Press Release
NZ02
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Нов Зеланд и на ДНР Кореја
Thursday, 21 January 2016 12:40
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Нов Зеланд и на Демократска Народна Република Кореја.

На свеченоста на предавањето на акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Нов Зеланд за Република Македонија, со седиште во Рим, Н.Е. г. Патрик Џон Рата, претседателот Иванов истакна дека повеќе од две децении двете земји развиваат односи во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и взаемното почитување и дека со заеднички ангажман во периодот што следи, со јакнење на политичкиот дијалог, со унапредување на правната рамка и со јакнење на економската соработка, ќе се придонесе кон нивно продлабочување во многу сфери од заеднички интерес.

Македонскиот претседател посочи дека иако двете земји географски се многу оддалечени, сепак заедничка нишка е значајниот број на државјани на Нов Зеланд со потекло од Република Македонија.

„Република Македонија е горда на нивниот придонес и на нивното учество во социјалниот и економскиот живот на Нов Зеланд и верувам дека нивната улога на мост меѓу двете земји ќе ни помогне во остварувањето на нашите заеднички цели", порача претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Нов Зеланд за Република Македонија г. Патрик Џон Рата, истакна дека Нов Зеланд сака да ги зацврсти односите меѓу двете земји особено во областа на политиката, економијата, трговијата и културата и изрази уверување за успешна соработка, и покрај географската далечина, бидејќи и двете земји делат слични аспирации и демократски цели за своите народи.

„Изминатите две децении покажавте дека сте кредибилен партнер во меѓународната заедница и земја подготвена да ја одигра својата улога за стабилизирање на регионот на Југоисточна Европа. Ние ве охрабруваме да продолжите со соработката и конструктивниот пристап во односите со регионот", порача амбасадорот Рата.

DNRK02Новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Демократска Народна Република Кореја за Република Македонија со седиште во Софија, г. Ча Кон Ил, изрази уверување дека ќе се ангажира за развој на односите помеѓу двете земји за време на неговиот амбасадорски мандат.

На средбата беа разменети информации за актуелните состојби во Корејскиот полуостров, како и за состојбите во регионот на ЈИЕ. Претседателот Иванов беше информиран за видувањата на раководството на ДНР Кореја за политичките тензии во регионот и начинот на нивното надминување. Нагласувајќи ја важноста на дијалогот, претседателот Иванов изрази надеж дека со дијалог и мирољубиви средства ќе се изнајде решение за спорните прашања на Корејскиот полуостров во интерес на мирот, благосостојбата и просперитетот на корејскиот народ.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

01finska
Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, на Швајцарската Конфедерација, на Република Естонија и на Ирска
Wednesday, 20 January 2016 13:39
There are no translations available.

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Финска, Швајцарската Конфедерација, Република Естонија и на Ирска.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Финска, Н.Е. г. Перти Иконен, македонскиот претседател ја истакна можноста за интензивирање на македонско-финските односи како на билатерален, така и на меѓународен план, изразувајќи надеж за продлабочување на соработката меѓу двете земји, особено во сферата на економијата. Заблагодарувајќи се на досегашната поддршка од Република Финска за нашите аспирации за членство во НАТО и Европската унија, претседателот Иванов изрази надеж дека истата ќе продолжи и во наредниот период.

„За нас од особено значење беше споделувањето на финските искуства во различни области што беше реализирано во рамките на финската развојна помош и твининг проектите. Се надевам дека и во наредниот значаен период ќе можеме да сметаме на финската поддршка. Тоа е особено значајно денес, кога Европа се соочува со сериозни предизвици. Искрено се надевам дека во наредниот период и Алијансата и Унијата ќе ги имаат предвид интересите на Република Македонија, на нашиот Регион, и со поголема решителност во носењето на одлуки, ќе придонесат за натамошна консолидација, стабилност и просперитет во регионот на Југоисточна Европа", истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот Иконен истакна дека Финска секогаш е подготвена да ги споделува своите искуства и најдобри практики со своите партнери, а таков е случајот и со Македонија - фински експерти сега работат во Скопје во рамките на два твининг проекти финансирани од Европската унија со цел постигнување на добри резултати во неколку области.

