|
There are no translations available.
 По повод 60 годишнината од постоењето на Државниот архив на Република Македонија и во рамките на активностите за одбележување на 20 годишнината од Македонската независност, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го одликуваше Државниот архив на Република Македонија со ,,Орден за заслуги за Македонија’’. Одликувањето на Државниот архив на Република Македонија се доделува за исклучителните резултати во долгогодишното вршење на својата дејност за зачувување и заштита на архивската граѓа, а со тоа и документирање на минатото како сведоштво за историјата на Република Македонија и нејзина афирмација во светот.
Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на церемонијата на доделување на ,,Орден за заслуги за Македонија’’ на Државниот архив на Република Македонија.
Почитувани присутни, Дами и господа,
Ми претставува особена чест и гордост денес да го доделам Орденот за заслуги за Македонија на Државниот архив на Република Македонија.
Со доделувањето на овој орден се оддава признание на шест децениската работа на една од нашите најзначајни институции која е фундаментален носител на македонската државност. Во просториите на државниот архив се собрани најважните документи од нашата историја, се она што е писмен доказ за нашето постоење, од средниот век, османлискиот период, преродбата, национално-ослободителното движење, дваесеттиот век и балканските и светските војни, Народно Ослободителната Војна и ослободувањето, изградбата на Македонија како рамноправна членка на југословенската федерација, се до дваесетгодишниот период на градење на самостојна и независна Република Македонија.
 Државниот архив во своите депоа го чува нашето минато и ја регистрира сегашноста, отворајќи патоказ за иднината.
А иднината на работата на државниот архив е секако во дигитализација на архивското наследство со кое располага и која започна пред неколку години со дигитализација на архивскиот материјал од прва категорија. Токму со својот постојан развој, модерна организираност, следењето на светските текови и блиската соработка со истородните институции од странство, државниот архив ги задоволува современите општествени потреби, одговарајќи на барањата на другите институции и на граѓаните на Република Македонија.
Почитувани,
Дозволете при чинот на доделувањето на Орденот на заслуги за Македонија на Државниот архив да им оддадеме признание на сите оние кои беа дел од активностите на оваа институција во изминатите 60 години, како раководители, архивисти, соработници и други вработени. Благодарение на нивната максимална ангажираност, одговорност и посветеност Државниот архив на Република Македонија се постави како еден од најзначајните столбови на нашиот идентитет, самобитност и државност. Зад секоја институција стојат поединци кои со својот труд, професионализам и мотивираност придонесуваат за нејзиниот успех и развој. Токму примерот со вработените во државниот архив е пример и за другите државни институции.
 Најискрено посакувам Државниот архив во годините што претстојат да продолжи со својата основна задача да ја прима, евидентира и заштитува архивската граѓа во своите депоа и да ги дава услугите на корисниците на истата, но и натаму ревносно да работи на истражување во странските архиви со што ќе се збогатуваат материјалите за историјата на Македонија.
Исто така, се надевам и дека ќе се продолжи со уште поголема динамика, најзначајните архивски материјали да се претставуваат пред пошироката јавност преку организирањето на изложби и издавање на книги, зборници, монографски трудови...
Секако на крајот дозволете уште еднаш потврдувајќи ја значајната улога на Државниот архив на Република Македонија како наш бесценет културен и историски трезор да му посакам натамошно успешно функционирање и постојан напредок и развој.
Ви благодарам.
|