Interview for the KAPITAL daily: The Census will be Organized to Work, Not to Escape a Solution!
Thursday, 12 May 2011 15:26   

altПо две години на чело на државата претседателот Иванов вели дека најголем успех во тој период е визната либерализација и препораката за почеток на преговори со Европската унија, која Македонија два пати ја добива. Тоа што државата сеуште не е во ЕУ и во НАТО за него е неуспех, но вината за тоа пред сè ја гледа кај Грција, која од комплетно билатерален спор направила меѓународен проблем.

 

КАПИТАЛ: Претседателе како ги оценувате двете години кои се зад Вас како шеф на државата?

Тоа е прашање на кое граѓаните најдобро ќе го дадат својот суд, сметам дека е неблагодарно јас да одговорам.
 
КАПИТАЛ: Со што најмногу се гордеете, а што сметате дека Ви е неуспех? Што претседателот пропушти да стори?

Моите лични успеси и неуспеси би ги гледал низ призмата на успеси и неуспеси на државата. Би рекол дека големите успеси во досегашниот период беа поврзани со европските интеграции, особено со добивањето на позитивната препорака на Европската Комисија за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Со тоа успеавме да покажеме исклучителна подготвеност и активност на нашата администрација и на општеството во целина. Потоа, секако, одлуката за визната либерализација, по која нашите граѓани по премногу долго време добија можност повторно слободно да патуваат низ Европа. Како неуспех, повторно би го издвоил непочнувањето на преговорите, и покрај добиената позитивна оценка. Ова е одлука без преседан.
 
КАПИТАЛ: Како ја оценувате политичката клима во предизборието? Стравувате ли дека тензиите се преголеми, па се отвора ризик изборите да не поминат како фер и демократски?

Не гледам сериозна закана за нефер или недемократски избори. Ние имаме веќе долго искуство со организирање на успешни избори. Дополнително, сите како граѓани сме свесни дека евентуалните нерегуларности ќе ни нанесат огромна штета на сите нас, а особено на страната која би ги починила, во вид на политичка маргинализација и индивидуална кривична одговорност. Јас сметам дека е нормално и разбирливо партиите да имаат силно спротиставени погледи по политичките прашања, единствено жалам што не продолжи една добра традиција изборните правила да се утврдуваат во соработка на сите партии, во Собранието. За ова беше укажана секоја разумна можност, вклучително и на серијата средби кои ги иницирав.
 
КАПИТАЛ: Партиите од албанскиот блок потпишаа пакт дека ќе се воздржат од насилства. Декларативно за ова се залагаат и македонските партии. Но, кои се Вашите очекувања за денот на гласањето?

Очекувам мирни и слободни избори. Тоа е македонски стандард, и до тоа ќе се држиме. Ја поздравувам секоја иницијатива со која се потврдува определбата на учесниците во изборите тие да се одржат слободни од било какви заплашувања, исто како што ги осудив малубројните и морам да потенцирам несериозни повици на неприфаќање на резултатите и насилство.
 
КАПИТАЛ: Некои информации одат дотаму дека Македонија е можно да се најде во ситуација да не може да направи Влада ако резултатите се изедначени, а пазарот за влез во коалиција стане прескап. Кои се Вашите прогнози? Колку таквата ситуација би била погубна за земјата?

Не би прогнозирал, очекувам граѓаните да го дадат својот глас согласно своето убедување и слободно право. Би потенцирал дека изборите беа свикани токму за да се излезе од една неизвесност и блокада во која повторно се најде Собранието. Сакам да потенцирам нешто што е став и на Европската Унија, а тоа е дека местото на партиите, на политичките фактори, е во институциите, и дека таму треба и во иднина сите да го бараат своето место.
 
КАПИТАЛ: Што очекувате од новата Влада?

Очекувам да продолжи со силно реформско темпо. Тоа верувам дека го очекуваат и граѓаните. Ние сме сведоци на одредено економско заздравување во Европа и во светот, и затоа, сметам дека мораме да работиме на што подобро позиционирање на Македонија да ги искористи поволните ветрови, за зголемен просперитет на сите граѓани. Воедно, очекувам реформите да продолжат да се водат во рамките поставени на нашите евро-атлански интегративни процеси.
 
КАПИТАЛ: Доколку се смени политичката гарнитура на власт, дали очекувате проблеми во соработката со Владата?

Јас останувам отворен за соработка со сите партии, и верувам дека доколку идната коалиција остане посветена на принципите кои јас ги почитувам, и кои огромно мнозинство граѓани ги почитуваат, тогаш не очекувам било какви, како што Вие велите, проблеми. Тие принципи се секако продолжување на реформите во насока на натамошно отворање на Македонија кон Европа и светот, во економски, политички, културен план.
 
