There are no translations available.
По повод празникот 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беа упатени писма со честитки од повеќе шефови на држави од светот.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Доналд Трамп, во името на американскиот народ упати честитка до претседателот Иванов и до македонскиот народ.
„Македонија има многу причини годинава да биде горда. Историскиот Договор од Преспа го решава долгогодишниот спор за името со Грција и го отвара патот на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. Договорот и членството на Македонија во НАТО ќе ги зајакнат безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион. САД се подготвени да ја поддржат Македонија, особено во претстојните разговори за Вашето членство во НАТО. Им посакувам се најдобро на граѓаните на Македонија на овој посебен ден", пишува во честитката од претседателот Трамп.
Во писмото испратено од Претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џипинг се вели: „Во последните години, нашите две земји остваруваат стабилни билатерални односи со силна политичка меѓусебна доверба и преку продлабочување на практичната соработка во различни области".
Во честитката од Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин се вели: „Руско-македонските односи се основани на добрите традиции на културната и духовната блискост. Убеден сум дека натамошното унапредување на овие односи би им одговарало на темелните интереси на народите на нашите две земји, но и на цела Европа".
Во пораката од Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија, Н.В. Елизабета ǁ се вели: „Ми претставува големо задоволство, Ваша Екселенцијо, да ви упатам најсрдечни честитки по повод прославата на Денот на независноста, со најдобри желби за среќа и просперитет на народот на Македонија во претстојната година".
Во честитката од г. Франк-Валтер Штајнмајер, претседател на Сојузна Република Германија се вели: „По повод македонскиот ден на независност, Вам и на сите Македонки и Македонци, Ви упатувам срдечни честитики и во името на моите сонародници. Цврсто сум убеден, дека Вашата земја со напредокот во владеењето на правото и доброто владеење, како и со договорите со соседните земји е на вистинскиот пат да ја создаде својата иднина во Европската унија и Северноатлантската алијанса. Со историскиот договор за прашањето за името Вашата земја докажува дека трпеливата дипломатија и доверливиот дијалог може да отворат нови перспективи дури и со оглед на најголемите предизвици. Се надеваме дека идните диксусии и понатаму ќе се одликуваат со далекувидност и одговорност. Германија и понатаму ќе ја поддржува Вашата земја на нејзиниот пат како искрен и сигурен партнер".
Во честитката од Претседателот на Унгарија, г. Јанош Адер, се вели: „Македонија од своето осамостојување постигна напредок, достоен за признание и како резултат на тоа, на дофат е членството во НАТО, како и започнување на преговори за пристапување во ЕУ. Ми претставува големо задоволство што на самитот на НАТО во јули Македонија доби официјална покана за започнување преговори за пристапување. Ве уверувам дека Унгарија и во иднина е подготвена да ја поддржува Македонија на патот кон европската интеграција".
Во честитката од Генералниот гувернер на Австралија, г. Питер Косгроув се вели: „Австралија ги цени односите со вашата земја, кои се поткрепени со силни меѓучовечки врски. Македонската зедница продолжува да биде важен придонесувач во мултикултурното општество на Австралија. Ми претставува задоволство што нашите земји продолжуваат да работат на поддршката на поредокот и меѓународната безбедност преку Глобалната коалиција против ИСИС и во Авганистан. Австралиската влада го поздравува договорот меѓу Вашата влада и Владата на Грција од јуни 2018 година за надминување на долгогодишниот спор за името. Го сметаме за значаен чекор и ги охрабруваме двете земји да работат конструктивно за имплементација на договорот".
Честитка до претседателот Иванов со желби за благосостојба на народот на Македонија, упати и Кралот на Холандија Н.В. Вилем- Александар.
Честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, упати г. Алан Берсе, Претседател на Швајцарската Конфедерација: „Во името на Швајцарскиот федерален совет и во мое лично име, би сакал да ви упатам најсрдечни честитки на Вас, Ваша Екселенцио, по повод Денот на независноста на Република Македонија". Исто така, ви упатувам најискрени желби за добробит и просперитет на вашата земја и за ваше добро здравје и успех. Можете да бидете уверени во посветеноста на Швајцарија за развој на нашата заедничка доверба и пријателство со Република Македонија и со нетрпение очекуваме овие односи да продолжат да се развиваат во годините пред нас".
По повод Денот на независноста, честитка до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Грција, г. Прокопис Павлопулос. „Дозволете да го изразам моето цврсто уверување и надеж дека нашите две соседни земји ќе останат на отворениот пат на билатерална соработка, со цел корист за нашите два народи. Истовремено Ве уверувам дека Грција има силен интерес за понатамошно унапредување на стабилноста, развој и добрососедски односи во регионот", стои во честитката од грчкиот претседател.
Честитка до претседателот Иванов, по повод 8 Септември упати и претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета. „Силно влијание во јакнењето на нашите односи има и унапредувањето на меѓуетничките односи помеѓу Албанците и Македонците. Албанците во Македонија и македонската заедница во Албанија се мостот на пријателството и соработката. Во оваа прилика сакам да го изразам и моето уверување за брзо членство на Македонија во НАТО и Ве уверувам во силната поддршка од Албанија на тој пат. Тоа ќе ја зајакне улогата и позицијата на Македонија во евроатлантската ареа и ќе придонесе за безбедноста на нашиот регион", пишува претседателот Мета во честитката.
Во честитката од Претседателот на Украина, г. Петро Порошенко се вели: „Користејќи ја оваа прилика, со пријатност сакам да го истакнам задоволството од интензивирањето на украинско-македонскиот дијалог, меѓу другото во сферата на изнаоѓање на поефективни патишта за реализирање на заеднички стремежи на двете земји за интеграција во европските и евроатлантските институции. Украина е заинтересирана за понатамошен развој на меѓусебно корисната партнерска соработка меѓу нашите пријателски народи".
По повод 8 Септември, Денот на независноста, честитки до претседателот Иванов упатија и Емирот на Државата Катар, Тамим Бин Хамад Ал-тани, императорот на Јапонија, Н.В. Акихито, претседателот на Азербејџан, г. Илхам Алијев, претседателот на Казахстан, г. Нурсултан Назарбаев, како и Кралот на Кралството на Саудиска Арабија, Салман Бин Абдулазиз Ал-Сауд.
|