News
Chatam_house_PRM_3
Иванов: Мигрантската криза е лекција до европската бирократија да сфати дека ЕУ се уште не е Европа, без интегриран Балкан
Thursday, 02 November 2017 11:56
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во обраќањето во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус" во Лондон, порача дека Европската Унија мора да изнајде нов начин на носење на одлуки во време на криза и потенцираше дека европските земји мора да имаат поголем слух за заедничките безбедносни закани.

„Балканот, за жал останува надвор од Европската унија. Ова искуство со мигрантската криза е лекција до европската бирократија да сфати дека Европската унија се уште не е Европа и не може да зборува од името на Европа. Балканот се уште не е дел од Европската унија.  И се додека Балканот не влезе во Европската унија, ЕУ ќе се соочува со ова што сега го имаме. Научивме дека во Европската унија безбедносните служби немаат доверба меѓу себе. Не ги споделуваат информациите, и не постои свест дека постои заедничка закана. Тероризмот не е оној кој бил во шеесеттите, седумдесеттите години. Тероризмот ги користи сите нови технологии, социјални мрежи, користи дури кодирани сателитски врски и секој пат е понапред од било која полиција или разузнавачка служба", рече претседателот Иванов во обраќањето на тема „Македонија, миграциите и безбедноста: научени лекции".

„Оставени сами на себе, како држава увидовме дека мора да ги преземеме нештата во свои раце. Македонија најуспешно се справи со мигрантите. Колку што можеше, им помагаше на сите. Многу е лесно да се критикува од неутрална позиција, без да имате одговорност за последиците од сето тоа што се случуваше за време на мигрантската криза", порача претседателот на Република Македонија.

Зборувајќи за безбедносниот аспект на кризата, претседателот Иванов истакна дека иако балканската мигрантска рута е затворена, илегалната миграција се уште не е спречена и дека криминалните криумчарски мрежи имаат главна улога во генерирање на безбедносните закани за Македонија и Европа.

Претседателот Иванов пред присутните во „Чатам хаус" го образложи планот со кој Македонија успеа да го регулира мигрантскиот бран со еден влез и еден излез. „Се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури", рече претседателот Иванов.

„Тоа наше искуство, подоцна го прифатија и други земји од Балканската рута, и армијата беше таа која и помогна на полицијата во контролата и регулирањето, со што пролетта 2016 Балканската рута се затвори", рече македонскиот претседател.

Македонскиот претседател истакна дека миграциите не се завршени, бидејќи во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат меѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти.

Претседателот Иванов констатираше дека на балканските држави им е потребна Европската Унија бидејќи луѓето едноставно сакаат правна сигурност.

Во рамки на работната посета на Велика Британија, македонскиот претседател одржа обраќање на престижната Оксфордска унија и оствари средби со спикерите на двата дома на британскиот Парламент.
Chatam_house_PRM_5

PRM_-_John_Bercow_01
Иванов: И покрај Брегзит, ќе продолжи британската поддршка за Република Македонија
Wednesday, 01 November 2017 15:11
There are no translations available.


Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во Лондон оствари средба со спикерот на Долниот дом на британскиот Парламент, г. Џон Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот Парламент, Лорд Фаулер.

И покрај Брегзит, билатералната поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија ќе продолжи, е пораката што претседателот Иванов ја доби на денешните средби со спикерот на Долниот дом на британскиот парламент, г. Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот парламент, г. Фаулер.

Претседателот Иванов рече дека на средбите разговарале за најактуелното прашање во Обединетото Кралство, за Брегзит. „Тоа е нешто сосема ново. Следува голема постапка која досега не постоела, нема искуство за тоа како ќе се одвива. Нивното убедување е дека што и да се случи, на билатерален план ќе јакне поддршката што ја имаме од Велика Британија, дека тоа ќе продолжи", изјави претседателот Иванов по денешните средби во Лондон.

На двете средби стана збор за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство, кои следната година ќе одбележат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

PRM_-_Lord_Fawler_1„Го отворивме прашањето на формирањето на парламентарната група за пријателство во британскиот парламент, затоа што во македонскиот парламент веќе е формирана. Да продолжи соработката меѓу парламентите, бидејќи идната година одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Обединетото Кралство и Република Македонија. Исто така, идната година Обединетото Кралство е домаќин на Берлинскиот процес, што е исклучително значаен за нашиот регион. Иако тие се во фаза на Брегзит, сепак своите обрски што ги имаат превземено ги остваруваат и реализираат. Ние искажавме очекување да продолжат со нивната поддршка кон регионот и кон Република Македонија, како што го правеле тоа досега", рече претседателот Иванов.

На средбите со спикерите на Горниот и на Долниот дом на британскиот парламент, додаде македонскиот претседател, беа разменени мислења за состојбите во регионот, вклучувајќи ја и мигрантска криза и улогата на Република Македонија во справувањето со неа.

Претседателот Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство, вечерва ќе има обраќање во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус" на тема: "Македонија, миграциите и безбедноста: научени лекции".

Oxford
Претседателот Иванов одржа предавање на престижната Оксфордска унија
Tuesday, 31 October 2017 13:30
There are no translations available.


Predavanje_London_01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одржа предавање на престижната Оксфордска унија.

Основата на помирувањето е почитувањето. Тоа е обврска на вашата генерација, бидејќи вие сте генерација што живее глобално, секој ден сте во контакт со други култури, други религии. Сфатете дека другиот не сака да биде толериран, туку сака да биде почитуван, рече претседателот Иванов, во своето предавање.

