Квалитетното образование е приоритет - средба со најдобрите студенти од општествените науки на УКИМ | |
|
There are no translations available.
Претседателот Иванов истакна дека постојаното унапредување на квалитетот на образованието е од исклучително значење, и за таа цел неопходно е да се земат превид мислењата и сугестиите на студентите, идните академски граѓани на Република Македонија, од кои директно зависи иднината и развојот на нашето општество и држава. За време на дво-часовната средба со Претседателот, 25-мината најдобри студенти од општествените науки ги изложија своите видувања, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, како и предлозите за подобрување на одредени процеси и состојби. Меѓу основните забелешки презентирани од страна на студентите е адаптацијата на Болоњскиот процес во македонскиот образовен систем – кредит трансфер системот, размената и мобилноста на студентите. Според нив, потребно е постигнување поголема компатибилност на наставните програми, за да се избегнат ситуации на непризнавање на кредитите стекнати на универзитети во странство. Студентите сугерираат дека со промените на општествените текови во светски рамки, се отвора простор и потреба од воведување нови предмети, на пример предмети кои ги инкорпорираат ефектите од глобализацијата, или предмети поврзани со процесите, институциите и политиките на ЕУ. Студентите од Правниот факултет, Новинарство, Филозофски и Филолошки факултет, нагласија дека се соочуваа проблеми кога оценувањето беше исклучиво преку електронски писмен тест, што не придонесуваше кон зајакнување на нивните вербални и ораторски вештини, кои конкретно во нивните професии се и повеќе од неопходни. Тие го поздравија повторното воведување на усното полагање на испитите. Студент од отсекот е-Бизнис на Економскиот факултет, посочи на позитивниот пример што нивните професори се постојано достапни преку е-маил и секогаш на располагање на студентите за консултации и поддршка. Студентите се согласија дека сепак воведувањето на Болоњскиот процес не е неуспешно, но дека е неопходна негова целосна имплементација. Студентите имаа забелешки и за недостатокот на соодветна стручна литература, но нагласија дека тоа во последно време се менува кон подобро. Од интерес на студентите е, исто така, да имаат поголеми можности за пракса и практично усовршување. Тие акцентот го ставија на квалитетот на задолжителната пракса, како и потребата од назначување на ментор во рамки на компанијата или институцијата каде се одвива праксата, кој ќе ги води низ практичните искуства. Претседателот Иванов им честита на студентите за нивниот досегашен постигнат успех, истакнувајќи дека го радува фактот што отворено зборуваат за проблемите и предизвиците, што укажува на нивната подготвеност да придонесат кон унапредување на севкупниот образовен систем. Тој посочи дека проблемите кои се јавуваат како последица на воведувањето на Болоњскиот систем се во тоа што реформата во Република Македонија започна директно од факултетите, како и дека беше потребна поголема усогласеност на ниво на универзитети. Универзитетите, нагласи претседателот, се институциите од каде што треба да почне реформата и кои треба да понудат програми според потребите на пазарот и општеството. „Споменавте еден клучен збор, а тоа е креативност. Ако сте креативни и проактивни, секогаш ќе најдете решение,“ им порача претседателот Иванов и додаде дека суштината на високото образование е да понуди метод како да се дојде до знаење. „Вие сте генерација на аудио-визуелни медиуми, и во такви услови пристапот до информациите и знаењето е голем. Времето на екс-катедра е одамна минато. Неопходно е предавањата да поттикнуваат на дебати и интерактивност на студентите,“ истакна Претседателот. Студентите беа едногласни во ставот дека за нив е голема чест што Претседателот покажа интерес и грижа за нивното студентско секојдневие и наставната програма по која што го надоградуваат своето знаeње, и изразија поддршка и за идни средби од овој вид. „Многу ни значи тоа што Претседателот се грижи за студентите и за нашето секојдневие. Токму затоа ја изразуваме и нашата поддршка за идни вакви средби. Веруваме дека во иднина прогресивно ќе се движи високото образование и оти ќе се крене на едно по високо ниво, изјави студентот од втора година на политички науки, Сатја Грабуловски. Според неговата колешка Дина Арнаут, голема чест, а истовремено и награда е што Претседателот им дава можност да го искажат своето секојдневие и пречките со кои се соочуваат. Таа истакна дека најголем проблем кој студентите го забележале е нецелосната имплементација на Болоњскиот систем во високото образование, но дека не е толку лошо како што се мисли. Професорот Димитар Мирчев најави вакви средби со студенти од сите универзитети и нагласи дека претседателот Иванов има голем афинитет и истрајност да се воведе професионализам во високото образование. „Ова е убава можност за разговор со студентите, да се чујат нивните предизвици и оценките за наставата. Идејата на овие средби е да се истакне дека образованието станува приоритет. Покрај тоа претседателот Иванов со многу активности го поддржува усовршувањето на студентите, како и нивните успеси. Секоја година Претседателот ја организира Школата за млади лидери, а го доделува признанието „Најмлад научник“,“ додаде професорот Мирчев. Оваа средба е прва од серијата планирани средби на Претседателот со студентите од сите универзитети во Република Македонија, кои ќе следуваат во наредниот период. Основната цел е да се слушнат размислувањата и идеите на најдобрите претставници на младата академска сила, да се поддржи нивната креативност и иновативност, да се поттикнат да продолжат по патот на успехот. |