News
prm_nato
Прием за учесниците на Работилницата „Заштита од тероризам, подобрување на отпорноста на демократските институции и владеењето на правото“
Saturday, 14 April 2018 12:21
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими учесниците на Работилницата „Заштита од тероризам, подобрување на отпорноста на демократските институции и владеењето на правото", која што е поддржана од програмата на НАТО, „Наука за мир и безбедност".

На приемот на кој присуствуваа професори и истражувачи од Република Македонија, Обединетото Кралство, Германија, Белгија, Италија, Бугарија, Албанија, претседателот Иванов посакувајќи им добредојде во Република Македонија, порача дека учесниците на работилницата се занимаваат со актуелни и на некој начин непредвидливи теми.

„Ова што се случува денес во Сирија како да потсетува дека мирот е исклучок, а конфликтите и војните како да се некоја нормалност", рече претседателот Иванов.

Во своето обраќање, македонскиот претседател нагласи дека кога еден регион живее на отворен простор, тогаш настапува мир, додавајќи дека отворениот простор создава луѓе со отворен ум кои немаат предрасуди, стравови и се воспоставува комуникација, а според него кој комуницира, тој се интегрира.

„Со комуникацијата и интеграцијата луѓето добиваат заеднички јазик и почнуваат да се разбираат меѓу себе. Тоа им овозможува да обезбедат единствен пазар со една валута. Единствена сила што може повторно да го отвори просторот на Балканот се вика Европска Унија. Нема друга сила која може да овозможи повторно сите што живеат на Балканот да живеат на отворен простор", истакна македонскиот претседател.

Според претседателот Иванов предизвиците од мигрантската и бегалската криза која го зафати регионот на Балканот во 2015 и 2016 година, покажува колку е потребна комуникација меѓу државите.

„Како никогаш досега ни е неопходна комуникација и размена на податоци. Тоа го видовме во 2015 година со мигрантската криза. Се додека секој сам се снаоѓаше со мигрантите немавме успех. Кога почнавме да ги разменуваме податоците, да стекнуваме доверба, најдовме начин како да се соочиме со тој предизвик", рече македонскиот претседател.

Претседателот Иванов во својот говор се осврна и на денешните предизвици и закани за НАТО кои според него се од дигитализирање на криминалот, односно можноста преку интернет да се вршат разни криминални дејствија кои во минатото не можеле, додавајќи и дека бирократските процедури во Алијансата треба да се прилагодат на состојбите и предизвиците од 21 век.

Истражувачката работилница „Заштита од тероризам, подобрување на отпорноста на демократските институции и владеењето на правото", поддржана од програмата на НАТО, „Наука за мир и безбедност", се одржа од 11 до 14 април во Скопје. Програмата на НАТО има за цел да го промовира дијалогот и практичната соработка меѓу земјите-членки на НАТО и партнерските земји врз основа на научни истражувања, технолошки иновации и размена на знаења.
prm_nato_2

PRM_biznis_nastan_Istanbul_01
Претседателот Иванов на бизнис настан во Истанбул – Нашата цел е трговската размена меѓу Македонија и Турција да достигне 1 милијарда долари
Thursday, 12 April 2018 09:25
There are no translations available.

Во 2012 година со турскиот државен врв направивме преглед на нашите билатерални односи и заклучивме дека политичките односи се на одлично ниво, но сепак она што недостасуваше беше економската соработка. Затоа, си поставивме една цел – а тоа е годишната трговска размена да ја покачиме на една милијарда долари, порача претседателот Иванов во своето обраќање пред турските стопанственици, во Истанбул.

На бизнис вечерата, на кој присуствуваше делегација на Стопанската комора на Македонија, раководството на Унијата на комори и берзи на Турција (ТОББ) и стопанственици од Турција, македонскиот претседател говореше за унапредување на економските односи меѓу двете земји преку зголемување на трговската размена и на инвестициите.

„Нас не радува перманентниот економски развој и економските успеси на Република Турција. Од друга страна, пак, Република Македонија нуди огромен број можности и прилики. Едно е јасно, можеме многу повеќе и во инвестициите и во трговската размена", рече претседателот Иванов.

Тој истакна дека како држави и институции се прави се за да се олесни патот кон целта, а, за тоа, како што вели помогнале и географската близина, добрата инфраструктурна повразност и директните авионски линии меѓу Македонија и Турција.

„Како што македонската и турската држава си ги почитуваат ветувањата, така и турските и македонските стопанственици знаат да го испочитуваат зборот што ќе си го дадат едни на други. И со тоа, вие, стопанствениците градите доверба која потоа се пренесува на граѓаните, на потрошувачите. Македонските граѓани имаат доверба во турските производи кои по ништо не заостануваат зад европските брендови", им порача македонскиот претседател на присутните стопанственици.

Претседателот Иванов во својот говор нагласи и дека се подобрува договорната состојба меѓу Македонија и Турција, и потсети дека историските корени на македонската економија се токму во турските чаршии и турските пазари во кои функционирале еснафите.

Членот на управниот одбор на Унијата на комори и берзи на Турција (ТОББ), г. Џенгиз Гунај, потсети дека претседателот Иванов е многу значаен за ТОББ и побара негова поддршка за нивелирање на царините меѓу двете земји.

„Македонија е во срцето на Југоисточна Европа и е порта кон 650 милиони потрошувачи. Околу 100 турски компании веќе инвестирале 1 милијарда и 500 милиони долари и отвориле 5000 работни места во Македонија." рече г. Гунај.

PRM_biznis_nastan_Istanbul_02

PRM_Ivanov_-__Istanbul_2
Претседателот Иванов на 21. Евроазиски економски самит: Потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум
Wednesday, 11 April 2018 14:18
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, се обрати на свеченото отворање на 21. Евроазиски економски самит, што се одржува во Истанбул, во организација на фондацијата Мармара.

Претседателот Иванов истакна дека фактот што Евроазискиот економски самит трае веќе 21 година е знак за неговото влиание и успех. Токму затоа, идеите кои се опфаќаат на самитот се земаат предвид не само во Република Турција, туку во целиот евроазиски регион", нагласи Иванов. „Преку интернетот и новите технологии, знаењето од целиот свет ни е на дофат. Потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум", порача шефот на државата на свеченото отворање на Самитот.

Темата на годинешниот самит е „Дилемата на нашиот век: Технологија наспроти политика". „Ќе дискутираме за сето она што ги очекува нашите држави и општества. А, тоа е влијанието на дигиталната трансформација врз политиката, државите, економијата, енергетиката. Ќе зборуваме за пресоздавањето на градовите од старомодни во паметни градови, подвлече претседателот Иванов.

На свеченото отворање на 21. Евроазиски економски самит, претседателот на Владата на Република Турција, г. Бинали Јилдирим му додели награда на претседателот Иванов за неговото 10-годишно учество на Евроазискиот економски самит.

Во рамки на учеството на Самитот, претседателот Иванов, ќе оствари средба со претставници на Стопанската комора на Република Македонија и со турски бизнисмени, каде што ќе има свое обраќање заедно со претседателот на Coјузот на стопански комори и берзи на Република Турција, г. Рифат Хисарџиклиоглу.

Во рамки на работната посета на Турција, претседателот Иванов оствари средба со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I.

PRM_Ivanov_-__Istanbul_1

 
Start < Prev 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Next > End
Page 16 of 198