Интервју на претседателот Иванов за Дневник: Ја чекаме Грција на масата за изнаоѓање решение
Friday, 01 June 2012 11:25   
There are no translations available.

Дневник: Како го доживеавте самитот во Чикаго?

Сите знаевме дека Самитот на НАТО не беше за проширување. Направивме се што беше во наша моќ да ја валоризираме пресудата од Хаг, во најмала рака со нејзина нотификација во Заклучокот. Вложивме силни дипломатски напори преку Заклучокот да ја намалиме асиметријата која најдобро се отсликува во разговорите што се водат под покровителство на ООН. Се обидовме во Заклучокот да влезе формулација дека Република Македонија ќе добие покана на следниот Самит, со или без решение на наметнатиот спор. Но, како што беше заклучено на лидерската средба кај мојот колега Папуљас, ваквиот обид, и обидот во Заклучокот да биде нотирана пресудата, беа соочени со блокада. Она во што успеавме во Чикаго, и пред Самитот, е да ја добиеме поддршката од многу пријателски земји и да ја добиеме наклонетоста од светската медиумска и експертска јавност. Понатаму, на одреден начин проширувањето се најде на агендата на Самитот. Благодарејќи на пријателските земји, особено на САД и на Турција, тоа се потврди со состанокот 28 + 4, кој беше на министерско ниво, а особено со изјавата на државниот секретар на САД, Хилари Клинтон, дека ова ќе биде последен Самит кој нема да го третира проширувањето. Исто така успеавме во напорите на овој Самит, Грција да биде повикана и врз неа да биде извршен притисок да води сметка за колективните интереси на Алијансата, и пред се за регионалните интереси. Обелоденувањето на заклучоците од лидерската средба со Папуљас, сериозно ја отежнаа грчката позиција, и ја разобличија нивната вистинска намера за попречување на македонскиот прием. Изјавата на нивниот министер за надворешни работи дека имало изолирани обиди во полза на Македонија, но дека успешно се справиле со тоа, тие го претставија како дипломатски успех. Јас би го окарактеризирал како дипломатска немоќ. Заканите и употребите на вето во нашиот случај се израз на немоќ да се дојде до решение.

Дневник: Од денешна гледна точка добро ли направивте што отидовте таму и имавте ли претходно координација за заминувањето во Чикаго?

Веднаш по пресудата, државниот врв се координираше за позициите на Република Македонија. Во периодот пред и до Самитот во Чикаго таквите координации беа континуирани и тоа е практика што ќе продолжи и во иднина. За првиот дел од прашањето, својот став го искажав во Чикаго. Идентично, како и сите граѓани на Република Македонија и институциите на нашата држава, ја споделувам разочараноста и фрустрацијата од континуираните блокади.

Дневник: Значи односите со премиерот Груевски се во ред?

Со Премиерот имаме конструктивна и принципиелна соработка по сите прашања од интерес за државата. Тоа се очекувањата на граѓаните, клучните институции, Претседателот, Собранието и секако Владата, тесно и интензивно да соработуваат во интерес на граѓаните, за државните интереси.

Дневник: Што понатаму? Ви се чини ли дека битката за зачленување во НАТО станува сизифовска?

Напротив, за разлика од грчкиот мит за Сизиф, убеден сум дека процесот за зачленување во НАТО ќе заврши со успех. Чикаго е завршена приказна. Нам ни преостанува и натаму, со несмален интензитет да се бориме за она кое го заслужуваме. Нема и нема да има промена на стратешките определби. Има два начини да се реализираат нашите цели: Прво, Грција да ги почитува меѓународните обврски кои самата ги преземала, т.е. да ја почитува пресудата и Времената спогодба. Второ, да биде конструктивна во разговорите за името и да се придржува до предвидената рамка и до она што е предмет на разговорите. Без постојано наметнување на нови услови, барања и навлегување во идентитетските прашања, за да можеме да дојдеме до заемно прифатливо решение. Отсекогаш сум сметал дека тоа е возможно. Но, тоа бара конструктивен пристап и стриктно придржување до рамката од страна на нашиот сосед. Никогаш нема да прифатиме ултиматум, уцени, или какво било решение што на кој било начин може да ни наштети на идентитетот, јазикот. Впрочем за тоа не сакаме и нема да разговараме. Конечно, рамката не предвидува разговори за вакви прашања. Идентитетот, јазикот се реалност која, сакал некој или не, е тука, и може само да се почитува и констатира. Каков било обид за негација или барање за промена – редефинирање, не може да ја смени реалноста. Она што е битно, ќе продолжиме со напорите и по двата начина кои можат да ја деблокираат нашата евроатлантска интеграција. Се надеваме дека по изборите во Грција ќе наидеме на поодговорен партнер.

Дневник: Но таму кризата се распламтува, мислите ли дека можеме со јужниот сосед да имаме суштински разговори за името?

Во изминатиот период имаше неколку средби, но за жал од грчка страна немаше суштински придонес. Внимателно ги следиме состојбите и загрижени сме за економските тешкотии со кои се соочува нашиот сосед. Економската криза, нас директно не засега, бидејќи не само што може да се одрази на нашата економија, туку тоа значи  натамошно пролонгирање на решението за името, од што најголема штета трпиме токму ние. Во кој правец ќе се движат разговорите за името, ќе зависи од исходот на изборите во Грција. Неблагодарно е да се прогнозира. Можеме само да се надеваме на поодговорен пристап од новата Влада во Грција. Пресудата од Хаг, без разлика дали ја игнорираат, секако дека се одразува на политичкиот кредибилитет на Грција. Тоа не може да се игнорира. Ние сме на масата на која треба да најдеме решение во кое нема да има победници и поразени. Го чекаме партнерот на таа маса. Времето ќе покаже.

