| Постхумно одликуван Јордан Мијалков со Орден ‘’8 Септември’’ | |
|
|
There are no translations available.
Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов
Почитувани претставници на семејството на Мијалков, Не можам да замислам за подобро време, посоодветен миг за оваа свеченост од денес, кога одбележуваме 20 години од раѓањето на независна Република Македонија. Навистина е тешко да се најдат зборови за да му се оддаде достојна почит на човекот кој денес го чествуваме. Јордан Мијалков беше посветен на големата желба на македонскиот народ да не ја пропушти историската можност да создаде своја, слободна и независна држава. Јордан Мијалков и тогашната генерација македонски државници беа свесни дека евентуална грешка, евентуална погрешна проценка, во тој миг, тешко ќе може подоцна да се исправи. Дека, ако ја пропуштиме можноста, може да минат децении пред повторно да ни се укаже истата шанса за да создадеме македонска држава. Ако таква шанса, воопшто, и се укаже. Таа трескавична потреба да се искористи мигот, да се прифати подадената рака од историјата, морала да биде ограничена од неопходноста да се биде практичен и прагматичен. Во тие услови, Јордан Мијалков се покажа како голем патриот, целосно посветен на идејата за независна Македонија, но, воедно, и како човек кој знае да направи реална проценка како на најдобар начин да се дојде до таа цел, соочени со голем отпор. Тој вешто водеше значаен дел од македонската политика, во исклучително тешки мигови.
Министерот Мијалков ќе остане запаметен по неговата решителност да ги спаси македонските војници, кои повторно се најдоа како учесници во една туѓа војна - да гинат за туѓи интереси. Секогаш свесен за суровата улога низ историјата, македонските војници да носат туѓи униформи, па дури и да војуваат едни против други, немајќи своја држава, Јордан Мијалков задолжи огромен број семејства во Република Македонија со тоа што стави крај на процесот на мобилизирање на македонските војници за потребите на југословенската армија. Тој го организираше враќањето на стотици наши војници и офицери од фронтовите отворени во крвавиот распад на Југославија. Со тоа, Мијалков и сите други познати и непознати македонски патриоти кои учествуваа во овие акции, си стекнаа моќни и влијателни непријатели. Но тие ја стекнаа и трајната благодарност на стотици македонски семејства, чии синови денес се живи благодарение на нивната храброст и решителност.
Јордан Мијалков и неговото семејство на своја кожа ја почувствувале темната страна на злоупотребата од власта. Потекнувајќи од семејство на трговци и занаетчии, тие биле изложени на сомнежот и на притисокот на властите во Социјалистичка Југославија. Познати се неговите судири со авторитетот на тогаш единствената Партија, пред сè, по прашањето на македонските национални права и интереси. Почитувани, Денес, чествувајќи го споменот на Јордан Мијалков, мораме да одбележиме дека тој ја имал потребната храброст, макар и по цена на својата лична безбедност, да го каже тоа што било потребно да се каже. Да ги застапува интересите на Македонија, на македонските граѓани, во формирањето на демократска независна држава. Тој, секако, можел да одбере да молчи, како и многумина тогаш. Да чека да види како ќе се одвиваат работите и потоа да се определи. Многумина молчеа, чекаа што ќе се случи, сакаа отпосле да бидат во право и да се определат за победничката страна. Јордан Мијалков одбра да биде во право уште од самиот почеток. Како вистински борец застана да се бори за својата вистина - слободна Македонија, демократска Македонија. Денес, ние можеме да живееме во неговата вистина. Нека му е вечна слава. |
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска постхумно го одликуваше Јордан Мијалков со Орден ‘’8 Септември’’, за исклучителен придонес во остварувањето на независноста, самостојноста, сувереноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и јакнење на нејзината меѓународна положба и углед, вршејќи ја должноста прв министер за внатрешни работи во Владата на Република Македонија. Орденот го прими неговиот син, Влатко Мијалков.









