|
There are no translations available.
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на муслиманскиот свет месец Рамазан, на покана на Демократската партија на Турците во Македонија присуствуваше на свечена Ифтар вечера во хотелот Александар Палас во Скопје. Во оваа прилика Претседателот во поздравно обраќање им ги честита рамаданските пости на сите муслимански верници:
Почитуван Претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван Претседател на Владата на Република Македонија,
Почитуван Претседател на Турската демократска партија,
Почитувани пратеници, министри, амбасадори, стопанственици,
Ценети пријатели,
Голема е радоста и убаво е чувството што оваа година сме заедно на оваа ифтарска трпеза. Овие трпези се симболи на заедништвото, меѓусебното почитување и толеранција, кои со векови наназад ги собираат на едно место граѓаните без разлика на нивните вери.
Колку и да се различни молитвите и постите на нашите сограѓани, заеднички се принципите во кои веруваме и моралот кој нè води. Овој дух кој нè собра заедно на оваа трпеза е истиот тој дух на заедништво, со кој со векови сме граделе соживот, и со кој се стремиме да бидеме дел од заедничкиот европски простор. Блазе нам што тој дух, сите ние го чувствуваме вечерва.
Етимолошкото значење на зборот РАМАЗАН е „согорување“ или поточно „согорување на гревовите“. Почитувани, како што сите ние сме ги соединиле нашите различности и сме се собрале заедно на оваа трпеза, да се надеваме дека овој Рамазан, како што ги „согорува гревовите“ ќе ги „согори“ нетолеранцијата, непочитувањата и поделбите.
Вечерва кога седиме едни покрај други, гледаме колку заеднички нешта нè поврзуваат. Затоа не велам дека е потреба, туку е неопходност, што почесто да се собираме по повод нашите заемни празници. На нашата трпеза има место за секој.
Почитувани присутни,
Вечер на 17-oт ден на месецот на постот, уште еднаш Ви го честитам Рамазан, со молба Господ да ги прими Вашите молитви и пост. Нека помине овој месец во духот на единството, љубовта, почитта кон семејството, соседите и човечноста.
На крај со 7-те совети на големиот турски мислител, Мевлана Џелаледин Руми, Ви пожелувам пријатен ифтар:
1. Во великодушност и помагање на другите биди како река;
2. Со сочувство и милост биди како сонце;
3. Во прикривање на другите грешки биди како ноќ;
4. Во лутина и бес биди како мртов;
5. Во скромност и понизност биди како земја;
6. Во толеранција биди како море;
7. Или биди како што изгледаш, или изгледај како што си.
Ви благодарам.
|