КАПИТАЛ: Прашањето за името останува најголемата неизвесност за земјата. Како ја коментирате промената на ставот на СДСМ околу референдумот? Дали ова фактичко приближување на позициите на СДСМ и на ВМРО–ДПМНЕ и консензусот кој се постигна говори за некакво задкулисно придвижување на процесот?

Не би ја коментирал промената на ставот на Социјалдемократскиот Сојуз, особено не пред избори. Мој личен став останува дека ова е сериозно прашање, кео доколку сакаме да го решиме, потребно е да се постигне најширок можен консензус во Македонија. Тоа може да се постигне со референдум.
 
КАПИТАЛ: Што очекувате Вие од референдумот? Како ќе се убедат граѓаните да го поддржат решението со Грција и остава ли Атина воопшто простор за фер решение?

Референдумот е начин на кој може да се реши спорот, ние секако не го промовираме референдумот како начин да се избегне решавање на спорот. Предлог кој нема да задира во идентитетските одредници може да биде ставен на референдум, и јас очекувам дека доколку до тоа дојде, граѓаните ќе одлучат во најдобриот интерес на Република Македонија. Вие знаете дека огромен број на предлози веќе беа пробани во изминатите години, и дека Грција сите можни и разумни решенија досега ги одбиваше, максимално злоупотребувајќи ја својата положба во меѓународните институции. Додека тоа продолжува да го прави, просторот за фер решение ќе остане мал.
 
altКАПИТАЛ: Пред претседателот на Европската комисија, Хозе Мануел Баросо, во Охрид имавте прилично остар настап во кој цврсто застанавте во одбрана на македонскиот јазик и против неговото бришење од Резолуцијата. Што му кажавте зад затворени врати?

Не би го квалификувал тоа како цврст настап, тоа е принципиелна позиција на Македонија веќе долго време, дека за нас вклучувањето на идентитетските одредници во спорот е неприфатливо, и уште повеќе, дека тоа го прави решавањето на спорот невозможно. Ние очекуваме спорот да се реши единствено во рамките пропишани од резолуциите на ОН и на Времената спогодба. Сметам дека Европската Унија би морала да го почитува овој став, и едноставно, да го почитува правото на една голема група луѓе на самоопределување. Притоа, би сакал да потенцирам дека ние како држава не сме соочени со оспорување на нашиот идентитет од страна на Европската Унија. ЕУ е организација заснована врз почитувањето на човековите права, на различностите, и е исклучително успешен политички проект за помирување и закопување на старите омрази. Морам да потенцирам дека Грција, како членка на Европската Унија и на НАТО, се обидува колку што може повеќе да ги инволвира овие институции во нашиот чисто билатерален спор, обидувајќи се своите ставови да ги претстави како колективни ставови на НАТО и на ЕУ. Наша обврска секако е на институциите во Брисел да им укажуваме дека за нас идентитетот е црвена линија, а воедно на нашите граѓани, кај кои овие две институции уживаат исклучителна поддршка, да им укажуваме дека обидите за оспорување на нашиот идентитет не доаѓаат од Брисел, туку од Атина.
 
КАПИТАЛ: Впечаток е дека како што поминува времето, Македонија се повеќе губи што е надвор од евроатлантските структури. Нам секој ден ни е важен. Вие постојано апелирате на посилна ангажираност на ЕУ. Се труди ли Унијата доволно или Македонија можеби не дава се од себе?

Повеќепати сум истакнал дека Македонија овој спор ја чини многу, и дека ние многу губиме со овој спор. Но, тоа не е аргумент кој придонесува и грчката страна да дојде поблиску до кревање на нејзината блокада на нашите интеграции. Ние сме свесни дека нашите односи можат да се одвиваат во насока на взаемна полза, а дека сега се одвиваат во насока на взаемна штета, при што секако дека Македонија трпи далеку поголеми последици. Ние сме посветени како на разговорите со Грција, така и на реформските активности. Што се однесува до посветеноста на ЕУ, таму навистина постои одредено количество на резервираност и можеби скепса кон натамошни проширувања, но јас сум убеден дека ЕУ наскоро ќе ја пречека Македонија како земја која активно води преговори, а потоа и како полноправна членка.
 
КАПИТАЛ: Дипломатите, од друга страна, порачуваат дека иднината на државата е доведена во прашање ако не се реши спорот со Грција. Како ги толкувате овие пораки на загриженост или на преупредување?

Не би им припишувал вакви изјави на дипломати. Ние имаме последици, но Македонија е веќе зрела демократија, која има иднина пред себе.
 