Дневник: Што? Дека ќе треба да чекаме уште многу време за да се реши спорот?

Имајќи го предвид она што Атина го прави со многуте други отворени прашања што ги имаат и со останатите соседи, тие ќе одлагаат. Оти не трпат последици. Кој нив ги опоменува за ваквиот начин на делување? Кога имаа граничен спор Хрватска и Словенија секој ден некој од комесарите на ЕУ бараше Словенците да се однесуваат европски. Видовме ли ние еднаш европски комесар истото да го каже на Грците? Сепак ние не се откажуваме и чекаме на масата. Со добрина може да го решиме овој спор. Не може до крај се да оди само со лошо и негирање.

Дневник: Но како е со големите сили, како тие гледаат на сето ова?

Кој се денес големи? Голем си ако можеш да наметнеш дека твојата култура е од корист на другите, голем си ако можеш да победиш во натпревар на исти. Голем си ако глобално се натпреваруваш и победуваш во која и да е област. Голем си ако во ова време на големи предизвици си креативен и иновативен и нудиш решенија. Затоа, ако ние самите не си ја почитуваме државата како ќе очекуваме некој друг да ни ја почитува? Добро е што кај нас по 20 години самостојност почна да ни се враќа она што ни било од почеток неопходно - самодоверба. За жал таа отсуствува кај дел од политичарите. Кај таквите се уште важи филозофијата: “колку полошо на државата толку подобро за мене оти тоа ќе ми донесе гласови или поени на нова анкета“.

Дневник: Можеби затоа проблемот со името зафати нов тек во самата Македонија. Поранешниот претседател Црвенковски објави доверливи документи, се зголеми меѓу партиското нетрпение...

Јас не би рекол дека има нов тек во разговорите за наметнатиот спор за името, туку дека ова прашање одредени поединци го злоупотребуваат за дневно политички цели и манипулација. Не знам од кои причини и со каков мотив, но лично сметам дека поранешниот претседател направи неодговорен и неразумен потег, штетен по државните интереси, и пред се контрапродуктивен за целокупниот процес на разговори кој се води во рамките на ООН, со посредство на медијаторот Метју Нимиц. Затоа сакам уште еднаш да апелирам  дека за прашањата од државен интерес треба што поголемо единство, соработка и конструктивен пристап. Најмалку ни требаат поделби и создавање на конфузија кај граѓаните.

Дневник: Сработуваат ли доволно нашите дипломати низ светов околу проблемот со името и што барате и очекувате од нив?

По моите критики од пред повеќе од една година за работата на нашата дипломатија работите се подобруваат. Денес имаме една поорганизирана и поофанзивна дипломатија. За таа цел, побарав да им се зголеми слободата во делувањето, да се дебирократизира дипломатијата, но истовремено да се зајакнат оценките и критериумите за нивната работа. И тој процес се одвива. Битно ни е да ја намалуваме и асиметријата во освојувањето на јавниот простор, јавната дипломатија. Да се вложуваат поголеми напори за економската и културната дипломатија. Кога Македонија се осамостои некои од нашите дипломати наместо да освојуваа нови пазари тие преведуваа проза или поезија. А еве сега го отвораме пазарот во Украина, Русија, Кина, Катар, а ќе одиме и во централна Азија. Кабинетот во постојана координација со МНР, внимателно и на дневна основа ги следат состојбите во нашата дипломатија.

Дневник: Споменавте дека правниот тим од Хаг ја следи состојбата. Сметате ли дека има основа за нова тужба?

Правниот тим внимателно ги анализира сите состојби, особено настаните, пред и за време на Самитот во Чикаго. Тоа е сосема нормално. Прекршувањето на Времената спогодба се случи на НАТО Самит, не на состанок на невладина организација. Во најмала рака сметам дека Судот треба да биде известен дека неговото очекување дека нема да се повтори однесувањето кое беше оценето како незаконско, во Чикаго се повтори. Сметам дека ние треба да продолжиме  да инсистираме Грција да  ја почитува постоечката пресуда. Во секој случај,  ќе постапиме онака како што е најдобро за државните интереси на Република Македонија.

Дневник: Некои Ви замерија дека не го свикавте советот за безбедност по убиството кај Смилковското езеро. Дали моменталната ситуација во земјата не го налага тоа?

Постои посебно утврдена процедура кога, зошто и со каква цел се свикува Советот за безбедност. Тоа се прави кога безбедносната состојба во државата е загрозена,  или пак има индиции да биде загрозена. Тоа не беше случај. Да, се случи трагичен настан, се изгубија невини животи, што сите не погоди. Настан кој предизвика тензии во јавноста и резултираше со протести, но немаше последици по општата безбедносна состојба, ниту нејзино ескалирање.  Сите институции крајно одговорно  ја вршеа и ја вршат  работата, согласно Уставот и законите. Како што кажав и претходно правото на протест е уставно загарантирано, но не може протестот да се злоупотребува за притисок врз судските органи. Ако тоа се дозволи, тогаш се крши едно од најважните уставни начела – владеењето на правото.

Дневник: Размислувате ли за нов мандат?

Има уште цели две години до истекот на мојот мандат. Во моментов 100% од моето време го вложувам во остварувањето на уставните надлежности, целосно сум фокусиран на државните цели, и мој приоритет е до крај посветено, одговорно и доследно да ги исполнувам задачите кои ми се доверени со претседателската функција.

Антонио Спасев, Заменик Главен и одговорен уредник

Пристапете кон интервјуто преку линк.