Говорејќи за предизвиците на современиот свет, претседателот Иванов пред студентите на Оксфорд посочи на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. „Кај нас од секој пат владеела филозофијата на почит. Не сакам да ме толерираш, сакам да ме почитуваш. Почитувај ме во тоа што сум, за да тебе те почитувам. Ние шест века ги почитуваме муслиманите, затоа што и тие нас не почитуваат", рече македонскиот претседател.

Говорејќи за глобалните предизвици со кои се соочува Светот, Претседателот Иванов се осврна на тн. постсостојби отсликани во постдемократијата, посткапитализмот и постнационалната држава,  како и за прашањето на миграциите што го нарече „современ номадизам".  Во моментов се случува нова голема преселба на народите, посочи македонскиот претседател.

„Низ Македонија поминаа милион мигранти во 2015 година. Ние колку што можевме им помагавме на тие луѓе. Но кога мигрантскиот бран почнаа да го користат терористи, екстремисти, да го користат луѓе кои дојдоа во Европа и ги направија терористичките акти кои почнаа од Париз, ние ја затворивме границата и кажавме дека право на азил имаат бегалци, а не економски мигранти. Бегалците се тие што бегаат од своите домови. Од нашиот регион речиси 1000 странски борци отидоа во Сирија и во Ирак. 60 отсто од нив се вратија. Од Европа околу 6000 странски борци се отидени во Сирија. Тие сега се враќаат. Отишле како екстремисти, се враќаат како терористи. Ние бевме убедени дека тие можеме да ги дерадикализираме. Не. Се виде дека тие не можат да се дерадикализираат, туку тие треба да се изолираат, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател резимираше дека на прагот на третиот милениум, моќта од државата мигрира кон заедниците, Светот е сè повеќе меѓусебно дигитално поврзан, а различноста од Истокот мигрира кон Западот, што ја наметнува потребата различните светови да учат едни од други за да се надополнуваат. „Јас како поранешен професор, а сега претседател, се обидувам сите нови идеи да бидат применети и на регионално ниво, и на европско ниво, и кога имам можност, во Обединетите Нации ги кажувам предизвиците на нашата генерација и обврската каков свет ќе ви оставиме вам. Затоа секој треба да има свој удел и да придонесува животот на целата планета да биде секој пат подобар, а не полош", рече претседателот Иванов.
Predavanje_London_02

Предавањето на македонскиот претседател го следеа студенти и професори од реномираниот британски Универзитет. Претседателот Иванов оствари средба и со претседателот на Универзитетот „Оксфорд",  Лорд Крис Патен.

Оксфордската унија била основана во 1823 година со цел да ја заштити слободата на говорот во Англија, а денеска претставува едно од најпрестижните студентски општества во светот. Оксфордската унија била домаќин на многу светски лидери во повеќе области, меѓу кои американските претседатели Реган, Никсон и Картер, Сер Винстон Черчил, Алберт Ајнштајн, Џон Мејџор, сенаторот Берни Сандерс, Малком X, хуманитарките Малала Јусафзаи и Мајка Тереза, Далај Лама, Сер Елтон Џон, Мајкл Џексон, Морган Фримен и други. Дебатите и предавањата на Оксфордската Унија ги пренесуваат голем број реномирани светски медиуми, BBC, CNN, New Delhi TV, Russia Today (RT) и повеќето британските национални весници и меѓународни публикации, вклучувајќи ги Њујорк тајмс и Економист.
Predavanje_London_03

PRM_protestanti_01
Средба со делегација на Евангелско Протестантската Иницијатива
Saturday, 28 October 2017 13:32
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на Евангелско Протестантската Иницијатива по повод 500 години од Протестантската Реформација.

Делегацијата беше предводена од Генералниот секретар на Светската Евангелска Асоцијација, епископот Ефраим Тендеро и Претседателот на Меѓународниот совет на Меѓународната асоцијација за човековите права, Проф. Томас Ширмахер.

За време на средбата, Претседателот Иванов изрази задоволство што ќе биде покровител на свечената академија по повод 500 години од Реформацијата. Тој ја истакна улогата на Република Македонија во промовирањето на меѓурелигиски дијалог преку Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации и Светските конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. „Имаме уникатен македонски модел на соживот и почитување на различноста. За нас, почитта е фундаментално различна од толеранцијата. Разликата меѓу двата концепта е суштинска бидејќи се толерира она што се мора, а се почитува она што се сака. Резултат на тој модел се Мајка Тереза и Борис Трајковски," истакна македонскиот претседател.

Во однос на мигрантската криза, Претседателот Иванов потсети дека низ Македонија минаа околу милион бегалци и мигранти. Изрази благодарност на црквите кои, заедно со другите сегменти на цивилното општество им пружија целосна хумана помош на бегалците, во согланост со врвните глобални хуманитарни стандарди.

Во името на Светската Евангелска Асоцијација, епископот Тендеро се заблагодари за лидерството на македонскиот претседател и ги пофали неговите заложби за промовирањето на почитта во македонското општество. Се заблагодари за активниот придонес на Република Македонија на полето на меѓурелигискиот дијалог. Истакна дека, поаѓајќи од основните христијански принципи, целта на Светската Асоцијација е преку промовирање на човековиот развој да му се овозможи за секој човек да го достигне целосниот потенцијал.

Присутните соговорници го информираа претседателот Иванов за настаните и активностите во рамки на одбележувањето на овој значаен јубилеј, притоа изразија задоволство од неговата поддршка и ангажман на теми поврзани со почитувањето на верските слободи.

Централната прослава по повод 500 години Реформација ќе се одржи со богослужба и свечена Академија, под покровителство на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов.
PRM_protestanti_02

 
Start < Prev 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 Next > End
Page 24 of 198