„Македонија ги зацврстува своите односи со Европската унија и ве уверувам дека иднината на Македонија е во рамките на ЕУ", подвлече амбасадорот Иконен упатувајќи честитки за постигнатиот досегашен напредок и уверувајќи дека Финска е конструктивен пријател на земјава во нејзините континуирани напори да ги исполни критериумите за проширување, за што е подготвена да ги сподели своите знаења и експертиза како помош да стане земја-членка на ЕУ.

02SvajcarijaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската конфедерација, Н.Е. г-ѓа Сибил Зутер Техада, претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи и од соработката меѓу двете земји во изминатиов период.

„Дозволете ми да се заблагодарам за сета досегашна помош и поддршка од Швајцарската Конфедерација. Благодарение на развојната поддршка од швајцарската Влада, која трае години наназад, во Македонија реализирани се бројни проекти во разни области, кои придонесоа за подобро функционирање на одредени институции и за подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните во одредени региони", порача претседателот Иванов.

Амбасадорката Зутер Техада истакна дека повеќе од две децении двете земји негуваат пријателски односи , а главен елемент на билатералните односи е Швајцарската програма за соработка со Македонија.

Во таа насока, амбасадорката Зутер Техада најави дека нејзината земја и во следните четири години ќе ја продолжи програмата за соработка со Македонија, за што ќе бидат одвоени 71 милиони швајцарски франци.

„Денес, Швајцарија е најголемиот билатерален донатор во Македонија. Нашата програма за соработка се фокусира на демократско владеење и децентрализација, економски развој и вода. Дизајнирана е да даде поддршка на приоритетите на македонската Влада и прогресивната интеграција на земјата во европските структури", порача амбасадорката Зутер Техада.

03EstonijaДосегашните македонско-естонски односи бележат успешен развој, рече претседателот Иванов на средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Естонија, Н.Е г. Даниел Ерик Шаер и изрази уверување дека со заеднички напори, пријателството и соработката меѓу двете земји ќе продолжи со јакнење и збогатување како на билатерален, така и на мултилатерален план.

„Република Македонија недвосмислено опстојува на зацртаните стратешки цели, членство во НАТО и во Европската унија. Високо ја цениме и сме благодарни за поддршката од пријателска Естонија во остварувањето на нашите стратешки цели", порача македонскиот претседател.

Амбасадорот Шаер, истакнувајќи ја силната поддршка на Република Естонија во нејзините евроатлански аспирации рече дека Европската унија заедно со Естонија ги препознава потешкотиите со кои се соочува Македонија како резултат на мигрантската криза и предизвиците за изнаоѓање на дологорочни решенија за олеснување на кризата во регионот.

„Една од моите цели ќе биде да се зголемат бизнис контактите од заеднички интерес помеѓу двете земји. Верувам дека, исто така, треба да се максимизира користењето на расположливите алатки за да и се помогне на Естонија да ги споделува своите искуства во формирање на ефективни институции и динамична економија со Македонија", порача амбасадорот Шаер.

04IrskaНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Ирска, Н.Е г. Дерек Фили, претседателот Иванов изрази задоволство од стабилните политички односи базирани на взаемна почит, меѓусебно разбирање и солидно ниво на меѓусебна соработка во повеќе области меѓу двете земји и изрази благодарност за континуираната поддршка од Ирска која што и понатаму ќе биде значаен поттик за Република Македонија на патот кон нејзиното интегрирање во Европската унија.

„Истовремено, би сакал да го истакнам и своето убедување дека меѓу нашите две земји сѐ уште постои неискористен потенцијал и простор за натамошно продлабочување на соработката, и во таа насока, убеден сум дека Вашиот ангажман ќе биде од големо значење. Притоа, посебно би сакал да го потенцирам нашиот интерес за интензивирање на економската соработка, како и нашата желба за збогатување на нормативно-правната рамка за уредување на меѓусебните односи", истакна претседателот Иванов.

Амбасадорот Фили посочи дека Ирска ги цени постигнувањата на Република Македонија на економски план, и во наредниот период ќе се фокусира на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успех во извршувањето на должноста и изрази очекување дека нивните ангажмани ќе придонесат во унапредување на билатералните односи.

 
Start < Prev 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Next > End
Page 52 of 175