КАПИТАЛ: Лидерските средби кои Вие ги инициравте многумина ги оценија како јалови. Имаат ли политичките лидери моќ за консензус и надминување на партиските интереси во интерес на државата?

Ние имаме одредени падови и подеми во подготвеноста на лидерите за компромис, и очекувам по изборите да имаме една нагорна линија на меѓусебната доверба. Јас не би одел до толку од нив да барам консензус по сите прашања од политичките лидери, но секако дека би сакал да имаме малку повеќе единство за едно-две прашања за кои како држава би требало да бидеме единствени.
 
altКАПИТАЛ: Во последно време, претседателите на земјите од поранешна СФРЈ невообичаено често се среќаат и на овие средби ги пеглаат проблемите од минатото. На тие средби Вас ве нема. Дали тоа е така затоа што Македонија нема отворени проблеми со поранешните југословенски републики или пак затоа што на некој начин државата е изолирана од таквите активности?

Оценките за некаква изолираност на Македонија од регионалните, европските, светските текови е неточна. Сметам дека имаме исклучително богата надворешно-политичка агенда и тоа е нешто на што јас лично инсистирам, и што е одлука и на целиот државен врв. Ние работиме на одржување на старите пријателства, како и на градење нови, во сите сфери во кои можеме да соработуваме. Од позначајните средби и тоа само во наредениот кус период би ја издвоил иницијативата на средно и источно европските држави во Варшава, или средбата на Претседателите на Албанија, Црна Гора и Косово во Охрид.
 
КАПИТАЛ: Сепак се добива чувство дека земјава е надвор од активностите и иницијативите за поголема соработка, пред се на економски план, на земјите од поранешна СФРЈ. Дали Вие не сметате дека Македонија треба да биде поактивна и побудна во овие активности?

Јас сум отворен за секоја конструктивна иницијатива, која доаѓа до мојот Кабинет, од државите во регионот, сите овие иницијативи се разгледуваат внимателно, и одговорот во голем број случаи е позитивен, а притоа во тек се неколку наши изворни иницијативи. Секоја добронамерна иницијатива, која придонесува кон подобро разбирање на земјите од регионот, по долгиот период на нестабилност и меѓусебна недоверба, е од големо значење за нашите граѓани.
 
КАПИТАЛ: Често кога патувате во странство, носите бизнис делегација со Вас. Тоа е добра можност да чуете кои се проблемите и потребите на компаниите во Македонија. Функцијата не Ви овозможува директно да се ангажирате во активностите за подобрување на економскиот амбиент во земјата, но сигурно имате визија за тоа што треба да се направи и како да се поттикне економскиот развој и да со создаде подобра бизнис клима во земјава?

Вклучувањето на бизнис заедницата, за која средбите на високо ниво честопати се добра можност за отворање на нови проекти, на моите посети го сфатив како моја обврска. Секогаш кога сметаме дека ефектот може да биде позитивен, вклучуваме македонски бизнисмени во овие посети, на кои се организираат средби со нивни колеги и можни, идни бизнис партнери.

Што се однесува на втората половина на Вашето прашање, принципите кои јас сметам дека придонесуваат за економскиот развој се почитувањето на пазарните правила и натамошното јакнење на владеењето на правото и правната рамка воопшто. Сметам дека, по долги години на првенствено државна иницијатива во економијата, и катастрофалните последици на оваа политика, мораме да продолжиме да се ориентираме кон личната иницијатива и кон пазарните механизми.
 
КАПИТАЛ: Македонија се труди да го убеди светот дека е рај за инвестирање. Што кажуваат информациите кои Вие ги имате, а ги добивате директно од странските бизнисмени, дипломати и политичари?

Македонија има огромен потенцијал, тоа сите го препознаваат. Наша обврска е да создадеме правни рамки кои ќе бидат поволни за развој, да ги укинеме непотребните ограничувања за трговијата со светот, и секако да обезбедиме политичка стабилност. Вообичаено на средбите доминираат тие оценки, дека многу е сработено и дека фундаментите на економскиот развој се поставени. Ние имавме еден солиден економски подем, во годините пред почетокот на светската економска криза, но сведоци сме дека живееме во еден турбулентен период на глобалната економија, во која нема многу добри и успешни приказни.
 
КАПИТАЛ: Имате уште три години од мандатот. Каде ја гледате Македонија кога ќе ја напуштите претседателската фотеља?

Очекувам земјата да биде членка на НАТО, преговорите со ЕУ да бидат во тек, и во целина да биде едно пристојно место за живеење.

 

Пристапете до интервјуто преку линк