There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во интервју за швајцарскиот дневен весник „Ле Темпс", се залага за брза интеграција на Република Македонија во евро-атлантските структури, бидејќи, како што наведува, се наоѓа во центарот на „еден огнен прстен".
Весникот од Женева, ги потсетува своите читатели дека Република Македонија, произлезена од поранешна Југославија, веќе десет години чека пред вратата на Европската унија. Нејзината кандидатура е систематски блокирана од Грција со образложение дека и го одрекува правото да го користи името Македонија, сакајќи на тој начин да го преземе наследството од античка Македонија.
На констатацијата на „Ле Темпс" (Време) дека во странство „се навикнавме на идејата дека Македонија е вечен кандидат за членство во Европската унија и зошто е тоа така?", претседателот Иванов одговара дека членството во ЕУ е стратешка цел за Република Македонија.
- За нас, членството во ЕУ е стратешка цел. Меѓу 80 и 90 отсто од населението се изјаснува за тоа, а од 2009 година Европската комисија даде шест позитивни препораки за нашето членство. Но, Грција продолжи да се противи на тоа, вели претседателот Иванов. Прашан дали нешто може да се промени со доаѓањето на власт на Алексис Ципрас во Атина, македонскиот претседател изразува надеж дека тоа ќе означи доаѓање на нова генерација која „ќе знае да се ослободи од предрасудите наследени од минатото".
- Се досега грчките елити беа последните на Балканот кои беа произведени од Студената војна. На сите други места страницата е свртена. Тоа значи дека новите грчки раководители имаат многу други грижи сега, и барем засега, јавно, во ниту еден момент не ги кажаа нивните намери кон нас. Да бидеме реалисти, ние не сме приоритет за нив, нагласува претседателот Иванов.
На прашањето дали и покрај „долгата расправија", Македонија одржуваше врски со претходното грчко раководство, македонскиот претседател одговара дека немало ниту еден контакт, иако биле направени повеќе обиди.
- Се обидовме да изработиме договор во областа на граничните премини или двојното оданочување, но ние не добивме одговор во изминатите 25 години, појаснува претседателот Иванов.
Притоа македонскиот претседател нагласува дека претпријатијата од двете земји се многу блиски и дека во Македонија работат над 200 грчки претпријатија, а економската размена надминува милијарда долари.
На забелешката на весникот дека некои забележуваат „тенденција на авторитаризам" во Македонија, што ја става во опасност независноста на правдата и печатот, претседателот Иванов одговара дека на тој начин опозицијата се обидува да привлече внимание.
- Вие најверојатно се повикувате на случајот со нелегално прислушкување со кој лидерот на опозицијата Зоран Заев се обидува да привлече внимание на него. Од почетокот на овој случај, јас интервенирав за да побарам од државните институции да дејствуваат брзо и да ги казни оние кои го прекршиле законот, нагласува претседателот Иванов.
На инсистирањето на новинарот на „Ле Темпс" дека еден известувач на Европскиот парламент зборува за „многу опасна ситуација" во земјата, македонскиот претседател одговара дека чекањето пред вратите на ЕУ е фрустрирачко.
- Мораме да бидеме внимателни со незадоволството на населението. Оваа ситуација на ќор-сокак која трае 10 години произведува голема фрустрација. Тоа изгледа како од нас да се бара да се движиме напред со велосипед кој не го опремуваме со педали. На надолнини, тој се уште може да се движи, но штом има нагорна патека, тој може да ја запре, потенцира македонскиот претседател.
На прашањето дали Македонија е запрена, претседателот Иванов го тврди спротивното.
- Далеку од тоа. Ние го искористивме ова време да се посветиме на економијата. Го сменивме нашиот даночен систем, создадовме слободни економски зони, воспоставивме привилегии за странските инвеститори. Нашата економија е една од ретките во моментов со раст во регионот. Но, тоа не ги спречува фрустрациите за кои ви зборував, кои се акумулираа. На крајот на краиштата, единствениот начин вистински да се трансформира нашата економија, е да се деблокира и да продолжи процесот на интеграција. Ние не може да го направиме тоа сами. Македонија се чувствува заборавена, напуштена од страна на Европејците, нагласува претседателот на Република Македонија.
Прашан дали има ризици од ваквата ситуација, претседателот Иванов вели дека тие се бројни.
- Ги има многу. Имајте на ум дека нашиот регион е во центарот на еден прстен од оган. Ние ја имаме Украина на север, Блискиот Исток на исток, Либија на југоисток. Сите овие шокови имаат последици за нашата земја, но ни недостасуваат ресурси за да се справиме со нив. Додајте го и прашањето со мигрантите кои бегаат од војните и доаѓаат кај нас, откако често поминуваат преку Грција. Ако бевме членки на Европската унија и НАТО за што Грција се противи со вето, ние би можеле да се вклучиме повеќе во една заедничка политика, ќе имаме повеќе информации за безбедноста, за да се обезбеди поголема заштита на нашите граници. Сега сме лишени од тоа и изгледа како Европа да нема никаква обврска кон нас, посочува претседателот Иванов.
На искажаниот интерес на швајцарскиот весник за радикализацијата на дел од муслиманската младина на Балканот и прашањето дали има млади муслимани од Македонија кои имаат искушение да заминат во џихад, претседателот Иванов вели дека радикализацијата се зголемува насекаде, па и во Македонија.
- Но сакам да бидам јасен, ние не сме пред еден верски проблем, туку чисто идеолошки. Традиционално, во Македонија, муслиманите и христијаните се случува да ги делат и истите места за богослужба. На идејата за толеранција, ние ја претпочитаме во тој поглед почитта, што подразбира реципроцитет. Но, денес, глобализацијата и интернетот, додадени на одредена несигурност на Балканот, можат да го доведат младите луѓе лесно да бидат заведени од страна на радикалите. Ситуацијата во регионот е многу чувствителна и верувајте ми, на Балканот, за жал, сме навикнати на војната, до таа точка што сме многу чувствителни на нејзиниот мирис, вели македонскиот претседател.
За односите на Македонија со Русија нагласува дека мала земја треба да биде отворена и да одржува односи со сите.
- Една мала земја како нашата треба да биде отворена и да одржува добри односи со сите. Ова е она што го правиме со Русија. Ние имаме голема потреба за увоз на енергија и пазар за нашите производи. Тоа е независно од интеграцијата во ЕУ, потенцира претседателот Иванов за швајцарскиот дневен весник „Ле Темпс".
|