|
There are no translations available.
Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, Ваши екселенции, Дами и господа, Навистина сум горд што, како врховен командант на Армијата на Република Македонија, можам да ве поздравам на овој свечен ден. Годинава славиме и 20 години од независноста на нашата татковина Македонија, независност која, вие, припадниците на Армијата посветено, достоинствено и одговорно ја чувате. Бидете уверени дека за тоа Македонија и нејзините чеда ви се благодарни. Задоволството е дотолку поголемо бидејќи годинава се среќаваме во Охрид, на местото кое зрачи со нашето славно минато. Денес сме собрани во градот под Самуиловата тврдина, која е милениумски симбол на желбата на македонскиот народ да се биде свој на своето, да одлучува за сопствената судбина и сопствената иднина. Желба која одново пламна на двата Илиндена и која конечно се оствари пред дваесет години. Денес, како и секоја година, се поклонуваме со длабока почит кон сите наши историски великани и борци, кои со оружје в рака се бореа за македонската држава и за нашата слобода и демократија. Почитувани, Како вистински и достоинствени наследници на славните Илинденци, со гордост можам да кажам дека вие, припадниците на Армијата на Република Македонија, сте еден од столбовите врз кој се потпира македонскиот интегритет и самобитност, но и македонскиот модел на соживот и толеранција. Столб кој нема никогаш да дозволи македонскиот суверенитет да биде загрозен и разнишан. Столб кој ќе продолжи да влева доверба во македонското општество и ќе им овозможи и на наредните генерации да ја живеат својата благосостојба во слободна, безбедна, демократска, европска и евроатлантска Македонија. Големата доверба која Армијата ја ужива во нашето општество е признание на постигнатото, но воедно и обврска да се продолжи со посветено и квалитетно извршување на задачите. Сакам да знаете дека пред нас има уште многу работа. Армијата на Република Македонија каква што ја знаеме денес не изникна преку ноќ. Напротив, таа беше постојано, трпеливо и посветено создавана, зајакнувана и унапредувана од генерациите кои се ставија во служба на татковината. Затоа, денес сакам да им оддадам признание на сите досегашни началници на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, офицери, подофицери, војници и цивилни лица на служба во Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана кои во изминатите 19 години придонесоа во градењето на овој стожер на македонската независност. Дозволете на овој важен ден како Врховен командант да се поклонам со длабока почит на сите припадници на Армијата на Република Македонија кои го дадоа најскапоценото за својата татковина, кои ги положија своите животи за слободата и безбедноста на својата држава. Се сеќаваме со пиетет на сите војници и старешини кои ја поднесоа најголемата жртва за мирот и просперитетот на сите свои сограѓани. Нашата сегашност и иднина, иднината на нашата земја е изградена на нивниот хероизам. Почитувани припадници на Армијата, Минатата година имав можност да ги посетам нашите војници во Кабул. Претходно ги посетив и војниците во мисијата во Сараево. Можам слободно да кажам дека нема подобри, похрабри и подоблесни војници од македонските мировници. Моја гордост е да бидам ваш врховен командант. Во оваа прилика, сакам да оддадам јавно признание и почит кон сите мировници од Армијата на Република Македонија кои во досегашниот период вложија голем труд и посветеност во ангажманот во мисиите во Авганистан, Ирак, Босна и Херцеговина и Либан. Тие придонесоа за воспоставување на мирот во земјите каде беа ангажирани, воедно афирмирајќи ја нашата татковина на меѓународен план. Сакам да подвлечам дека Република Македонија, како партнер и сојузник во антитерористичката коалиција во Авганистан, ќе остане сè додека е неопходно и ќе го следи трендот на транзиција и предавање на севкупната власт на авганистанскиот народ во согласност со интересите на Република Македонија. Ценети екселенции, Свесни сме дека влогот во Армијата е влог во европската и евроатлантската иднина на Македонија. Соочувајќи се со големи предизвици и спроведувајќи темелни реформи, македонската армија денес останува да биде еден од предводниците на реформскиот процес на целото македонско општество. Со голема гордост можам да констатирам дека Армијата на Република Македонија ги исполни критериумите за членство во Алијансата. Сакам да знаете дека со НАТО ги споделуваме истите вредности, интереси и приоритети. Со НАТО ги споделуваме обврските, задачите и одговорностите. Во Алијансата ја гледаме нашата иднина. Република Македонија е еднаква по обврските со сите земји-членки на НАТО, но не може да ги ужива правата и привилегиите што ги носи членството во Алијансата. Верувам дека ќе дојде денот кога Република Македонија и формално ќе стане дел од евроатлантското братство на народи посветено на поголема безбедност, демократија и човекови права во светот. Дами и господа, На овој важен ден, сакам да му честитам на новиот началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија и да му посакам многу успех во напорната работа која, секако, бара врвен професионализам и посветено исполнување на евроатлантските вредности, стандарди и критериуми. Денес, со нас е и новоизбраниот министер за одбрана на Република Македонија. Честитајќи му го изборот и посакувајќи му успех во работата, уверен сум дека заедно со него и со началникот на Генералштабот ќе имаме блиска, координирана и конструктивна соработка за сите прашања поврзани со раководењето на одбраната. А такви прашања, верувајте, има многу. На нас е заеднички да работиме на континуирано усовршување на Армијата, на постојана обука на нејзините припадници и унапредување на материјално-техничките капацитети и ресурси. Тоа е неопходно за одржување на висок степен на борбена готовност за одбрана на нашата татковина, како и обврска кон нашите НАТО партнери, сојузници и пријатели. Тоа е обврска кон вас, нашите храбри војници, старешини и цивилни лица на служба во Армијата. Почитувани присутни, На крајот, честитајќи ви го уште еднаш 19. роденден, сакам да им честитам на сите припадници на Армијата, на сите унапредени старешини и да ви се заблагодарам за вашиот професионализам во извршувањето на одговорната задача, но пред сè за вашата солидарност и лојалност кон татковината. Македонија е земја на слободните, дом на храбрите. Затоа, сакам да знаете дека во очите на граѓаните на Република Македонија, на нашите деца, но и на нашите партнери и сојузници, вие, припадниците на Армијата сте синоним за храброста. Нека ни е честит празникот на Армијата, 18 Август! Да живее Армијата на Република Македонија! Да живее Република Македонија!
|