|
Средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија, г. Дидие Реиндерс
|
|
Thursday, 26 October 2017 15:45
|
|
|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Брисел оствари средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи и европски прашања на Кралството Белгија, г. Дидие Реиндерс.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Кралството Белгија, при што беше констатирано дека двете земји имаат пријателски односи, со заемни заложби за нивно постојано унапредување.
Претседателот Иванов изрази благодарност за принципиелната поддршка што Кралството Белгија ја дава за аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија и во НАТО и посочи на потребата од нивна што поскора деблокада.
„Со статус-кво состојбата на Македонија и е попречено правото на просперитет. Европската Унија треба да преземе итни чекори и да го одблокира интеграцискиот процес на Македонија, кој е неповратен. Како земја, потребна ни е трансформирачката моќ на интегративниот процес", рече претседателот Иванов на средбата.
На средбата заменик-претседателот на белгиската влада Реиндерс изрази поддршка на заложбите нa Република Македонија за отворање на пристапните преговори за членство во Европската унија.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните состојби во Европа, поврзани со мигрантската криза, безбедносните предизвици, при што беше посочено на потребата од поинтензивна билатерална соработка и подинамична безбедносна соработка.
На средбата беше изразен взаемен интерес за натамошно унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу Република Македонија и Кралството Белгија.
|