Претседателот Иванов го прими министерот за одбрана на Црна Гора, г. Предраг Бошковиќ
Thursday, 30 November 2017 18:53   
There are no translations available.

MO_na_Crna_GoraПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Предраг Бошковиќ, министер за одбрана на Црна Гора.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на политичките односи и соработката меѓу Република Македонија и Црна Гора на билатерален и на мултилатерален план, и беа потврдени заложбите за проширување на регионалната соработка.

Во однос на стратешките цели и интеграциските перспективи, претседателот Иванов посочи дека членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и го нагласи интересот за интензивирање на политичко-безбедносната соработка со Црна Гора. На средбата беа реафирмирани интересите за натамошно унапредување на соработката во сферата на одбраната и воено-образовната соработка.

Македонскиот претседател подвлече дека реформите и мерките кои се преземаат во Република Македонија за унапредување на стандардите во сферата на одбраната ја потврдуваат нашата стратешка цел за членство во Алијансата. Министерот Бошковиќ истакна дека еден од приоритетите на Црна Гора, како иден претседавач со Јадранската Повелба, ќе биде поддршка за НАТО интеграциите на Република Македонија.

Соговорниците разменија мислења за состојбите во регионот, како и за можностите за поголема соработка на Република Македонија и Црна Гора во регионалните иницијативи.

  Back<<Назад