There are no translations available.
Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска го посети „СОС Детското село" во пресрет на одбележувањето на 15 годишниот јубилеј од нивното основање.
Г-ѓа Иванова беше срдечно пречекана од раководството на „СОС Детско село ", од децата и младите згрижени во селото, како и од СОС Мајките кои се заблагодарија за посетата и за континуирана поддршка и внимание од нејзина страна. Децата од СОС Детското село денеска пред присутните се претставија со рецитал и претстава, додека пак централната манифестација по повод 15 годишниот јубилеј на "СОС Детско село Македонија", чиј покровител е г-ѓа Маја Иванова, ќе се одржи на 30 ноември .
Сопругата на Претседателот изрази задоволство што е дел од „СОС Детското село" и што има чест да биде покровител на манифестацијата. „Ви посакувам многу здравје, среќа, радост и убавини. Да бидете добри ученици и да ви се остварат сите желби. Да станете одлични спортисти, добри глумци и глумици, да бидете аналитичари, правници, доктори и се она што ви посакува срцето, им порача г-ѓа Иванова на децата и младите.
Г-ѓа Маја ја пренесе севкупната поддршка од семејството Иванови и изрази голема почит кон СОС мајките кои, како што посочи, даваат несебична грижа и љубов на децата за тие да израснат во подготвени и лојални граѓани на нашата држава.
Во посета на „СОС Детското село" беше и амбасадорката на Република Австрија во Република Македонија, г-ѓа Ренате Коблер, која посочи дека Австријците од мали растат со концептот СОС Детско село и идејата и замислата на нејзиниот сонародник Херман Гмајнер.„Сметам дека Гмајнер многу би се радувал што неговата идеја и понатаму се развива и во иднина ќе постои. Ви ја честитам 15-годишнината. До мене многу допира тоа што гледам дека голем број на луѓе го изодуваат овој пат, што не е вообичаен", рече Коблер.
Националиот директор на СОС Детско село Македонија Јулијана Гапо, порача дека остануваат посветени да работат и помагаат, дека нивната цел е ниту едно дете да не расте без семејство и без дом, и се додека и последното дете има поддршка од нивната работа ќе продолжат.
По повод новогодишните и божиќните празници г-ѓа Иванова редовно ги посетува децата без родители, како и децата згрижени во болниците. На покана на г-ѓа Маја, децата и младите од „СОС Детското село", беа гости во домот на Иванови за време на Божиќните празници во 2011 година.
Темелите на првото македонско „СОС Детско село" се поставени во април 1999 година. Во моментов во селото се згрижени 69 деца на возраст од две до петнаесет години, за кои се грижат 12 СОС мајки.

|