There are no translations available.
Почитувани присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
Кога пред десет години стапив на функцијата Претседател на Република Македонија, една од основните идеи-водилки ми беше да инвестирам во младите, во нивното знаење, напредок и иднина. Иницирав и поддржав повеќе проекти кои се препознаени не само кај нас, туку и во поширокиот регион. Школата за млади лидери, Стипендијата „Борис Трајковски" на Шефилд Универзитетот. Но, еден од тие проекти е и изборот и доделувањето на признанието „Најдобар млад научник". Годинава ова признание го доделувам по деветти пат и тоа во многу силна конкуренција.
Честопати велам дека најуспешни не се оние држави кои продуцираат високовалитетни кадри. Најуспешни се оние кои продуцираат вакви кадри и им овозможуваат да се вратат и останат во матичната земја. Во време на глобализација и отворени граници секој млад човек бара поголеми можности за подобар живот. Тоа е предизвик за државните институции, академската заедница и бизнис-секторот. На младите научници е неопходно да им ги овозможиме сите услови за напредок и развој, за максимално користење на нивниот креативен потенцијал.
Верувам дека и доделувањето на признанието „Најдобар млад научник" го зголемува интересот за значењето на македонската научна мисла и потребата од инвестирање во неа. Само со инвестирање во науката и со поддршка на младите научници, Македонија може да прерасне во земја на иновации и на нови технологии кои ќе бидат двигатели на македонската економија во 21 и 22 век.
Верувам дека оваа визија ќе биде прифатена и од мојот наследник во интерес на македонската науката, бидејќи инвестирањето во науката не е трошок, туку влог во развојот на нашата Македонија.
Еден мој пријател неодамна кажа дека животот е премногу долг за човек да биде мрзелив, но и премногу краток за да се живее без принципи. Науката, на некој начин, ги обединува овие две нешта, бидејќи подразбира напорна но и принципиелна работа.
Годинава, признанието „Најдобар млад научник" го доделуваме на д-р Томе Ефтимов. Тој е исклучително талентиран и млад научник со големи капацитети, знаење и искуство во научноистражувачката работа. Од она што може да се види од неговата биографија и од досегашните остварувања, апсолутно сум убеден дека пред него се години и години плодна научна работа на полето на информациските технологии.
Почитувани,
Како и секоја година, комисијата за избор на најдобар млад научник се соочува со предизвикот, меѓу пријавените кандидати со вонреден квалитет да го избере најдобриот. Би сакал во оваа прилика на сите членови да им се заблагодарам за сиот досегашен ангажман. Благодарност и до рецензентите кои завршија одлична работа, како и на сите инволвирани соработници од мојот кабинет.
Дозволете на крајот, на д-р Томе Ефтимов, но и на сите други млади научници кои беa дел од Конкурсот за избор на најдобар млад научник за 2018 година и кои се млади луѓе со иновативност, креативност и знаење, да им посакам многу успех и долгогодишна плодна научна работа и кариера.
Ви благодарам.
|