.
Уште повеќе, длабоко сум убеден дека дел од прашањата што ги обременуваат односите помеѓу двете соседни држави, а особено културата и традициите, имаат капацитет да бидат мост на соработка и промотор на нов циклус на просперитет во регионот.
Најпосле, како Претседател на Република Македонија и на сите нејзини граѓани должен сум да потсетам и нагласам: Наспроти сите напори на нашата надворешна политика, мора да знаеме дека почитта во странство најлесно се печали дома. Ниту европската иднина, ниту регионалната соработка не можеме да ги оствариме ако не инвестираме во капацитетите, институциите и во потенцијалите на нашата држава.
Затоа сме должни да опстанеме на патот на реформите и на изградбата на модерно, силно, здраво, конкурентно и просперитетно општество. Основа на тоа се функционалната пазарна економија и демократијата. Првото го градиме и мораме да продолжиме да го градиме преку сериозни и стратешки инвестиции во образованието и науката, во развој и примена на современите технологии и натпреварувачкиот и претприемачкиот дух на младите генерации. Второто и најсуштественото за нашиот просперитет е демократијата. Неа мора љубоморно и будно да ја чуваме. Демократијата тешко се добива, а лесно се губи. А токму принципите на демократијата се гарант на човековата слобода и човековото достоинство.
Како претседател силно ќе се залагам и ќе го поттикнувам развојот на демократијата и ќе ги поддржувам сите иницијативи што ја приближуваат нашата држава до нејзината суштина - интересот на македонскиот граѓанин. Силно ќе се залагам за остварување и почитување на културните, образовните, религиозните и другите права на македонските граѓани.
Во исто време, преку владеењето на правото и поддршката на анти-корупциските закони и политики сите мора да придонесуваме кон зајакнување на иституционалниот капацитет, единствениот механизам на државата за одбрана на интересите на граѓаните.
Во изминатите осумнаесет години пребродивме многу предизвици од регионален, внатрешен, социјален, културен и економски карактер. Македонија покажа голем институционален капацитет, а граѓаните мудрост, трпение и многу храброст на патот кон новото и помалку познатото. Тоа ги одржа внатрешната стабилност на нашата татковина и нашиот углед во светот.
Дополнително, нашите интелектуалци, уметници и научници постојано го потсетуваат светот дека не сме мал народ, туку народ со голем дух и благородни идеи, а Македонската дијаспора го прави македонскиот граѓанин пријател и сосед со секого, а светот поблизок до Македонија.
Почитувани,
Во оваа прилика, дозволете ми да споменам дека пред мене оваа чест и одговорност да ја извршуваат функцијата Претседател на Република Македонија ја имаа и претседателот Киро Глигоров, претседателот Борис Трајковски и претседателот Бранко Црвенковски. Како актуелен претседател на Република Македонија би сакал јавно да им се заблагодарам за нивните напори, подвизи и за нивното водство.
И како професор и како граѓанин бев увереден дека цврстата волја на нашиот народ е она што не водеше низ сите предизвици. Како Претседател ми претставува чест да водам еден народ со толкава морална и духовна сила.
Денес кога со широк општествен и политички консензус грабиме кон евро-атлантската иднина нема место за сомнеж во успехот. Напротив, сите државни институции, и власта и опозицијата, граѓанскиот сектор и научната јавност, и севкупното македонско општество треба да се вклучат уште поактивно во овој општествен напор.
Македонија со целата своја разноликост, со богатството на култури, политички идеи, на силни поединци и независни институции треба да вообличи и испрати единствена порака во светот. Таа порака е оптимизам и успех.
Како претседател ќе соработувам со сите институции, со Собранието, со Владата, со општините, но исто така и со нашите интелектуалци, бизнисмени и пред се со младите луѓе, за да одговориме соодветно на големината на нашиот национален предизвик. Мојата најголема надеж лежи во младите. Токму тие, кои се повеќе се образоваат и остручуваат, изучувајќи странски јазици и врвни технологии се подготвени да се соочат со предизвиците на новото време.
Почитувани,
Свесен сум дека пред нас има големи предизвици, реформи и трансформации, кои ни престојат во сите сфери. Немам намера, ниту потреба, ни за момент да замижам пред големите пречки на нашиот пат, како што се нерешените прашања со јужниот сосед и глобалната економска криза. Големата криза носи и голема сиромаштија. Барем ние добро знаеме дека сиромаштијата е единствениот товар кој станува се поголем, и колку повеќе луѓе го носат толку е товарот потежок. Затоа мораме да направиме се за да го намалуваме бројот на оние што го ваквиот товар.
Цврсто верувам во духот на македонските граѓани. Верувам во мојот народ кој никогаш не се откажува. Во неговата посветеност, работливост и креативност. Во овие осумнаесет години имавме многу предизвици, и со надминувањето на секој од нив докажавме дека ја заслужуваме својата слобода и слободата на нашата Македонија. Република Македонија секогаш ја следи онаа принципиелна логика искажана од Бетовен: Не знам за други видови на надмоќ, освен добрината.
Сакам јасно да порачам: Јас сум претседател, еден и еднаков за сите граѓани. Еден и единствен, со вас заедно, исправени пред сите предизвици. Претседател кој заедно со вас секој ден ќе работи за горда и богата Република Македонија. Силна држава Македонија, брзо, целосно и доистоинствено интегрирана во светската заедница на слободни и демократски нации.
Да живее Република Македонија
|